На еден семинар што се одржа во Венеција во 2000 година се запознав со претседателот на Стопанската комора на Бугарија, Божидар Данев. По негово барање му помогнав на еден негов пријател, кој има бизнис во областа на текстилната индустрија, да воспостави соработка со македонски текстилни компании од источна Македонија.
Синот на претседателот на Стопанската комора на Бугарија, кој има бизнис во областа на заштита на животната средина, покажа интерес за увоз на отпад од Македонија. Меѓутоа, кога разбра дека кај нас има луѓе што ги претресуваат контејнерите и ги собираат повредните работи од нив, се откажа од идејата за увоз на отпад од нашата земја. Пред десетина години за време на една моја посета на Бугарија ми овозможи да го посетам местото каде што се рециклира на отпадот од бугарскиот главен град, кое се наоѓа на десетина километри од Софија. Сиот отпад од Софија се носи во ова место, каде што се селектира во повеќе категории (обоена и необоена пластика, метал, стакло, текстил, хартија итн.). Тоа што не е селектирано се балира и се носи на депонија.
Домаќините, кои ме придружуваа при посетата на местото каде што се рециклира отпадот, ме запознаа и со неговите економски параметри. За изградбата на местото за рециклирање потрошиле околу пет милиони евра! Електрониката ја увезле од Австрија, а статичките делови се произведени од бугарски фирми. Вакви места за рециклирање се изградени во повеќе бугарски градови, кои се помали и поевтини од софиското. Значителен дел од парите за изградба на ваквите места добиле од фондовите на ЕУ за решавање на еколошките проблеми.
Македонија постојано се соочува со проблеми со отпадот и во согласност со податоците на релевантни меѓународни институции спаѓа меѓу најзагадените држави не само во Европа, туку и во светот! Скоро сите македонски градови се затрупани со отпад. Само Скопје има депонија, со која се поврзуваат голем број скандали. Ни едно населено место не сака во неговата близина да се поставува депонија за смет. Гостивар одбива да го прифаќа отпадот од Тетово, така што депонијата во овој град се наоѓа во самиот град. Отпадот од Охрид се носи на депонија што е оддалечена триесетина километри од Охрид, а отпадот од Струга се фрла во близината на градот. Со изградба на заеднички простор за рециклирање би се решил проблемот со отпадот на двата туристички града. Со години без конкретни договори се водат преговори за локација на депониите во источна и во југоисточна Македонија. Медиумите објавија дека за депонијата во источна Македонија се потребни 25 милиони евра, а во западна Македонија дури и повеќе!
Во индустриски развиените земји, отпадот е важен извор на разни суровини и за производство на електрична енергија. Во Шведска, на пример, само 2 процента од отпадот завршува на депонија, додека остатокот се користи за енергетски и други суровини!
Ја користам оваа пригода да апелирам до македонскиот премиер заедно со министерот за екологија и заинтересираните македонски градоначалници да појдат, со еден или со два автобуса, во едно дневна посета на Бугарија и да видат како Софија се справува со проблемот со отпадот. За време на посетата би можеле да погледнат како е решен проблемот со отпадот и во некои помали бугарски градови. Поранешниот и актуелниот скопски градоначалник се „растргнуваат“ од прошетки по европските метрополи и „купуваат“ идеи за фонтани, за споменици, за мостови, за панорами и слични работи, но, не покажуваат интерес да појдат во соседна Бугарија и да ги проучат нејзините искуства во справувањето со проблемот за отпадот.
Коста Стоименовски