Уште долго, ЕУ нема да биде важен фактор на меѓународната сцена. Како што и самите оценуваат, немаат алатки за таква улога. Имаат економска и трговска ама немаат воена и политичка моќ, кои се клучни. Нејзин најголем неуспех беа војните по распадот на Југославија, кога Брисел се покажа неспособен да се соочи со предизвиците и да ги спречи катастрофите. Сега, слично се случува и со Косово. Могерини и другите долго се трудеа ама ништо не направија. И, нормално, САД повторно ги презедоа работите во свои раце и веќе има придвижувања. Наметнаа обновување на железничките и авиоврски меѓу Белград и Приштина и се заканија дека ќе ги запрат сите нивни инвестиции ако Косово не ги тргне нелегалните царини (според ЦЕФТА) за српските (и босански) стоки. Очигледно е дека досегашните совети не дале плод и сега се оди со конкретен притисок.
Се зборуваше дека САД не го сакаат Курти за премиер, дека наводно претпочитале некоја жена, што можеби беше и причината толку долго да не може да се формира Владата. Курти успеа и, како изгледа, недоразбирањата со Вашингтон продолжуваат. Налогот да се тргнат високите царини во никој случај не е некаков реваншизам туку е резултат на заложбите Косово што поскоро да се стабилизира и консолидира, а тоа е можно само преку договор со Србија. Без тоа, Косово ќе остане со недефинирана меѓународна позиција, со што ќе биде доведена во прашање финализацијата на овој по многу нешта клучен регионален проект за САД.
Потегот со царините ја матираше Србија, која немаше соодветен одговор. Материјалните штети за неа беа големи меѓутоа, на подолгорочна основа, последиците би биле значително посериозни за Косово. Објективно, Приштина е позаинтересирана да се дојде до договор со Белград отколку обратно, бидејќи нејзината нецелосна меѓународна интеграција (ООН…) е тежок хендикеп. Немањето договор, секако, ќе го забави и патот на Србија кон Брисел ама кризата во Унијата, како и новата методологија за прием, покажуваат дека и нејзиното зачленување е подалеку денес, од кога било, со или без договор со Косово. Формално, новиот систем на преговори нема да важи за неа, но неизбежно силно ќе влијае и врз нејзиното напредување. Од тие причини, Белград нема поголема потреба да брза со договорот. Покрај тоа, Србија мора нагласено да внимава да не ѝ се повтори Македонија: да го признае Косово и да остане со празни раце.
Изборот на Курти не е првиот пораз на САД на Косово. Приштина одби да се вклучи и во проектот мал шенген, предводен од Србија и следен од Македонија и од Албанија. Тој во никој случај не беше измислица на Вучиќ и беше прво поддржан од Вашингтон, а дури потоа од Брисел. Излезе дека косовските приоритети не кореспондираат со американските. Нивниот амбасадор во Приштина очигледно не ја завршил работата. Најновиот американски притисок врз Приштина мора да се гледа и во тој контекст. Малиот шенген има позитивни регионални аспекти, а е миниран токму таму и, иако започна многу динамично и амбициозно, сега е замрен.
Може да се очекува дека набргу по анулирањето на високите царини, Приштина ќе го промени и ставот околу оваа иницијатива и ќе се вклучи во неа. Се чини дека во прашање е само време. Ако е така во конкретниов случај, американскиот притисок заслужува поддршка. Споменатите политики на Косово водеа ем во заострување на односите со Белград ем во директни пошироки негативни рефлексии врз регионот. Тие однапред беа осудени на неуспех бидејќи во никој случај немаше да доведат до концесии од српска страна.
Неоспорно е дека САД се нагласено заинтересирани Косово што побргу целосно да се етаблира на меѓународната сцена, да влезе во ООН и да ја започне својата епопеја кон НАТО и кон ЕУ. Не треба да се исклучи можноста дека царините за српските стоки беа поставени во согласност со Вашингтон со цел: а) да ѝ бидат опомена на Србија дека е ранлива и б) да се испита нејзината издржливост. Можеби предолго време беа во сила, ама целта беше постигната и Белград, секако, ја научи лекцијата. Сега е време да се гради врз тоа искуство. Тука е Вашингтон, ако тоа веќе не ѝ е јасно на Приштина.
Откако бесрамно беше кутната Македонија, овие потези на САД покажуваат дека тие одлучно продолжуваат да го менаџираат регионот. Сега е на ред Косово, а сигурно ќе следува и Босна. Плановите што ги спроведуваат, воопшто нема да бидат безболни за Србија. Продолжува веќе докажаната поддршка за Приштина, со таа разлика што таа сега нема лесно да може да излегува од прецизно поставените шеми бидејќи процесот привршува. Ако околу царините и имало некаков договор, по сѐ изгледа дека одбивањето на малиот шенген е автохтона одлука на Приштина. Тоа има своја логика ако се знае дека нивни главен приоритет е што поскоро бришење на границата со Албанија а не некакви регионални проекти. Косово има и објективни причини за своите резерви околу овој проект: со него, тие би ја релативизирале границата со Србија, која е симболот на нивната независност.
И во минатото, Албанците излегуваа од рамките на американските регионални политики ама набргу се враќаа, откако ќе добиеја по носот. Некои и од тие „излети“, веројатно, не беа случајни ама секако имаше и непланирани. Со релативно голема сигурност може да се тврди дека недоразбирањата меѓу Вашингтон и Албанците во иднина ќе бидат и почести и посериозни. Особено со Косовците, кои се најекстремни во однос на големоалбанскиот проект. Благодарејќи на американската помош, Албанците го постигнаа речиси максимумот во решавањето на своето „национално прашање“ и практично немаат повеќе поголема потреба од нив. Особено откако ќе го обезбедат српското признавање на Косово. Тогаш, нивните политики ќе бидат многу помалку зависни од Вашингтон, со сите ризици за меѓусебни недоразбирања. Тие, секако, и понатаму ќе водат сметка за американските интереси ама тоа нема да биде од позиција на директен зависник туку од фактор што има свои планови. Клучно е што ќе растат амбициите и аспирациите на Албанците кон Црна Гора, Јужна Србија и, зошто да не, Чамите во Грција. Ќе сакаат да земат сѐ што можат. Ќе следуваат сериозни несогласувања. Тешко е да се верува дека САД ќе дозволат дестабилизација на овие три земји и на регионот.
Македонија не ја спомнуваме бидејќи е веќе урнисана и се при крај нејзината албанизација и федерализација. Државата нема да се разбива бидејќи тоа би значело нова балканска војна ама границите кон Албанија и Косово, и без ЕУ, максимално ќе се релативизираат и, практично, (речиси) сите Албанци ќе живеат во една држава. Албанците од земјава, поодамна така се однесуваат. Одредена своја улога во таа насока има и малиот шенген, против кој не можеме да бидеме бидејќи проектот многу личи на фундаментите на самата ЕУ. Во целина, тој е сепак корисен и за нас.
Нормално би било да се очекува дека и Вашингтон наскоро ќе дојде до заклучок дека „албанското национално прашање“ е – решено. Така би се намалил и нивниот притисок врз Македонија. Ако САД навреме го сфатат тоа, ќе го спречат и неизбежното албанско агресивно настојување за освојување на преостанатите територии во кои живеат Албанци. Вашингтон не смее да дозволи и прерано обединување на Косово и Албанија, надвор од договорот на Ахтисари, бидејќи последиците ќе бидат сериозни.
Во новите регионални услови, и за Македонија е крајно тешко како соодветно да се однесува. Кај нас веќе не е спорно дека политиките кон Косово и Албанија ги водат Албанците, а не Македонците. Тие секогаш ги гледаат работите во рамките на „националното прашање“. Ако така се продолжи, државата на Македонците наскоро сосема ќе исчезне, како што јасно најавија капитулантските договори со Бугарија и со Грција.
Сепак, шансите за наш спас сѐ уште постојат, иако времето нагласено повеќе не работи за нас. Работите можеме да ги промениме само на избори. Друг начин нема. Сите мораме одговорно да се однесуваме и да гласаме бидејќи сме соочени со историски предизвик. Во прашање е нашиот опстанок како Македонци. Право на грешка – немаме.
Ристо Никовски, поранешен амбасадор