Со интервјуто за бугарската агенција БГНЕС, премиерот веројатно се надеваше дека ќе ги подобри односите со соседот. Според мене, и ова интервју е само продолжение на играта што ни се повторува како пред преговорите со Грција во 2017 и во 2018 година. Се покажа дека не се оствари намерата. Наместо да обединува народи, испадна дека тој со својата еднонасочна субјективна концепција на исказите, бранејќи ги интересите само на туѓата страна, а не споменувајќи ги интересите на својот народ, се докажа како некомпетентен политичар, веројатно, советуван од страна на неговите „пиар-мајстори“ и советници, кои да ги броиш не можеш да ги доброиш.
Тие кога го подготвувале премиерот, заради своето незнаење, се движеле по еднонасочна улица и така упаднаа во сопствената клопка од која нема враќање назад, освен да ги бранат интересите на другата страна докрај за сметка на своите. Така, намерите за кооперација и здружување на народите со различни интереси, предизвикаа продлабочување на разликите и натамошно разединување меѓу македонскиот и народот во другата држава. А премиерот како најодговорен и во овој случај, како и секогаш, доцнеше со своето оправдување. Утредента по интервјуто експлицитно кажа дека остануваат црвените линии и нема да има промена на идентитетот и јазикот, за што во интервјуто остана безгласен.
Јас за овие прашања го кажав својот став во овој весник пред кратко време. Повторувам: токму со тие прашања е проширен договорот потшишан во 2017 година и за тие прашања се преговара и се бара исход. За мене колку и од кого да се брани ова интервју, тоа просто е неодбранливо и строго насочено кон одбрана на туѓите интереси, а не интересите на народот што преку парламентот му ја дал власта. Така, образот ставен под нозе, според Денко Малески, премиерот го претвори во образ што молеше за „туѓу земљу“, наместо „за своју“.
Стратегиска грешка на тимот околу премиерот, кој го подготвувал споменатото интервју, е што не направиле временско и суштинско разграничување на собитијата во целиот текст. Навистина, сомнителни се искрените намери на Бугарија, која сака да се претстави како истакнат борец за слобода и кооперација со нас барајќи да ја карактеризираме како земја ослободител, а не нацистичка/фашистичка. Сепак, не смее да се игнорира реалноста дека таа во еден историски период сепак била таква. Загрижувачко е тоа што овие нивни намери, во оваа земја денес се поддржани од огромен дел од народот во оваа земја. Сите анкети таму покажуваат дека над 80 проценти од граѓаните се против влезот на Македонија во ЕУ сѐ додека нашето државно раководство не ги прифати барањата на нивното државно раководство за уништување на сѐ што е македонско.
На што упатува ова, ве молам, ако притоа се има предвид дека на тоа нема реакција од Радев, Борисов, Захариева, Каракачанов и др.! Не сум сигурен дека тоа е обид да се предизвика омраза кај Македонците кон Бугарите. Тоа, сепак, предизвикува обострана неподносливост. Склон сум и убеден дека тоа е когнитивна парадигма што влече корени од нацизмот/фашизмот, која се остваруваше преку образовниот процес во оваа земја, особено по педесеттите години од минатиот век – креирана од Живков, а денес силно поддржувана од негови следбеници, голем дел од интелегенцијата и мнозинството од народот.
Периодот од 1941 до 1944 година е период на окупација на Македонија од страна на бугарскиот нацистички/фашистички режим и преку нејзината администрација на овие простори, составена од колаборатори и нивни (бугарски) претставници, убивала Македонци, обидувајќи се да наметне бугарски идентитет, што е ноторен и непобитен историски факт.
Од интервјуто, јас и многу други граѓани, добивме апсолутно сознание (не чувство) дека нашиот премиер се извини за злосторствата на бугарскиот окупатор и неговата администрација (што не е негова обврска или обврска што произлегува од нашиот и „неговиот“ устав) извршени тука на оваа територија. Значи, ги бранеше интересите на неговиот брат Борисов, кој не се извини, а очекувавме негово извинување за злосторствата што ги направиле неговите претходници. Премиерот така направи замена на улогите и државјанствата. Своето го замени со туѓо. Тој не ги одбрани моите, ниту интересите на народот од оваа држава. Еве илустрација за овој исказ. Јас сум роден во тој период на бугарска окупација на Македонија и моето име, според списокот добиен од тогашното министерство за внатрешни работи на Бугарија, матичарот го сменил од Гоце во Ѓеорги. Значи таа администрација, односно матичарот што можеби бил колаборатор морал да се однесува според прописите на таа нацистичка/фашистичка бугарска окупаторска власт, инаку не му бегал куршум.
Ценам дека ако сам одлучувал, тој матичар можеби немало да го смени моето име, бидејќи на мојот кум и на моите им рекол, проверувајќи го списокот на бугарски имиња, дека такво име во бугарскиот јазик нема. Сосема е јасно дека таа администрација на овие наши простори не дејствувала според некои нејзини норми (какви било да се, дури и обичајни) туку според нормите на тој нацистички режим. Така, според мене, Заев имаше можност да пука во две цели. И во моментот имаме комисија што треба да утврди чиј бил Гоце. Име што не постои до ден-денешен во Бугарија сакаат да го присвојат. Невидено во светски рамки.
Откако јас пораснав и ја дознав вистината за моето име, самоиницијативно си го изменив во името со кое го потпишувам овој текст. Затоа, јас целосно го прифаќам ставот на нашиот дел од комисијата по последната нивна онлајн средба, бидејќи барале разумно решение за мултипристапот за улогата на цар Самуил и одбивањето да прифатат промена на придавката македонско, македонски и сл. Почит!
Не знам дали го знаеле споменатиот концепт за „Преговарање за непреговорливото“ ама се на прав пат да не дозволат да се повторат грешките на преговарачот и на премиерот за договорот од Преспа.
За мене лично, искажаното во интервјуто беше сосема надвор и од нормите во меѓународните односи. Во овој спор по еден несиметричен договор е сосема невиден и заканувачки односот на соседот кон нас. Но така е кога нашите политичари при очи, мозок и слух, немаа сознание за принципите од меѓународната дипломатија. Најпрво мислам на принципот „tit for tat“ или по наше „мило за драго“, а по разбирањето на Дачиќ, „како они нама тако ми њима“ или да бидам попрецизен и да го потврдам тоа. Ако Горгиевски не го потпишеше договорот со оваа земја и покрај странскиот притисок, тогаш оваа земја немаше да влезе во ЕУ. Тоа беше акт за почитување, од наша страна, а стана подоцна и повод за лична придобивка на потписникот. Зошто во 2017 година нашата екипа што работеше на договорот и најодговорниот, потписникот Заев, не побараа ист однос кон нас што произлегува од споменатиот принцип.
Така овие наши преговарачи ѝ ги отворија очите на Бугарија и таму им проработе умот, гледајќи со кого си имаат работа и не возвратија со иста мера, туку денес дури незнаењето на нашите преговарачи го користат за да ги интензивираат проблемите за заострување на односите преку многубројни несогледливи желби што не се составен дел на договорот од 2017 година. Затоа со право ценам дека нашите креатори на овој договор предводени од премиерот, ниту чуле за ваков принцип, ниту го знаеле и затоа не побарале од оваа земја да добијат ветување дека нема да нѐ блокираат, па нашите во трката да се покажат како натовци и Европејци јасно ѝ ставиле до знаење на другата страна да го прави тоа што денес ние го читаме и слушаме од другата страна. Затоа јас овој договор не само што по потпишувањето го оценив како несиметричен туку и штетен по нашите национални интереси.
Ако, пак, станало збор за споменатиот принцип „мило за драго“, а другата страна возвратила со излегувањето во пресрет, кога ни беше тешко со енергентите што беа блокирани од страна на Грција, со отварањето на Варна за истовар и пренос на нафтата кај нас, тогаш настапил процес на трговија со нашите интереси што нашите преговарачи не биле способни да одговорат соодветно преку принципите на добрососедство и така се согласиле на високата цена што другата страна денес ја наплаќа заедно со другите политички интереси. Ако се цени влезот во ЕУ и услугата што навистина ни ја направи оваа земја, тогаш е јасно дека нема споредба што може да се изрази преку непроценливите добивки на политички и економски план за Бугарија, во однос на економската загуба што ја остварила оваа земја со дадената помош на нашата држава.
Или, поинаку кажано, политичката и економската добивка на оваа земја со нејзиниот влез во ЕУ никогаш не може да биде еквивалент на она што ѝ го дала на нашата држава во економски поглед (добрососедски односи). Затоа, споменатиот принцип упатуваше и денес упатува на нашиот редослед Бугарија да се освести и да ги симне сите блокади кон нашата држава за влез во ЕУ, бидејќи по нивното признавање на нашата држава ние одговоривме со дозвола за нивен влез во ЕУ. Бугарија и во случајот денес во односите со нас условува по секоја цена да биде во добивка. Тоа ли се добрососедски односи или љубовни односи, во кои едната страна постојано е добитник бидејќи другата страна е заробена во клопката на своите чувства.
На крајот сосема кратко: Бугарија со своите барања, кои се познати (историја, јазик, идентитет и сл.) според мене, сака да изврши политички геноцид врз нас! А несоодветниот одговор на овие барања од страна на ЕУ значи нивна поддршка на тој геноцид. Ако е тоа цената за влез во оваа вештачка творевина јас сум за секаков прекин на преговарањето и свртување на друга страна. Најпрво кон нашиот стратегиски партнер, а ако бидеме одбиени од него, да продолжиме да бараме понатаму…
Ѓорѓи Трипков, економист-аналитичар, пензионер