Пред неколку дена, во една популарна телевизиска емисија, од познат стопанственик и член на Владата, во врска со промена на името на државата можевме да чуеме дека за него секогаш се битни придобивките, а не цената, па затоа порано изјавил дека за него е прифатлива и Горна и Долна и Северна Македонија. Oва не може поинаку да се сфати освен како идентификување на државата со трговско друштво при чија продажба или други зделки за сопственикот не е битна цената туку се битни само придобивките. Очигледно таков пристап се имало и при преговорите за името на Република Македонија, кои требаше да се водат само за разликата во името, но бидејќи цената не била битна, со промена на името продадени се и идентитетот, културата, историјата на македонскиот народ. А со бришење на одлуките на АСНОМ од преамбулата на Уставот истргнати се и темелите на државата Македонија. Тоа, како што беше објаснето, морало да се направи затоа што тоа го бара договорот со Грција, а договорот со Грција бил многу побитен од одлуките на АСНОМ! Како е можно да нема место во преамбулата за одлуките на АСНОМ, кои се историски и со уставноправен карактер и кои се темел на македонската држава. Сметале дека е доволно во преамбулата, наместо одлуките на АСНОМ, да се наведе прогласот (известување, соопштение) за донесените одлуки!
Па, така, со замена на името Република Македонија со Република Северна Македонија и со бришење на историските одлуки на АСНОМ, добиваме осакатена преамбула. Простете, но тоа не може да биде преамбула на устав на државата што е основана во 1944 година со одлуките на АСНОМ. Не може Уставот на Република Македонија, во кој е содржан и изразен уставноправниот континуитет на македонската држава од АСНОМ до денес, да биде нагрден со амандмани со кои се спроведува спогодба склучена со странска држава. Особено што обврските за државата преземени со спогодбата, се преземени неовластено и без претходно да се прашаат граѓаните на Република Македонија, кои, како носители на суверенитетот во Република Македонија, не дадоа согласност за спогодбата ни на референдумот одржан на 30 септември оваа година. Молчењето на две третини од гласачите не значи согласност за спогодбата, туку значи неприфаќање. Собранието нема надлежност за менување на уставното име на државата, но и кога би била предвидена таква надлежност, промената не би смеела да се направи без согласност на носителот на суверенитетот, а тоа се граѓаните, и тоа нивна согласност од најмалку две третини од запишаните избирачи. За такво прашање не може да има консултативен односно факултативен референдум, и не може со една третина гласови „за“ да се смета дека е добиена согласноста од граѓаните за промена на Уставот врз основа на спогодбата со Грција. Резултатите од референдумот на 30 септември значеа стоп за спогодбата со Грција, а не легитимација за пратениците да пристапат кон измени на Уставот. Но владеењето на правото одамна не живее во Република Македонија, па со методи и на начин надвор од Уставот и законите, беше обезбедено двотретинско мнозинство во Собранието.
Пратениците на ова Собрание немаат мандат да го менуваат уставното име на државата, немаат согласност од суверениот, но сепак донесоа одлука да пристапат кон промена на Уставот. А Уставот нема кој да го заштити, Уставен суд имаме, а како да немаме. Ја остави во сила одлуката за распишување консултативен референдум со манипулативно прашање и молчи за одлуката за пристапување кон измени на Уставот, иако со таа одлука пратениците згазнаа врз суверенитетот, кој им припаѓа на граѓаните, а двотретинското мнозинство беше постигнато со осум (уценети?) пратеници, кои за својот глас за одлуката се пазареа, што според Уставот е недопустливо, без оглед со какви намери е направено тоа. Одговорноста што овие две одлуки останаа во сила е на Уставниот суд.
Газењето врз суверенитетот на граѓаните продолжува со неверојатната брзина со која се преминува преку нацртот на четирите амандмани, при што за секој амандман може да се чуе дека го „зацврстува“, „цементира“ идентитетот на македонскиот народ. Имајќи предвид дека амандманите на Уставот се носат за целосно спроведување на одредбите од спогодбата со Грција, повеќепати ја прочитав спогодбата, но одредби со кои се зацврстува идентитетот на македонскиот народ не најдов. Нема одредба во која категорично се спомнати македонска нација, македонски народ, туку, според членот 1 став 3 под г) значењето на термините „Македонија“ и „македонски“ треба да се бара во членот 7 од спогодбата, а според членот 7 став 1, страните прифатиле дека нивното, односно (соодветно) разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ се однесува на различен историски контекст и културно наследство. Спогодбата е напишана и потпишана на англиски јазик и, очигледно, односното разбирање на термините „Македонија“ и „македонски“ и контекстот на кој се однесуваат, двете страни на спогодбата различно го читаат.
Така, учесниците во спогодбата што ја претставуваа првата страна, тврдат дека во спогодбата не се признава македонска нација. Нивното упорно тврдење создава сомнение дали aнглискиот збор „people“ во членот 7 став 3, во македонскиот превод на спогодбата издаден од Владата, е точно преведен со зборот „народ“. Ова, и затоа што овој збор означува и население, становништво (на српски) што не е исто што и народ. Во еден превод на спогодбата на македонски, англискиот збор „people“ е преведен со македонскиот збор „луѓе“ И државјанството нема да биде „македонско“ туку ќе биде само „граѓанин на Република Северна Македонија“ што ќе произлезе од измената во членот 4 став 1 од Уставот, во кој, со амандманот XXXIII, ќе стои „Граѓаните на Република Северна Македонија имаат државјанство на Република Северна Македонија.“
Овие нејасни одредби од спогодбата треба да бидат разјаснети, а не да се создаваат илузии со изјави дека сме го зацврстиле идентитетот.
На крајот, пак го повикувам Уставниот суд да се одважи и да ја поништи одлуката за пристапување кон измени на Уставот, со што ќе ги заштити Уставот и суверенитетот на граѓаните во Република Македонија. Негова должност е тоа.
Милојка Калкашлиева