Нина Хрушчова
Актуелните улични протести во Хонгконг и во Москва без сомнение го загрозија авторитарното дуо, кинескиот претседател Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин. Протестите во Москва, најголеми во изминатите години, мора да го држат буден Путин ноќе или немаше да бидат растурани со таква неконтролирана бруталност. Сепак, наместо да води дијалог со луѓето, Путин демонстрираше дека тој ја има контролата, па дури и се фотографираше во тесна кожна облека со својата омилена банда мотоциклисти.
Како и да е, демонстрациите станаа силен знак за намалената популарност на Путин, вклучувајќи ги и руските елити, чии ставови се важни за разлика од другите форми на јавно мислење. Две децении ривалските фракции на руската елита генерално го сметаа Путин за крајниот гарантор на нивните интереси – особено на нивните финансиски интереси. Но со оглед на тоа што економијата на Русија потона во стагнација предизвикана од санкциите, раководството на Путин почна да личи повеќе на препрека отколку на заштита. Сѐ помалку и помалку Руси сè уште прифаќаат дека „Путин е Русија и Русија е Путин“, мантра што редовно се слушаше пред само пет години, по анексијата на Крим.
Уште повеќе, надежта на Путин дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе ги подобри односите со Русија сега се чини кусогледа, а може да се каже и дека станува збор за чиста заблуда. Иако Трамп ги ослабна американските институции и ги поткопа западните сојузи, влетувајќи право во рацете на Путин, Белата куќа исто така ја направи надворешната политика на САД крајно непредвидлива. Уште полошо, администрацијата на Трамп сега систематски ги демонтира договорите за контрола на оружјето, што долго време носеа одредена сигурност во нуклеарната сфера. Руските елити знаат дека нивната земја денес е лошо подготвена да победи во трката за нуклеарно вооружување со САД, исто како и бившиот Советски Сојуз пред неколку децении. Неодамнешната експлозија при тестирањето ракетен мотор на нуклеарно гориво на руските северни брегови на Арктикот е мрачен потсетник за длабоката неспособност. За разлика од Путин, руските елити се длабоко загрижени дека отуѓувањето на САД ќе ја направи Русија де факто вазална држава на Кина.
Протестите во Хонгконг, кои не покажуваат знаци на ублажување, исто така се производ на авторитарен пристап. Тие почнаа како одговор на предлог-законот со кој граѓаните и жителите на Хонгконг може да бидат екстрадирани на кинеско копно. Со оглед на тоа колку несмасно законодавството беше претставено од лидерката на Хонгконг поддржана од Пекинг, Кери Лам, можно е кинеското раководство да било само слабо запознаено со него и со неговото потенцијално политичко влијание. Како и да е, одговорот на кинеската влада на протестите е самоуништувачки. За почеток, народната армија отворено се закани дека ќе интервенира за да ги растури протестите против владата на Лам. Во случаи кога провладините силеџии, најверојатно стационирани на копното, ги напаѓаа демонстрантите, полицијата беше отсутна. Како што знаат сите во Хонгконг, овие тепања требаше да бидат санкционирани од владата на Си.
Уште пострашно, Си можеби веќе одлучи дека помина времето на „една земја, два система“. Можеби тој смета оти Кина повеќе не може да толерира функционална квазидемократија на нејзината територија и покрај договорот што го прифати како услов за враќање на Хонгконг во рамките на кинескиот суверенитет во 1997 година. Загрижен за Тајван и за неговото уште поголемо политичко оддалечување од Пекинг, Си можеби смета оти жестоката политика кон Хонгконг ќе ги заплаши Тајванците. Ако е така, тогаш тој заборава дека малтретирањето на Тајван некогаш дава спротивни ефекти од посакуваните.
Но Си можеби размислува за нешто уште полошо. Ако заклучи дека владата на Трамп со слоганот „Америка на прво место“ не би сторила ништо за да го заштити Тајван, тој би можел да се реши за изненадувачки напад, со кој би го вратил островот под контрола. Но и ова би било погрешно. Имајќи го предвид поширокиот контекст на кинеско-американските односи, дури и администрацијата на Трамп веројатно ќе одговори на кинескиот воен авантуризам во Тајван. Освен тоа, САД не мора да се вклучат во отворена воена конфронтација со Кина за да покажат оти агресијата кон Тајван е непродуктивна. Воената морнарица на САД сè уште има капацитети да ги прекине поморските маршрути преку кои Кина се снабдува со енергенти и минерали, без разлика дали е активно ангажирана во Јужно Кинеско Море.
Како и во случајот со Путин, претерувањето се чини денес е стандардна позиција на Си, судејќи според неговото постапување со трговската војна и со агресивното однесување кон соседите на Кина. Всушност, покажувањето мускули е толку неодговорно што Кина сега е уште поизолирана дипломатски. Речиси сите водечки воени и економски сили во светот – Европската Унија, Индија, Јапонија, Бразил – одржуваа прагматични односи со претходниците на Си. Но оттогаш, тие се повнимателни со Кина, при што некои дури и се приближуваат кон САД (и тоа во ерата на Трамп). Како што е случајот со Русија, кинеската елита без сомнение ќе забележи дека Си ја турка земјата кон изолација. Надворешниот свет може да смета оти високото раководство на Кина е исто толку зависно за Си, како што е Кремљ од Путин. Но истото многумина го сметаа за советското политбиро и за Никита Хрушчов уште во 1964 година. Хрушчов беше соборен пред крајот на таа година. Има една стара шега во која долгогодишниот советски министер за надворешни работи, Андреј Громико, вели: „Мораше да го отстраниме Хрушчов. Тој беше толку невнимателен коцкар, што ќе бевме среќни на крајот да ја задржиме Москва ако продолжеше да владее“. Хрушчов навистина беше импулсивен кога ја предизвика кубанската ракетна криза. Но тој беше мотивиран од желбата да го одржи воениот паритет со САД. Тој немаше сталинистички грандиозни заблуди, кои се чини денес ги тераат Путин и Си да се коцкаат со иднината на нивните земји. Денес, никој не може стоотстотно да негира дека Путин или Си би можеле да бидат поштедени од судбината на Хрушчов, или дури и од мрачната смрт на Сталин, за која долго се шпекулираше дека е масло на неговите најблиски соработници, кои се измориле од неговиот деспотски пристап.
Авторката е професорка по меѓународни односи и внука на Никита Хрушчов