Историчарот Александар Раковиќ од Србија ни предлага како да го решиме прашањето со непризнавањето на МПЦ од страна на СПЦ, па вели дека МПЦ-ОА треба да ја признае експозитурата на СПЦ во Македонија во името на таканаречениот владика Вранишковски, па потоа заедно да бараат признавање од СПЦ, затоа што експозитурата на Вранишковски била канонска. Па историчаров ептен нѐ убеди и мене и македонскиот народ дека таа е навистина канонска само не ни објасни по кои канони? По сѐ изгледа дека истиот тој не чита историја па не знае дека СПЦ ја добила јурисдикцијата над МПЦ со окупација, односно анексија и со полнење на џебот на грчкиот владика во Константинопол. Ако некој од некого треба да бара признавање тоа сигурно не е МПЦ туку СПЦ и РПЦ треба да бараат барем прошка од МПЦ и од македонскиот народ за сето она што ни го прават последниве сто години. Толку за историчарот и за неговиот подмолен предлог, а ова важи и за еден наш новинар и аналитичар за верски прашања, кој мудро се затскрива.
Народот искажал една мудра изрека што приближно вели: „Во доброто зло, во злото добро“. Па, така, Македонија во злото ја снајде доброто. Кога бугарската војска ја окупирала Македонија во 1941 год. ги протерала окупациските власти, црковните власти и колонистите, а на нивно место донела свои, а пак нив ги протерале партизаните. Нормално, тие по војната пробале да ги вратат и колонистите и поповите ама Ченто, Крсте и уште некои патриоти не го дозволиле тоа, па сега по 80 години сакаат повторно да ни се вратат.
Деновиве сме сведоци дека Црногорците испаднале наивни, па по војната дозволиле СПЦ да функционира на нивна територија и сега си имаат тешки проблеми. Да знаеле што ќе им се случи по толку години, сами ќе ги побарале Бугарите да ги окупираат и да им ја завршат работата. Резултатот од влијанието на СПЦ во Црна Гора е очевиден и сега таму имаме Срби и Црногорци, а каков ќе биде крајот не се знае.
И на крајот би сакал да анализирам што ќе беше од македонската држава и народ ако ни се вратеа 50.000 колонисти и дружината на СПЦ, ќе имавме ли дојранска и кавадаречка краина по принципот на книнската?
Благоја Филиповски-Бојанче