„Нашата идеја е да создадеме млади граѓани кои се европски настроени. Нашите ученици учат многу предмети, но не знаат да ги поврзуваат.“ – истакна Царовска.
Навидум се чини дека министерката е во право – учениците не треба да бидат „расипана лента која постојано монотоно се врти до недоглед“ туку логички да ги поврзуваат своите знаења, па сепак се јавуваат два суштински проблеми кои сметам дека е потребно да бидат разгледани. Како прво, водени од ваквата изјава, а судејќи и врз база на репликата од професорката Бешка дека самата таа не е „толку стручњак за историја“, но е „многу јасно дека историјата треба да се учи заедно со граѓанското образование и географијата“, станува очигледно дека на јавноста `и се наметнува концепт создаден од некомпетентни личности.
Зoшто велам некомпетентни? Спротивно познатата стигма дека околу историјата строго гравитира фактографското помнење клучни личности, настани и години, двата постулати врз кои се темели оваа хуманистичка наука се прашањата зошто и како, кои на големо изнанадување на госпоѓата Царовска, не можат да се одговорат без да се има одреден фонд на знаење кој ќе овозможи поврзување на историските процеси врамени во една хронолошка окосница – истата онаа која според гореспоменатата професорка по психологија е непотребна. Навистина прогресивно размислување благодарение на кое се отвора една исклучителна можност да конструираме историска сцена во која Наполеон ќе биде ante portas, а Влад Тепеш – flagellum Dei. Каков апсурд!
Вториот проблем е имплементацијата по принципот magister dixit, кој потекнува не од предметот, туку од начинот на предавање на самите наставници кои, ревносно почитувајќи ја нашата древна, сакрална традиција на партиски вработувања, oсвен неопеаната способност за копирање на партиски воспоставените догми, се и некомпетентни за својата струка, создавајќи одбивност кај учениците кои генерално се препуштени сами на себе.
Имајќи го сето ова предвид, не би сакала ни да замислам како еден наставник од таков тип, кој одвај се стекнал со титулата дипломец, ќе се справи со новите предизвици. Од друга страна, вистинскиот историчар е свесен дека за да ги објасни, на пример, миграциските процеси, потребен е осврт кон историската географија, што значи дека ученикот за време на предавањата не е пасивен примател на сервираните информации туку истите честопати ги анализира интердисциплинарно, дебатирајќи со своите соученици и наставници, и на таков начин го проширува видокругот на своите знаења и вештини, развивајќи поголема благодарност за она кое го има во денешницата, бидејќи согласно познатиот афоризам на Сантајана: „оној кој не го познава минатото е осуден истото да го повторува.“ Звучи познато, но не очајувајте: aegroto dum anima est, spes est!
Jулија Митревска, апсолвент на Институтот за историја