Без разлика од исходот од референдумот, сите ние ќе се разбудиме на први октомври и повторно ќе се соочиме со нашата реалност. Иднината не ни зависи од резултатите од референдумот, таа зависи единствено од нас. А она што треба заеднички да создадеме е едно праведно, хумано и достоинствено општество за сите. Во таа насока и го пишувам следниот текст, кој се однесува на три болни точки во нашето општество – образованието, здравството и емиграцијата на младите лекари во странство. Од моите искуства што ги доживеав во земјава и во странство, во државното и приватното здравство и од пречките на кои наидував, можам да дадам неколку сугестии за надминување на дел од проблемите со кои се соочува нашето здравство.
Основата за успешно функционирање на која било институција, вклучувајќи ја и здравствената, е кадарот. Од квалитетот на кадарот зависи како ќе функционираат институциите што треба да ги решаваат проблемите на граѓаните, во овој случај – здравствените проблеми. Бидејќи општата оцена за тоа како функционираат нашите здравствени институции е слаба, следува и дека постои кадровски проблем во здравствените центри, за кој сите сме свесни. Тој проблем се однесува и на квантитетот и на квалитетот на здравствениот кадар.
Во однос на квантитетот на здравствениот кадар, во последно време многу се дискутира за одливот на млади лекари во странство. Анкетите покажуваат дека мнозинството студенти по медицина не ја планираат својата лекарска кариера во Македонија. Причините за овој тренд се многубројни. Од друга страна, кога станува збор за вработувањето на нов медицински кадар, како и во другите сегменти на нашето, за жал, корумпирано општество, младите лекари по правило наидуваат на ситуации каде што за да се вработат не е пресуден квалитетот, туку партиските и финансиските интереси и непотизмот.
Базата на формирање на лекарскиот кадар и во моментот институција што нуди највисок квалитет на студирање на медицинските науки во нашата земја е Медицинскиот факултет на УКИМ. УКИМ не се наоѓа меѓу првите 1.000 универзитети на Шангајската листа. На Шангајската листа универзитетите се рангирани според неколку индикатори на академски и истражувачки капацитети, вклучувајќи – добитници на Нобелови награди и други престижни награди, високоцитирани трудови, број на трудови објавени во релевантни научни списанија итн. Токискиот универзитет, каде што докторирав, моментално се наоѓа на 22-то место на Шангајската листа, а за да може некој да стекне докторат во таа институција услов е да објави како прв автор труд во научно списание со импакт-фактор не помал од 1,0. Со стекнување на докторатот понатаму може да се аплицира за академска позиција, каде што, се разбира, квалитетот и квантитетот на минатиот научен труд се пресудни во изборот.
Додека, пак, на Медицинскиот факултет на УКИМ сѐ уште може да се стекне дури и звање професор без ниту еден објавен труд во научно списание со импакт-фактор.
На Медицинскиот факултет при УКИМ преовладува мислење дека вработените на клиниката треба да имаат ексклузивно право за добивање наставни позиции. Многумина од наставниот кадар чувствуваат загрозување на сопствениот статус доколку во институцијата влезе кадар што би можел да внесе подигнување на стручните и научните стандарди. Познавам неколку колеги што работеле или се образувале на светски познати медицински центри од САД, Германија и Русија што покажале интерес да работат на клиниката за очни болести, но не биле прифатени. За сметка на тоа, клиниката изобилува со кадар вработен под партиски клуч, од кој голем дел не заслужува работно место во здравствена установа од терциерен степен.
Се прашувам како може да очекуваме високо котирање на Шангајската листа за универзитети со ваков начин на размислување и функционирање?
Од друга страна, државата организира стипендирање студенти што ќе се запишат на првите 100 универзитети на Шангајската листа. Тоа е, секако, корисно за државата доколку тој кадар навистина се интегрира во високообразовниот процес во државата. Во мојот случај, иако стипендирана од странска држава, и по два обида не бев примена за наставно-научно звање на УКИМ. Ова покажува дека иако таков кадар постои во Македонија, сепак законот не овозможува реално интегрирање на тој кадар во високообразовните центри во Македонија.
Овие проблеми би можеле да се коригираат со законски регулативи, се разбира доколку за тоа има слух и волја. Еден таков позитивен пример е законот за нострификација на дипломите стекнати во странство по кратка постапка, со комисии составени од Министерството за образование. Исто така, програмата за стручно доусовршување на здравствениот кадар во еминентни центри во странство овозможи процедури што нашите наставници не сакаат или не знаат да ни ги пренесат за да можеме да ги практикуваме во институциите каде што работиме.
Се разбира, кадарот е основата, но она што е исто така клучно за работата на здравствената институција е беспрекорната организација, која зависи како од политиките на Министерството за здравство, така и од раководителите на здравствените институции. Критериум при поставувањето раководители првенствено треба да бидат искуството, докажаните менаџерски способности и професионалноста, иако сме сведоци дека партиско-непотистичките и локалпатриотските односи сѐ уште се главните фактори при поставувањето на раководните кадри во здравството.
Во име на подигнување на квалитетот на здравството во Македонија, сметам дека треба да се определат строго утврдени критериуми за вработување кадар според принципите што се применуваат во развиените здравствени центри во светот. Потребно е законските регулативи да се променат во однос на значењето на искуството стекнато во реномирани центри во странство, како и добивањето позиција исклучиво според ранг-листи, а не според можноста за вработување со минимум добиени бодови. Исто така, преносот на стручните знаења и вештини треба да биде задолжително за сите што ќе добијат можност да го стекнат, онака како што и предвидува Хипократовата заклетва.
Во високообразовните здравствени институции е потребно да се проценува квалитетот на научноистражувачката работа и според резултатите да се вреднуваат и добиваат средства. Доколку доследно се спроведуваат овие принципи, на младите лекари ќе им биде предизвик да останат да работат во сопствената држава. Она што најмногу ги демотивира младите не е толку скромната лекарска плата, колку што е неправдата.
Отсуството на соодветни промени во здравството и образованието ќе го одложи комодитетот на малкутемина што, и без вистинска наука и залагање, ќе ја носат титулата – професор. Лекарите што заминале и останале да работат во странство ќе бидат задоволни со нивниот избор – нема да ги гризе совеста дека можеле да направат нешто за својата земја, бидејќи немало да добијат таква шанса. Но мнозинството пациенти, студенти и специјализанти ќе бидат незадоволни и ќе бидат принудени да одат во странство во потрага по своето здравје и среќа. Креаторите на политиките во образованието и здравството се тие што треба да одлучат каде се приоритетите.
(Галина Димитрова)