Може ли директната демократија да го порази популизмот?

Уште од двојните катастрофи во 2016 година, референдумот за брегзит во Обединетото Кралство и изборот на американскиот претседател Доналд Трамп, се појави широко распространетата вознемиреност за „глобален бран“ на популизам и за недостатоците на т.н. директна демократија.
 
Во Велика Британија, од гласачкото тело беше побарано да одговори на премногу упростено прашање за останување или за напуштање на ЕУ. Во САД, републиканските внатрепартиски избори во 2016 година завршија во рацете на неодговорни гласачи и радикални активисти. Оттогаш има повици за повторно зајакнување на „чуварите“, што е љубезен начин да се каже дека небањатите маси треба да се држат што подалеку од политичкото носење одлуки.
 
Сепак, овој либерален импулс претставува погрешно читање на поновата историја. Елитите, а не масите, ги овозможија брегзит и изборот на Трамп. Згора на тоа, бесрамната елитистичка омраза кон директната демократија не само што ја потврдува популистичката реторика туку и го игнорира фактот дека референдумот може да биде многу ефикасно оружје против популистите. 
 
Агитаторите на Трамп и на брегзит како Најџел Фараж не им ги должат своите победи на некакви фатални мани на директната демократија, туку на елитите што соработуваа со нив во процесот. Британските конзервативни лидери можеби го креваа носот пред Фараж, но многумина на крајот сметаа дека неговиот аргумент за брегзит е цврст, исто како што естаблишментот на Републиканската партија му ја додели на Трамп својата официјална поддршка. Да, милиони британски гласачи сепак ќе гласаа за брегзит, а милиони Американци ќе гласаа за очигледно неквалификуван кандидат за претседател. Но тоа е делумно така зашто тие ги уверија познатите личности како Борис Џонсон и поранешниот американски спикер на Претставничкиот дом Њут Гингрич дека ја прават вистинската работа.
 
Но партиските елити не им даваа само поддршка на популистите. Тие исто така одбија одговорност за формулирање кохерентни политички платформи. Референдумот за брегзит беше директен резултат на неможноста на челниците на ториевците да дојдат до колективна, обврзувачка одлука за прашањето за членство во ЕУ. Републиканската партија практично им го препушти својот процес за избор на кандидати на приватните ТВ-станици, чија главна грижа е привлекување што повеќе гледачи.
 
Но зарем либералите немаат право кога тврдат дека има некаква подлабока врска помеѓу популизмот и директната демократија? Конечно, популистичките политичари обично се обидуваат да воспостават директна врска меѓу себе и граѓаните, отсекувајќи ги традиционалните политички партии и, кога е можно, професионалните новинари. Лидерите како Бепе Грило, основачот на италијанското движење Пет ѕвезди, непрекинато ги критикуваат традиционалните политичари и традиционалните медиуми. Сите популисти тврдат дека имаат уникатно знаење за „вистинскиот народ“ и за неговата волја и ветуваат дека ќе бидат негови гласноговорници. Ова тврдење е целосно теоретско бидејќи и „народот“ и „гласот“ се само симболички конструкции. Во практика, никој освен популистичкиот лидер всушност не би требало да зборува. Тогаш, референдумот има многу поголемо значење за популистите. Бидејќи „вистинскиот народ“ веќе е конструиран, одговорот на секое прашање за волјата на народот е познат однапред. Така, за популистите, улогата на „народот“ е целосно пасивна. Гласачите треба само да ја заокружат онаа опција за која веќе се залагале популистите.
 
Но тоа е само една идеја за директната демократија. Друг пристап го смета референдумот како една точка во еден поширок и, пред сè, отворен процес на дебата, каде што граѓаните проценуваат разни тврдења и докази за или против нив пред да донесат конечна одлука. Наместо да паднеме во рацете на популистите со тоа што повторно ќе ги зајакнеме „чуварите“, треба да се запрашаме како може референдумот да ја врати својата демократска функција.
 
Се разбира, може да се истакне дека штетата е веќе направена, барем во земји како Унгарија, Турција и Полска, каде што популистите ги искористија изборите, а понекогаш и многу манипулативните „национални консултации“, за да ја консолидираат својата моќ. Општествените научници допрва почнуваат да се справуваат со прашањето како авторитарните популистички режими можат да се трансформираат назад во демократии. Потребни ни се нови стратегии за справување со она што различно се нарекува „демократско уназадување“, „уставна регресија“ или „автократизација“. Една идеја е да се фокусираме на фактот дека многу авторитарни популистички влади имаат корист од многу поделена опозиција, што понекогаш е резултат на свесен инженеринг на самите популисти. Поделената опозиција има тешкотии во формирањето коалиции и изборот на најдобар можен кандидат што ќе ги предизвика популистите (затоа што секоја партија сака свој кандидат).
 
Земете ги како пример мачните дискусии околу парламентарните избори во Унгарија во 2018 година. По расправата дали екстремно десничарската партија Јобик треба или може да биде сојузник на либералната левица, опозициските партии во голема мера останаа поделени, а сојузот Фидес-КДНП на премиерот Виктор Орбан освои 133 од 199 пратенички места. Не треба да се каже дека формирањето коалиција меѓу екстремна десница и левица е многу проблематично. Но друг проблем е што дури и ако гласачите сакаат промена во Владата, тие можеби не сакаат да се вклучат во тактичко гласање што може да даде еднакво лоша, па дури и полоша алтернатива. Унгарските либерали тешко можат да бидат обвинети дека одбиле да гласаат за кандидат на Јобик.
 

Референдумот нуди еден излез од оваа дилема, поради неговата бинарна структура. Иако тој честопати продуцира необични коалиции, недостигот од опции е важен за индивидуалниот гласач. Откако ќе заврши референдумот, целта на коалицијата е завршена. Уште подобро, референдумот може да се организира на таков начин што ќе ја изложи непопуларноста на популистичката влада, а со тоа се поткопува нејзиното тврдење за застапување на волјата на народот. Разбирајќи го навистина демократскиот потенцијал на референдумите, некои авторитарни популистички влади, во Унгарија, на пример, ги отежнаа оригиналните иницијативи за дејствување одоздола, па нагоре. Можеби изгледа спротивно на општоприфатеното мислење, но директната демократија би можела да биде ефикасно оружје против популизмот. Нема гаранција дека таквата стратегија ќе успее во секој даден контекст, но и тоа е подобро отколку да се чека спас од некакви чувари на демократијата.

Авторот е професор на универзитетот „Принстон“