Во ноември, Светската програма за храна на Обединетите нации и Меѓународната организација за миграција предупредија на „досега невидена“ закана по безбедноста на храната, предизвикана од ковид-19. Колатералната штета на пандемијата може да се покаже дека е уште полоша од самата болест. Повеќето водечки меѓународни институции што имаат интерес за безбедност на храната сега повикаа на акција за да се спречи појава на заразни болести во иднина и да се направат системите за храна поотпорни на удари. Биолошката иновација мора да биде фактор во нашето размислување, бидејќи се трудиме да одговориме на двојниот предизвик за хранење на растечката популација и одржливото управување со природните ресурси.
Дури и пред пандемијата, Организацијата за храна и земјоделство на ООН (ФАО) предупреди дека повеќе од 820 милиони луѓе немаат доволно храна. Бидејќи се очекува светското население да порасне за приближно две милијарди луѓе до 2050 година, подобрувањето на пристапот до достапна и здрава храна ќе биде клучно за намалување на неисхранетоста и придружните трошоци за здравствена заштита. Иновациите во земјоделството и производството на храна денес се многу потребни. Неодамнешното истражување на светскиот институт „Мекинси“ открива дека биолошките иновации во земјоделството, аквакултурата и производството на храна може да дадат економски принос до 1,2 илјада долари во следните две децении.
Што може да придонесе за овој пораст? Најветувачките иновации вклучуваат алтернативни протеини, одгледување со помош на селекција, генетски инженеринг на одгледување растенија и животни, како и мапирање и измена на микробиомите. Интересот на потрошувачите за алтернативни извори на протеини се зголемува на светско ниво, поради загриженоста за здравјето, животната средина и благосостојбата на животинскиот свет. Замената за месо од растително потекло веќе е широко пласирана на пазарот. Млекото од растително потекло опфаќа 15 отсто од вкупната продажба на млеко во САД и осум отсто во Велика Британија. Исто така на повидок се култивирано месо и морска храна, при што мускулното ткиво одгледувано од клетки во лабораторија е направено за да го имитира протеинскиот профил на животинското месо. На почетокот на овој месец, Сингапур стана првата влада што одобри продажба на месо одгледувано во лабораторија. Во текот на следните десет години, ваквото месо и морска храна може да станат конкурентни на конвенционалните животински протеини.
Селективното размножување растенија и животни не е ново, но одгледувањето со помош на маркери го направи процесот поевтин и значително побрз, бидејќи овозможува избор на посакувани одлики дури и ако прецизните гени што ги генерираат сè уште не се идентификувани. Додека за развој на нови сорти земјоделски култури претходно беа потребни 25 години, сега тоа може да се направи само за седум. Бидејќи селекцијата со помош на маркери сè уште не е толку распространета во земјите во развој како што е во напредните економии, постојат значителни можности за раст.
Од развојот на првата генетски конструирана билка (тутунот) во раните 1980-ти, генетскиот инженеринг веќе е одамна познат, а технологијата сè уште се подобрува брзо. Новите алатки, како КРИСПР, помогнаа за попрецизно уредување на гените, овозможувајќи културите многу поефикасно да се приспособуваат на локалните услови, температурата и видот на почвата. Друга ветувачка област на иновации се преносливите уреди за секвенционирање ДНК, кои наскоро би можеле да ги користат земјоделците за да дијагностицираат болести на растенијата, за евентуално подобрување на квалитетот и приносот при елиминирање или намалување на употребата на пестициди. Генетското уредување за подобрување на здравјето и продуктивноста кај храната од животинско потекло сè уште е во зачеток, но интересот за ова поле се зголеми од појавата на африканската треска на свињите во 2019 година. Слично на тоа, мапирањето на микробиомот, поточно бактериите, габите и вирусите, им помага на истражувачите да најдат начини да ја зголемат отпорноста на земјоделските култури, животните и почвата на суша и болести.
Многу од овие биолошки иновации може да ни помогнат да се справиме не само со гладот туку и со намалувањето на ресурсите и пошироките климатски ризици. Според ФАО, одгледувањето добиток за месо, јајца и млеко генерира 14,5 отсто од светските емисии на стакленички гасови, а една третина од целата обработлива земја се користи за производство на добиточна храна. Земјоделството исто така најмногу придонесува за уништувањето на шумите. Климатските промени ја зајакнуваат потребата за биолошки иновации, како земјоделски култури што се направени за да можат да издржат тешки временски услови или да растат во нови средини, вклучувајќи области со екстремни температури, висока соленост или чести суши.
Многу новини веќе придонесуваат за безбедноста на храната, но ќе биде потребно подолго време за месото одгледувано во лабораторија да се пробие на пазарот, а кога ќе се случи тоа, влијанието ќе се почувствува насекаде. Регулативата и перцепциите на јавноста долго време играа позитивна и негативна улога во биолошките иновации. Првиот бран на комерцијално достапни генетски конструирани производи сè уште не пристигнал во многу земји, а 19 членки на Европската Унија сè уште поддржуваат делумни или целосни забрани за нивна продажба. Безбедноста е, очигледно, најважна. Но ако може да се реши загриженоста на регулаторите и потрошувачите, биореволуцијата би можела да го отвори патот кон справување со светските предизвици како безбедноста на храната и климатските промени.
Авторот е постар партнер во претставништво на институтот во Хамбург и ја предводи светската програма за истражување и развој за употребата на фармацевтски и медицински производи.