Кампањата за „брегзит“ беше најавувана како обид да се „врати контролата“ преку враќање на „суверенитетот“ на парламентот на Велика Британија. Затоа е доста иронично што еден од првите потези на брегзитерите по доаѓањето на власт беше да се суспендира парламентот и да се затвори дебатата за претстојното повлекување на Британија од Европската Унија на 31 октомври.
Игнорирајќи ја волјата на парламентот, каде што мнозинството пратеници се спротивставуваат на сценарио без договор со ЕУ, британскиот премиер Борис Џонсон сега маневрира да ги привлече гласовите на евроскептичната партија Брегзит за да може по секоја цена да го испорача брегзит. За таа цел, тој санкционира сеопфатна политичка војна, која се заканува долгорочно да ја поткопа британската парламентарна демократија. Продлабочувањето на политичката криза на Британија е делумно резултат на неуспехот на парламентот да го ратификува договорот за брегзит, преговаран од претходникот на Џонсон, Тереза Меј, со Европската Унија. Недостигот од кодифициран устав на Велика Британија, во комбинација со нивото на политичка поларизација што сега им конкурира на Соединетите Американски Држави, прави потенцијалните исходи од сегашната состојба тешко да се предвидат. Секој што ќе ви каже како ќе заврши ова, всушност само нагаѓа, затоа што никој не може да знае. Велика Британија се соочува со постојана состојба на неизвесност и тоа, само по себе, е дестабилизирачки за секоја земја.
Како што се згуснува политичката магла и отчукува часовникот за преговори, лесно може да се изгуби од вид крајната игра. Од референдумот за брегзит во јуни 2016 година, и под Меј и под Џонсон, се забележува извонредно отсуство на сериозна дебата во Велика Британија за тоа што би требало да биде решение на проблемот. Водачите на земјата покажаа мистифицирачка неподготвеност да се справат со далекосежните геополитички одлуки што ќе ги бара брегзит.
Но бидете сигурни дека заминувањето од ЕУ ќе ја присили Велика Британија да се мачи со многу потешки одлуки. Дали британскиот народ сака да ги напушти европските стандарди за храна, лекови, благосостојба на животните и безброј други регулаторни проблеми во корист на американски регулаторен модел? Никој не знае, ниту пак имало вистинска расправа за трошоците и придобивките од тоа. Претседателот на САД, Доналд Трамп, наметна царини на увезените производи и од сојузниците и од противниците на САД. Дали Британците, кои долго време се залагаат за слободна трговија, се подготвени да играат со водечкиот протекционист во светот? Со додворување на Трамп и во потрага по брз трговски договор со САД, владата на Џонсон едноставно претпоставува дека британскиот народ поддржува драматично префрлање од регулаторната сфера на ЕУ. Во рамките на ЕУ, Велика Британија има видно место на преговарачката маса и јасен глас за правилата што се донесуваат. Со усогласување со САД, земјата ќе треба да трпи сѐ што ќе побара Трамп.
Неодамнешните анкети сугерираат дека тоа не е она што го сака јавноста во Велика Британија. На прашањето кого би сакале да имаат близок трговски партнер, 50 отсто велат дека ја сакаат ЕУ, а само 21 отсто се одлучуваат за САД. Меѓу младите луѓе резултатите се уште поизразени, со 58 отсто за ЕУ и само 14 отсто за САД.
Трамп тврди дека ги сака Велика Британија и британскиот Трамп (како што го нарекува Џонсон), но тоа лесно може да се промени. На крајот на краиштата, неговото мислење за странските лидери и сојузници се менува како што ќе дувне ветрот. При сценарио на брегзит без договор, Британија ќе зависи од милоста на чудниот претседател на Америка и ќе се соочи со егзистенцијални предизвици за Обединетото Кралство со Шкотска, Северна Ирска, Велс и со Англија. Но сценариото без договор не е неизбежно. Договорот што го преговара Меј предвидува близок иден однос меѓу Велика Британија и ЕУ. Тој аранжман, за кој гласаше самиот Џонсон, сè уште чека ратификација. Иако има одреден простор за подобрување на договорот за да се направи поефикасен, добрата работа е што тој веќе нуди здрава основа за блиска асоцијација меѓу Велика Британија и ЕУ во иднина. Поточно, договорот предвидува создавање заеднички комитет, во кој учествуваат претставници од Британија и од ЕУ, кој потоа би послужил како средство за идна соработка. Во низата лаги и дезинформации што ја дефинираа дебатата за брегзит, можностите што ги нуди договорот едвај излегоа на површина. Но тоа не изненадува. Проектот брегзит беше некохерентен од самиот почеток. Британија никогаш не ја изгуби „контролата“. Во свет во кој доминираат кинеско-американски суперсили, единствениот начин европските сили со средна големина да го заштитат својот суверенитет е да формираат обединет фронт. Нечесноста на Џонсон е доволно лоша за земјата, но тој сега се обидува да ја затвори демократската дебата за да постигне одредена политичка цел.
Не е доцна за британските политичари, дури и за самиот Џонсон, да престанат да играат игри и всушност да ги објаснат промените со кои се соочува нивната земја. Само преку чесно, одговорно лидерство, Велика Британија може конечно да има вистинска дебата за своето место во светот. Без оглед на исходот од преговорите меѓу Велика Британија и ЕУ, брегзит е само почеток на еден подолг процес. Битката за душата на Велика Британија штотуку започна. Но прашање е дали битката ќе биде фер.