(Во чест на д-р Христо Андонов Полјански)
Еве, ја отворам небесната порта, невидлива за вас долу.
Пливам низ синевината просторна, а таму се моите сакани
девојки, жени влезени во моите книги за војните, воините,
за љубовите, за новите деца што пред моите очи се раѓаат.
Ете, мислев дека треба да бидат прочитани, со надеж да бидат разбрани. Толку многу видов, толку многу Медитеранот
го засакав, срцето на планетата е, што бие битки да опстане
и вие тука некаде застоени врз немирните води во оревова
лушпа насобрани. Брановите од сите страни ве удираат,
ама вие толку многу возбудени од природата неумолива,
од тие меѓу вас, некои што бегаат во оглави невидливи,
а сторливи со свртени грбови, за да не им ги гледате лицата.
Најмени се од други, господари на крвта и смртта.
Еве, ви ги подавам моите возљубени, ќерките на Зевс и Мнемосина, книгите со нивните имиња, верни придружнички да ви бидат.
Калиопа ви ја пее епската поезија, Уранија ве воздигнува
до астрономијата, Полихимнија ги собира песните на хоровите
и длабоката поезија, Ерота во љубовната лирика запливана,
Терпсихора влезена во играта вечна, Мелпомена ве предупредува на трагедијата видлива и невидлива, Талија сака да ве развеселува, Еутерпа со музика да ве погали и мојата омилена Клија, мојата историја, што ве насочува кон вашата историја, онаа забележана и пренесена во книгите на Полјански, тој од Дојран дојден, роден меѓу вас. Дали ги знаете овие книги пренесувачи,
за сите неизвесни времиња, што ве жигосувале. Тие знаци
сега ве предупредуваат, дека сте врамени во рамките на
просторот за уништување, од оние што ви ги свртеа грбовите.
Ете, време ви е сами да се изборите, од оревовата лушпа да ги
изгоните. Не чудете се. Јас сум и воин и вљубеник на вашата
вистина, таа е историјата, што знае да љуби ама и да гони!
***
„Јунаците“ на нашето време
„Пеам за тебе, Играм за тебе, Умирам за тебе, ако треба…“ (фрагмент од еден англиски шлагер од дваесеттиот век)
Векот е друг. Инаку сè е исто. Овој шлагер сега го пеат многумина кај нас, овде, во „северна“ Македонија. Тоа не се луѓето што на улица ги среќаваме. Познати, непознати, овдешни, тукашни, дојдени од некаде. Така староседелци, новоседелци. Секакви. Тоа се оние луѓе што си купуваат намирници. Тоа се луѓе што порано во торби со тркалца ги носеа, а сега намирниците ги носат во кеси, кесулиња. Во смалени кесиња и тие смалени.
Тие пак што овој шлагер го пеат сега, всушност тоа се некои луѓе коишто ние „обичните“, не ги гледаме така на улица, на помин. Тие се луѓе за јавни настапи. Тие се луѓе што заседнуваат во длабоки фотелји. Тие се луѓе што други ги возат во скапи автомобили. Тие се луѓе по коишто камерите трчаат. Тие се луѓе што ветуваат, што се колнат во сè што им е најмило. Така, многу лефтерно, лесно. Тие се луѓе што не знаат дека ако еднаш се заколнеш, во тоа нешто длабоко суштинско, треба да те плаши ако тоа не го исполниш. Станува збор за совест, а совеста е самиот Бог.
Но тие не знаат за совест. Ниту што е бог. Кој е тој се прашуваат. Ние имаме други богови. Не трaдиционални. Ние сме „богови“. Тие имаат еден Бог, кому шлагерски му ја пеат оваа песна. И ова само не е песна, ами заклетва. Но тој кому му ја пеат и самиот тој некому му ја пее, па така сево ова е многу несигурно, како во онаа српската: „Колариќу, паниќу, плeтемо се самиќу. Сами себе заплиќемо, сами себе расплиќемо“ и други и друго.
Тие се луѓе што манипулираат со сите, но најмногу со самите себе. Тие се одушевуваат од своите манипулаторски способности. Тие се вешти на еден видлив, но сосема приспособен систем, речиси карактерен. Тие употребуваат сè со употребна вредност и ако ја немаат, тие ја создаваат. Тие прават нови закони што се само нивни. Тие тоа го бранат само со еден збор „законски е“. Тие така го „спроведуваат“ животот на цел еден народ. Тие и на „тој“ што му го пеат ова шлагерче, истиот тој е од нивниот сој. И така, како народ:
* „…Остануваш надвор без леб,
а ветерот како есенско лисје
врз тебе ги пласти
листовите од фотокопирницата…
… Ја здогледуваш твојата посмртница
со твоето име и презиме
и со другите податоци
кои го потврдуваат
твоето умирање… (од фотокопирницата)
Гордана Михаилова Бошнакоска, писателка
* Од песната „Вест“ во стихозбирката „Планини од картонски кутии“, 1997 год., наградена со „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“ за 1998 год.