Светот се соочува со многу предизвици, како ривалството меѓу Кина и САД, брзите технолошки промени, стареењето на населението, влошувањето на економската нееднаквост и на социјалната мобилност и уништувањето на животната средина. ЕУ може да му помогне на светот да ги надмине овие предизвици, но прво треба да разјасни кој ќе ги решава и како ќе го стори тоа
На годинешниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, изјави дека Европа треба да биде повлијателна во светот. Тоа значи „засилување“ на нејзиното влијание во повеќе области. Но во кои области точно? За да се одговори на ова прашање, ЕУ треба да ги идентификува и убедливо да објасни што има да му понуди на остатокот од светот.
Ова е полесно да се каже отколку да се направи, особено во време на брзо менување на динамиката на глобалната моќ. По говорот на Фон дер Лејен, истото прашање му го поставив на еден европски бизнис-лидер и на бивш висок функционер. Ниту еден од нив немаше јасен одговор.
Претставниците на другите најголеми сили во светот не би се соочиле со истите маки. САД се лидери во иновациите и технологијата и може да се пофалат со огромни финансиски пазари. Америка исто така има најсилна војска во светот, што практично ѝ го гарантира глобалниот примат во блиска иднина. Кина, од своја страна, се етаблира како сериозна економска и политичка противтежа на САД, во голема мера преку обезбедување критична позиција во синџирите на создавање и како главен извор на директни странски инвестиции. Оваа офанзива на мека моќ, која вклучува амбициозни глобални инфраструктурни проекти, како иницијативата „Појас и пат“, ѝ обезбеди на Кина многу пријатели, но исто така ги зголеми стравувањата од неизбежна воена конфронтација со актуелниот хегемон (динамика позната како стапицата на Тукидид).
Денешната Европа изгледа несигурно во однос на својата глобална улога. Британија официјално излезе од ЕУ. Зголемениот популизам создава поларизација, парализа и внатрешни притисоци толку сериозни што самиот опстанок на Унијата повеќе не изгледа сигурно. Инвеститорите го забележаа тоа. Берзите во блокот континуирано бележеа лоши резултати во изминатите децении, што укажува на недоверба во долгорочните изгледи на ЕУ.
Сепак, премногу е рано да се отпише Европа. Има четири клучни области во кои ЕУ би можела да се етаблира како глобален играч. Првата и најочигледна е трговијата. Според Светската банка, ЕУ по брегзит останува да биде дом на речиси 450 милиони луѓе и може да се пофали со просечен БДП по жител од приближно 36.000 долари. Така, таа останува многу пожелен трговски партнер.
Втората област во која Европа може да предводи е регулативата, особено во однос на технолошките гиганти. На многу начини, Европа веќе се етаблира како регулаторен пионер. На пример, Општата регулатива за заштита на податоците (ГДПР), имплементирана во 2018 година, им даде на жителите на ЕУ невидена контрола врз нивните лични податоци, поставувајќи нов стандард за правила за приватност на податоците. На национално ниво, Франција има строги закони против клевета и заштита на приватноста. Секако, има прашања за тоа дали строгото регулирање ги ограничува иновациите и економската динамика. На пример, ГДПР може да се смета за претромава регулатива што ги поткопува инвестициите и порастот, особено кај малите и средните компании. Но во момент кога растат сомнежите на јавноста во однос на технолошките гиганти, европското лидерство во оваа област е клучно и оправдано.
Третата област во која Европа може да игра важна глобална улога е во натпреварот меѓу САД и Кина. Стапицата на Тукидид, веќе манифестирана во трговската војна меѓу САД и Кина, не мора да доведе до оружен конфликт, особено ако ЕУ може да дејствува како еден вид судија, помагајќи да се утврди како се одвива мечот меѓу двајцата тешкаши. За да успее во тоа, Европа ќе треба да се снаоѓа не само во економските работи, како што е актуелната трговска војна, туку и во однос на суштинскиот идеолошки судир меѓу демократскиот капитализам на Америка и кинескиот државен модел.
За да го стори тоа, Европа ќе мора да го покаже својот уникатен капацитет во четвртата област, а тоа е одбраната на западните вредности, особено индивидуалните економски и политички слободи. Веќе многу земји го гледаат кинескиот модел како алтернативен пат на развој, иако тој ги избегнува слободните избори и ѝ дава на политичката класа значителна контрола врз економијата. На Европа ѝ останува да ги истакнува недостатоците на овој пристап и да ги промовира либерално-демократските вредности.
Постои причина да се надеваме дека ЕУ ќе го засили своето влијание, како што бара Фон дер Лејен. Всушност, нејзините изјави во Давос се одраз на еден консензус што веќе неколку години се формира меѓу европските политички лидери, особено кај германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон. На пример, Макрон вети дека ќе ја „подмлади“ ЕУ во својот инаугуративен говор за 2017 година и оттогаш ја нагласува потребата да се врати духот на напредокот.
Време е оваа реторика да се претвори во акција. Светот се соочува со силни економски ветришта, вклучувајќи ги и кинеско-американското ривалство, брзите технолошки промени, стареењето на населението во развиените економии, влошувањето на економската нееднаквост и на социјалната мобилност, како и уништувањето на животната средина. Европа може да му помогне на светот да ги надмине овие предизвици. Но прво мора да разјасни точно кои ќе ги решава и како ќе го стори тоа.
Авторката е економистка и членка на управните одбори на повеќе водечки банки и корпорации