Македонскиот полициски синдикат, како репрезентативен синдикат во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, будно ги следи последните случувања во Министерството за внатрешни работи и во јавноста, поради што чувствуваме потреба од наша реакција и укажување, а сѐ со цел заштита на угледот на вработените во Министерството за внатрешни работи и на самото министерство, како и на животите и сигурноста на нашите членови и на сите вработени во МВР во извршувањето на секојдневните работните задачи.
Повод за ова обраќање се големиот број реакции упатени на наша адреса од страна на наши членови вработени во Министерството за внатрешни работи, поради зачестените неосновани напади по социјалните мрежи и интернет-портали каде што се објавуваат невистинити фотографии и се пласираат лажни вести за вработените во МВР, како во униформа така и во цивилна облека, како и фотографии од цивилни и полициски возила, а кои се насочени кон наводни злоупотреби во однос на професионалното работење и злоупотреби на материјално-технички средства и опрема на МВР. Сакаме да истакнеме дека на овој начин се врши психички притисок над вработените во Министерството, поради што може да настанат пропусти во работењето, а со тоа индиректно да биде загрозена безбедноста на државата, граѓаните и нивите имоти.
Пример за ваквите реакции се последните објави по некои интернет-портали и социјалните мрежи каде што се објавуваат фотографии од цивилни возила за кои се тврди дека се во сопственост на МВР и лица што се вработени во МВР за кои тврди дека наводно ги управуваат тие возила и прават злоупотреба со нив. Како пример го посочуваме последното фотографирање возила во гаражите во комплексот на „Џевахир“, кога во тек била акција на откривање и фаќање сторители на кривично дело, а со самото објавување фотографии во јавноста се загрозуваат животите на вработените во МВР и нивните семејства и се става под знак прашалник успешноста на самата акција.
Сакаме да истакнеме и бараме од новиот министер во МВР, Наќе Чулев, дополнителната министерка во МВР, Славјанка Петровска, заменик-министерот во МВР, Агим Нухиу, директорот на БЈБ, Сашо Тсевски, и заменик-директорот на БЈБ, Бесим Деари, за секој поединечен случај да поведат постапка за утврдување одговорност кој сликал и зошто ги објавил тие фотографии, имајќи предвид дека станува збор за кривично дело „неовластено снимање“, кое е инкриминирано во членот 152 од Кривичниот законик на РСМ и кривично дело „злоупотреба на лични податоци“, кое е инкриминирано по членот 149 од Кривичниот законик на РСМ.
Исто така го повикуваме раководството на МВР преку Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди да ги провери објавите и доколку постои злоупотреба од страна на службени лица од МВР, да преземе соодветни мерки и активности во согласност со законските прописи во Република Северна Македонија и во согласност со правните акти во МВР.
Наедно ги замолуваме граѓаните да не фотографираат возила за кои претпоставуваат дека се од МВР и дека наводно се злоупотребуваат, затоа што е можно со истите тие да се врши службено дејство, кое би го прекинале и деконспирирале, а доколку кој било граѓанин на Република Северна Македонија има какво било сознание за злоупотреба од вработени во МВР, да го пријави до надлежните институции.
За крај, уште еднаш ги повикуваме сите раководни структури во МВР на сериозност и професионалност и на немешање на Министерството во дневнополитички настани и расправања, а вработените во МВР ги охрабруваме секој притисок и закани по која било основа, без разлика дали е тоа политички, верски или друго, да ги пријавуваат кај нас, а сѐ со цел навремено постапување и преземање мерки за заштита на нивните права.
Д-р Марјан Кицев, претседател на Македонски полициски синдикат