Над една година, протекционистичката војна на американскиот претседател Доналд Трамп против Кина, и неговата поширока употреба на царините на увозот за да ги оствари геополитичките цели, поттикнува вознемиреност за иднината на светската трговија. Но тарифите се само врвот на сантата мраз наречена економски национализам. Ако светот не плови внимателно, скриените опасности може да го потопат глобалниот трговски систем.
САД не најдоа никакви следбеници во својата агресивна употреба на царини. Во земјите во развој, има мал притисок да се спроведат слични мерки, зашто толку многу фирми произведуваат на глобално ниво, дури и оние што не зависат од глобалните синџири на снабдување. Во развиените економии, главните сектори што во минатото се бореа да се справат со увозот и конкурентноста, како што е индустријата за облека и челик, главно успеаја да се приспособат. Ова објаснува зошто американските бизнис-лидери во голема мера се спротивставуваат на тарифите на Трамп. Така, се чини дека е малку веројатно дека употребата на царини ќе се прошири надвор од спорот меѓу САД и Кина. И покрај тоа што се вклучени двете најголеми светски економии, тарифната војна се чини дека не се прелева. Дури Трамп полека почнува да ги препознава границите на овој инструмент за водење политика. Сè повеќе докази укажуваат дека, спротивно на очекувањата на повеќето економисти, кинеските фирми ги зголемија цените во согласност со тарифите, негирајќи ја секоја корист што САД би можеле да ја искористат од цедењето на своите доставувачи. САД и Кина неодамна постигнаа договор за „прва фаза“ од трговска спогодба, која би требало да ѝ стави крај на трговската војна, по што пак имаше негирања за какви било поместувања.
Но дури и да нема договор, исходот за глобалната економија можеби не е толку сериозен колку што се стравува. Конечно, билатералната трговија меѓу САД и Кина е околу 700 милијарди долари, помалку од еден отсто од глобалниот БДП. Сепак, пазарите реагираат на секој нов развој во царинската војна меѓу САД и Кина. Тие ги препознаваат подлабоките и далеку посериозни ризици создадени од економскиот национализам, верувањето дека националната безбедност е компромитирана кога економијата и војската на една земја зависат од увозот. Најјасен пример е стравот на САД од увоз на кинески производи со компјутерски чипови. Но дали треба да се забрани целиот таков увоз во име на националната безбедност? Што е со извозот на компјутерски чипови или софтвер? Дали тие исто така ја загрозуваат националната безбедност? Се чини дека така смета администрацијата на Трамп, судејќи според одлуката да се додаде кинескиот технолошки гигант „Хуавеј“ на црната листа на Министерството за трговија на САД, со што им се забранува на американските фирми да ѝ ги продаваат потребните компоненти на кинеската компанија.
Кинеските креатори на политики признаваат дека САД може да го прекинат пристапот на Кина до напредни микрочипови или дизајни во кое било време, со намера да го стимулираат развојот на своите високотехнолошки индустрии. Затоа, како дел од политиката „Произведено во Кина 2025“, тие работат на тоа да ја направат земјата самостојна во однос на клучните технологии.
Оригиналната мотивација на „Произведено во Кина 2025“ можеби е економска: да се обезбеди раст на високотехнолошките сектори што ќе бидат од витално значење за идната конкурентност. Но во новото геополитичко опкружување, планот мутираше во стратегиска замена на увозот, што никогаш не е ефикасна формула за одржлив раст. Многу геостратегиски напори за намалување на меѓузависноста имаат многу поголемо и далекосежно економско влијание од билатералните царини, што барем создава можности за други доставувачи. Спротивно на тоа, ефектите од прелевање на мерките за национална безбедност се претежно негативни. Високотехонолошките фирми во светот можеби ќе треба да избираат помеѓу кинескиот и американскиот пазар.
Но ризикот од економски национализам се протега надвор од САД и од Кина и го вклучува најголемиот трговски блок во светот, ЕУ. Унијата е основана врз вербата дека меѓузависноста ја намалува веројатноста од конфликти. Имаше мала економска логика во обединувањето на индустријата за јаглен и челик во Франција и Германија. Но политичката логика беше јасна: со заедничка управа на тие витални сектори, материјално беше невозможно секоја од земјите да оди во војна против другата. Но Европа сега се чини зазема поинаков став, барем во однос на другите големи сили. Оваа промена е прикажана со неодамнешниот извештај на Европската комисија, која ја повика Европа на поголема „стратегиска автономија“. На прв поглед, се чини како невина цел: ако ЕУ сака да ги брани своите вредности на глобално ниво, прво треба да го консолидира капацитетот за дејствување. Но овој нагон за стратегиска автономија лесно може да има економско-националистички пресврт. Експертите за надворешна политика веќе повикуваат на европска индустриска политика што би имала повеќе заеднички нешта со „Произведено во Кина 2025“. Некои прашуваат што не е во ред со тоа. Ако кинеската влада може да интервенира за да заштити одредени високотехнолошки сектори од безбедносни причини, Европа треба да може да го субвенционира домашното производство на стратегиски значајни технологии, како што се 5Г-опрема и вештачка интелигенција. Но таквата трка за субвенционирање има малку смисла, во економски или безбедносни услови. Трговијата природно создава меѓусебна зависност. Ако Европа увезува одредени високотехнолошки производи, најверојатно ќе извезува други, како и машини што нив ги произведуваат. Кога станува збор за 5Г-опрема и софтвер, на пример, никој не може да ги развие и произведе сите потребни компоненти. Затоа компаниите од овој пазар создадоа систем од патенти што им овозможува да ја користат технологијата на нивните ривали. Има логика да се аргументира за зголемување на инвестициите во областите на истражување и развој, така што повеќе европски фирми ќе можат да учествуваат во развој на технологиите на иднината. Но економскиот национализам, без разлика дали е трка за субвенционирање или е обид да постигнување самостојност во некои технологии, ќе направи многу повеќе штета отколку добрина.
Авторот е директор на Центарот за студии по европска политика