Кризите најчесто доаѓаат во две варијанти: оние за кои не можевме да се подготвиме, бидејќи никој не ги очекува, и оние за кои треба да бидеме подготвени, бидејќи тие всушност се очекуваат. Ковид-19 е во втората категорија, без оглед на тоа што вели американскиот претседател Доналд Трамп, за да ја избегне одговорноста за распространетата катастрофа. И покрај тоа што самиот коронавирус е нов и не можеше навреме да се предвиди епидемијата, во исто време од страна на експертите беше укажано дека станува збор за пандемија токму од ваков вид.
САРС, МЕРС, Х1Н1, ебола и другите појави на епидемии укажуваа на многу предупредувања. Пред петнаесет години, Светската здравствена организација (СЗО) ја ревидира и ажурира глобалната рамка за реагирање од епидемии, обидувајќи се да ги отстрани воочените недостатоци во глобалниот одговор, искусен за време на појавата на САРС во 2003 година.
Во 2016 година, Светската банка почна со пандемичен фонд за итно финансирање случаи, за да им обезбеди помош на земјите со ниски приходи, во време на прекуграничните здравствени кризи.
Од денешна перспектива, само неколку месеци пред да се појави ковид-19 во Вухан, Кина, извештајот на американската влада ја предупредуваше администрацијата на Трамп за веројатноста од појава на пандемија на грип слична на скалилата на епидемијата на грип што беше пред сто години, во која загинаа околу 50 милиони луѓе во светот.
Исто како климатските промени, ковид-19 беше криза што чекаше да се случи. Одговорот во САД е особено катастрофален. Трамп со недели ја минимизираше сериозноста на кризата. До моментот кога инфекциите и хоспитализациите почнаа да растат, земјата се најде во недостиг од комплети за тестирање, маски, респиратори и други медицински материјали.
Америка не побара комплети за тестирање, кои ѝ беа ставени на располагање од страна на СЗО, и во исто време не успеа да произведе тестови со време. Трамп одби да го искористи својот авторитет за набавка на медицински материјали од приватните производители, принудувајќи ги државните болници да се борат самостојно и да се натпреваруваат едни против други за да се снабдат.
Одложувањата на тестирањата и карантинот многу ја чинеа и Европа, при што Италија, Шпанија, Франција и Велика Британија деновиве поради тоа плаќаат висока цена. Некои земји од Источна Азија одговорија многу подобро. Се чини дека Јужна Кореја, Сингапур и Хонгконг го контролираа ширењето на болеста преку комбинација на тестирање, пронаоѓање и строга политика за карантин.
Во најголем дел, сепак, кризата се одвиваше на начин на кој можеше да се предвиди од преовладувачкиот карактер на управување во различни земји. Некомпетентниот и негодувачки пристап на Трамп за управување со кризата не можеше да биде изненадување.
Од друга страна, не треба да изненадува што владите реагираа побрзо и поефективно кога сè уште командуваа со значителна доверба од јавноста, како на пример во Јужна Кореја, Сингапур и во Тајван.
Одговорот на Кина беше типично кинески: сузбивање на информациите за застапеноста од вирусот, висок степен на социјална контрола и масовна мобилизација на ресурсите штом заканата стана опасност. Туркменистан го забрани зборот „коронавирус“, како и употреба на маски во јавноста. Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја искористи кризата со засилување на моќта, со распуштање на парламентот, откако претходно си даде вонредни овластувања без временски рок.
Неминовните настани, како што е тековната криза, предизвикуваат своја „потврда за пристрасни размислувања“, како што најверојатно ќе видиме во дебаклот со ковид-19, кој ќе биде потврда за нашето гледиште на светот. И можеби ќе ги согледаме почетните знаци на иден економски и политички поредок, кој веќе долго време го посакувавме.
Значи, оние што сакаат повеќе владини и јавни добра, ќе имаат многу причини да мислат дека кризата ги оправда нивните верувања. Оние што беа скептични кон власта и ја декларираа јавно нејзината неспособност, исто така ќе можат да ги потврдат своите претходни ставови. Оние, пак, што повеќе беа за глобалното управување, ќе направат свое видување дека посилниот меѓународен режим на јавното здравство ќе може да ги намали трошоците за пандемијата. А оние што бараат посилни национални држави ќе посочат многу примери со кои СЗО лошо управуваше во својот одговор на пандемијата (на пример, спротивставувајќи се на забраните за патувања и расправајќи се против носењето маски).
Накратко, ковид-19 нема да го намали ниту, пак, целосно да го промени влијанието на тенденциите што беа евидентни пред кризата. Неолиберализмот ќе ја продолжи својата бавна смрт. Популистичките автократи ќе станат уште помоќни од претходно. Хиперглобализацијата и натаму ќе преовладее, иако државите ќе се обидат да ги повратат политиките. Кина и САД ќе продолжат на својот курс на судир. Натаму, битката внатре во државите, која и онака се води, ќе продолжи меѓу олигарсите, авторитарните популисти и либералните интернационалисти, додека левицата ќе се мачи да осмисли програма што ќе ги мотивира мнозинството гласачи.
Авторот е професор по меѓународна политичка економија на Харвард