Повеќе од една година, деца и млади од целиот свет протестираат против климатските промени. Ние започнавме движење што им пркоси на сите очекувања и во кое милиони луѓе го кренаа гласот и учествуваа. Ние не го започнавме затоа што тоа беше наш сон, туку затоа што никој не презеде чекори за да ја обезбеди нашата иднина. Покрај силната поддршка што ја добивме од многу возрасни, меѓу кои и неколку од најмоќните светски лидери, сепак не се презема ништо.
Протестирањето не е изборот што го посакувавме, туку затоа што не постојат други решенија. Бевме сведоци како се одвиваа конференциите за климатски промени во ООН. Безбројни преговори дадоа премногу промовирани но празни ветувања на светските влади, истите влади што им дозволуваат на компаниите што користат фосилни горива да бараат дополнителни ресурси на нафта и гас и да ја уништуваат нашата иднина затоа што така им е попрофитабилно.
Политичарите и компаниите што користат фосилни горива долги години се запознаени со проблемите од климатските промени. Сепак, политичарите им дозволуваат на профитерите и понатаму да ги искористуваат ресурсите на нашата планета и да ги уништуваат екосистемите во потрагата по брзи пари, што е закана за целото наше постоење.
Не мора нам да ни верувате, но верувајте им на научниците што го кренаа алармот. Тие предупредуваат дека речиси сме немоќни да го ограничиме порастот на светските температури од 1,5 Целзиусов степен над прединдустриското ниво, односно границата над која би се поттикнале најштетните ефекти од климатските промени.
Уште полошо е што најновите истражувања покажуваат дека до 2030 година ќе произведеме 120 отсто повеќе фосилни горива отколку да ја задржиме границата на зголемената температура за 1,5 Целзиусов степен. Концентрацијата на стакленички гасови од глобалното затоплување во нашата атмосфера достигна рекордно ниво без знак дека наскоро ќе забави. Дури и по цена државите да ги исполнат своите тековни обврски за намалување на емисиите, ние ќе бидеме сведоци на пораст на температурите за 3,2 Целзиусови степени.
Младите како нас го носат товарот на неуспехот на нашите лидери. Истражувањето покажува дека загадувањето од горењето на фосилните горива е најголема закана по детското здравје. Само во ноември биле продадени пет милиони маски во училиштата во Њу Делхи главниот град на Индија што се должи на отровниот смог. Фосилните горива буквално нè задушуваат. Научната заедница бара итни мерки, а нашите лидери ја игнорираат. Затоа мора да продолжиме да се бориме.
По едногодишни штрајкови, нашиот глас конечно се слушна. Добивме покана да зборуваме токму во главните центри на моќта. Во ООН одржавме говор во салата за состаноци на светските лидери. На Светскиот економски форум во Давос остваривме средби со премиерите, претседателите, па дури и со папата. Поминавме стотици часови во учество на разни панели и разговори со новинари и филмски режисери. Дури и добивме награди за нашиот активизам.
Нашите напори помогнаа да се актуализира прашањето за спречување на климатските промени. Луѓето сега нашироко дискутираат за кризата со која се соочуваме јавно и со силни апели, а не притаено без придавање важност. Анкетите ја потврдуваат промената на гледиштата. Една најнова анкета покажа дека во седум од осумте испитани држави се смета дека климатските нарушувања се едни од најважните проблеми со кои се соочува светот. Друга потврди дека учениците се најголемите поборници за подигнувањето на свеста.
Со промената во ставовите на јавноста, светските лидери исто така тврдат дека го слушнале нашиот глас. Тие велат дека се согласуваат со нашите барања за решавање на климатската криза, но сепак не преземаат никакви чекори. На дваесет и петтата конференција за климатски промени во Мадрид, од Рамковната конвенција за климатски промени на ООН побаравме да се стави крај на ваквата хипокризија.
Во иднина не се откажуваме од протестите што се шират и во другите светски градови, а беа во тек и за време на климатската конференција во ООН што се одржа на 6 декември. Ученици, млади и возрасни лица од целиот свет се обединуваат и бараат од нашите лидери да преземат чекори, но не за да ги исполнат нашите барања, туку затоа што така наложува науката. Мора да се преземат моќни и сеопфатни чекори. Сепак, климатската криза не ја опфаќа само животната средина. Станува збор и за криза на човековите права, правдата и политичката волја. Таа е резултат на колонијалните, расистичките и патријархалните системи на репресија. Ние мора да ги укинеме сите. Нашите политички лидери не смеат повеќе да ги избегнуваат нивните обврски.
Некои велеа дека мадридската конференција не е важна и дека големите одлуки ќе се донесат идната година на климатската конференција во Глазгов. Ние не се согласуваме, а како што нагласува самата наука, немаме повеќе ни ден за губење.
Досега искуството покажа дека ако не преземеме чекори, никој нема да го стори тоа. Така ќе продолжиме со штрајкови, протести и други мерки и ќе стануваме сè погласни.
Ќе сториме сè што е потребно за да ги убедиме нашите лидери јасно да ја поддржат науката за да можат да разберат сите, па дури и децата. Само со колективна акција може да има резултати и веќе го докажавме тоа. Но за да направиме промени, мора да дејствуваме сите. Секој од нас мора да учествува во движењето за заштита од климатските промени. Зборовите не се доволни, мора да се покажеме на дело.
Авторите се Грета Тунберг, Луиза Нојбауер, Анхела Валенсуела, Еван Менесис и Хилда
Флавија Накабуе, климатски активисти од Шведска, Германија, Чиле, Австралија и од Уганда