Како што се продлабочува кризата во Венецуела, конзервативците во САД и на други места радосно укажуваат на катастрофата на чавизмот, за да предупредат на опасностите од „социјализмот“. Шпанската левичарска партија Подемос очигледно се распаѓа, а грчката СИРИЗА постепено губи популарност од 2015 година досега, па дури и непристрасни набљудувачи би можеле да заклучат дека „розовиот“ подем на левичарскиот популизам се приближува до крајот.
Но ваквите процени ги поврзуваат политичките феномени што немаат никаква врска едни со други. Единствената програма што тврдеше дека го претставува исклучиво „народот“, додека ги прогласуваше за нелегитимни сите противници на „социјализмот на дваесет и првиот век“, е всушност чавизмот, кој навистина претставува јасна закана за демократијата. Но Чавизмот е посебна левичарска идеологија, која е вметната во рамка што ја прифаќаат сите популисти.
Конечно, популистите од левицата и од десницата се претставуваат себеси како единствени претставници на хомогениот, доблестен и трудољубив народ. Тие ги отсликуваат сите други претенденти за моќ како корумпирани, а сите граѓани што не ги поддржуваат, како предавници. Нивната политика не е само антиелитистичка, туку и антиплуралистичка.
Спротивно на тоа, другите современи форми на таканаречениот левичарски популизам треба да се сфатат како обиди за повторно откривање на социјалдемократијата. Овие напори функционираат во рамките на демократскиот плурализам (иако некои, за жал, го уриваат – на пример, СИРИЗА е обвинета дека се обидува да им ја поткопа независноста на судовите и на слободните медиуми). Онаму каде што успеаја и каде што ги почитуваат правилата на демократската игра, тие создадоа нов избор за граѓаните, со што го вратија претходно изгубеното чувство на политичка репрезентација.
Автоматскиот одговор за овие партии беше да се отфрлат како „антисистемски“, т.е. да се претстават како дел од проблемот, а не негово решение. Но овој мрзлив поглед ги превртува работите наопаку, како што е случајот и со ставот дека „народот“ секаде сака уште пополаризирачки и поемотивни форми на политика. Овие партии и движења имаа политички и изборни успеси не затоа што се „популистички“, а уште помалку зашто сакаат да ја поткопаат демократијата, туку затоа што нудат нешто навистина левичарско.
Денешните водечки мислители на популистичката левица нудат два аргумента за нивната политичка стратегија. Првиот е дека популизмот ја пополнува празнината создадена од традиционалната левица, кога се здружи со десницата за да произведе форма на политика што политичката теоретичарка Шантал Муф, советничка на Подемос и Непокорена Франција, во периодот по 2000 година ја опиша како „постдемократска“. Бидејќи социјалдемократите на Западот го прифатија умерениот Трет пат – или, „тачеризмот со човечко лице“, граѓаните повеќе немаа вистински избор. Разликата меѓу главните политички партии, забележува Муф, не беше поголема од онаа меѓу „пепси“ и „кока-кола“.
Според Муф, десничарскиот популизам на Жан-Мари Ле Пен во Франција и на Јерг Хајдер во Австрија беше „крик на луѓето“ против недостигот од избор. Трогателните мемоари „Враќање во Ремс“ на францускиот социолог Дидие Ербион од 2009 година, изненадувачки се бестселер во Европа, делумно поради тоа што совршено ја илустрираат динамиката што ја дијагностицираат Муф и другите социјални научници.
Мајката на Ерибон своевремено ги поддржуваше комунистите, а сега гласа за ултрадесничарскиот Национален собир (претходно Национален фронт) на Марин Ле Пен, во знак на протест против денешните социјалисти, претворени во неолиберали.
Сепак, може да се согласиме со дијагностиката на популистичките левичари без да го прифатиме второто големо тврдење, дека најдобриот одговор на денешната криза на политичка репрезентација е да се претстави политиката како конфликт меѓу граѓаните од сите убедувања и мала група олигарси, или „каста“. Имплицитно во оваа рамка е идејата дека граѓаните, како мајката на Ерибон, се изморени од нешто што е поврзано со традиционалната левица и бараат нов приод. Или, како што велат од Подемос: „Ако сакаш да направиш нешто како што треба, немој да го правиш тоа што го прави левицата“.
За време на еврокризата, популистичките левичари развија „трансверзална стратегија“ за надминување на традиционалните идеолошки поделби, под претпоставка дека граѓаните ќе бидат отворени да ја обвинуваат финансиската олигархија за нивните проблеми. Идејата беше да се привлечат не само левичарите, туку и поддржувачите на десничарските популистички партии, заземајќи позиција што беше левичарска во практика, ако не според самото име. Левичарските популисти се надеваа дека гласачите ќе престанат за своите проблеми да ги обвинуваат доселениците ако финансискиот капитализам им се претстави како вистински виновник.
Колку и да се оправдани денешните критики за финансискиот капитализам, прашањето е дали сегашните популистички левичари се во право кога мислат дека ако се повикуваат „народот“, ќе успеат да ги мобилизираат граѓаните, а особено работниците, додека тоа не може да го стори заживеаниот левичарски јазик. Прифаќајќи дека се потребни повеќе од еден или два изборни циклуса за да се провери ова прашање емпириски, податоците досега не го поддржуваат популистичкиот, односно националистичкиот пристап.
На пример, на претседателските избори во Франција во 2017 година, Жан-Лук Меленшон од Непокорена Франција ја напушти својата типично универзалистичка, класноориентирана реторика и го усвои јазикот на „народот“. На неговите митинзи, црвените знамиња беа заменети со „триколорите“, а „Интернационалата“ со „Марсељезата“. Сепак, иако Меленшон добро се држеше на изборите и речиси стигна до вториот круг, францускиот социолог Ерик Фасин забележува дека Ла Франс Инсумис придоби само околу три отсто од гласачите на Националниот фронт.
Меленшон не е единствен европски левичар што заклучил дека „трансверзалната стратегија“ бара вртење кон национализмот. Сахра Вагенкнехт од германската Левица формира движење за обединување на следбениците од разни левичарски партии, а исто така привлече гласачи од ултрадесничарската Алтернатива за Германија. Но, досега, единствената карактеристика на нејзината кампања е нејзиното противењето на „отворените граници“.
Ваквата стратегија лесно може да се врати. Ако ништо друго, се чини дека е поверојатно да ја зајакне позицијата на десничарските популисти со прифаќањето на премисата на нивната имиграциска политика, а оттуѓувајќи ја интернационалистичката левица. Тоа се чини дека е исходот во Италија, каде што ултрадесничарската Лига, наместо нејзиниот поголемиот коалициски партнер, движењето Пет ѕвезди, ја води владината агенда.
Како што истакнува Фасин, наместо да се насочуваат кон работниците чие вртење кон десничарските популисти може или не може да се припише на противењето на нескротливиот капитализам, левичарите треба да се фокусираат на лицата што не гласаат и да ги убедат да излезат на избори. Тие може да бидат во потрага по политики инспирирани од идеалите на социјална солидарност, а не од новооткриениот национализам.
Левицата успеа кога понуди јасни алтернативи за прашања како што се политиката за домување и финансиската регулатива, а не кога се повика на „народот“ (а уште помалку на „нацијата“). Примери за тоа се Џереми Корбин, водачот на британската Лабуристичка партија и Берни Сандерс, независниот сенатор, кој ѝ се спротивстави на Хилари Клинтон на внатрепартиските избори на демократите на претседателските избори во 2016 година и повторно се кандидира за трка за Белата куќа во 2020 година. Овие политичари не предлагаат „социјализам“, туку еден нов социјалдемократски бренд што може да им се допадне на сите што се изморени од „пепси“, „кока-кола“ и од другите неолиберални брендови што се нудат во моментот.
Авторот е професор по политички науки на универзитетот „Принстон“