Последното одложување на датумот за нашиот почеток на преговори за приклучување кон ЕУ, во моментот кога тоа со висок степен на извесност за датум го очекуваа оние што гласаа за промена на името, создаде огромна разочараност меѓу нив, бидејќи тие сметаа дека се завршени сите задачи што се барале од нас за добивање на тој датум. Ама не било така! По ова „не“, кај нас дома голем дел од причините за таквиот исход се бара кај ЕУ, а помал дел дома. Но голема е горчината спрема претседателот Макрон.
Се разбира, целосно разочараните се нафрлија врз претседателот на Франција, г. Макрон, ценејќи дека тој е виновен за сѐ. Наспроти овие, партиите и граѓаните што беа против промената на името и промената на идентитетот од македонски во северномакедонски, вината ја бараат и кај нашата власт, обвинувајќи ја за незнаење, манипулација и наивност. Но има и такви што целата вина ѝ ја препишуваат на нашата власт, а во ставот за односот на претседателот Макрон кон нашиот прием ги препознаваат и нашата неподготвеност, неспособна дипломатија, низок степен на демократија и сл. Изборот меѓу овие ставови за тоа каде треба да се бара вината е најдобро да се сведе на последната оцена, не само поради тоа што не направивме ништо Европа да ја донесеме дома туку и поради тоа што корупцијата и криминалот, наместо да се избркаат, се зацврстија.
Кај нас посебен е проблемот со нашето неединство, односно несогласувањето на двете најголеми партии за тоа како течеше тој процес за промена на името, сѐ до постигнувањето на двотретинското мнозинство во парламентот и неуспешниот референдум. Тоа несогласување меѓу партиите и особено меѓу граѓаните останува една црна дамка во нашата демократија. Сето тоа, сакале ние или не, сепак е сериозен недостиг од знаење како се одлучува за најбитните национални и државни прашања. На тоа се надоврзува прашањето што ќе значи тоа ако го пренесеме тој наш начин на одлучување во ЕУ кога ќе нѐ примаат и дали со тоа не се доведува во прашање градењето на консензусот во оваа институција.
Следното прашање се однесува на незнаењето на постигнување консензус за нашата мултиетничност, проблем што во Франција се гради со поинаков пристап. Мојот дискурс тука е свртен кон тоа како кај нас правата на едно малцинство се над правата на мнозинството. Најдобар пример за тоа е Законот за јазиците, при што тој прецизно се однесува само на правата на најголемото малцинство, а не е регулирано правото на употреба на јазикот на државотворниот народ, кој е мнозински. Во него за правата на другите малцинства нема ниту збор. Во врска со тоа, надлежниот потпретседател во Владата задолжен за ЕУ и гласен заговорник за споменатиот закон, за извештајот на Венецијанската комисија изјави дека каква и да е нивната одлука, законот ќе остане непроменет. Значи, еден наш владин претставник, задолжен за нашиот влез во ЕУ, јавно се декларира дека нему институциите на ЕУ не му значат ништо наспроти она што го донело неговото племе во нашиот парламент. Каков ретрограден политички романтизам во кој не се спречува поединецот за случајните ставови.
Дотука, почитувани, сѐ ви е познато. Ама мора да се изнесат некои аргументи од француската демократија што се сосема спротивни на политичкото однесување на споменатиот. Во тие средини одговорноста на поединецот кон племето и кон сите во општеството не е еднаква и не е како кај нас. Еден мој професор што завршил економски факултет и во оваа земја се дообразовал за највисокиот степен на образование, нам, студентите, повеќепати ни ја споменуваше синтагмата што како да е измислена за споменатиот случајот: „Ако еден лекар погреши, губиме еден човек, ама ако погреши еден политичар во државата, може да се загуби таа“. Оваа филозофија кажува дека застапниците на тесните интереси на својата група, запоставувајќи ги економските интереси на поголемиот дел од граѓаните во државата, во Франција нема да добијат државна или каква било друга функција.
На погоре кажаното се надоврзува и следното. Правдата само за власта е наш сериозен проблем, кој одамна е познат и практикуван кај нас. Но битно е да се спомене дека проблемите што настануваат поради различните толкувања на едните и другите околу определена правна норма, резултираат во тоа дека за едните тоа е правда (вистина), а за другите тоа е неправда (невистина). Од несогласувањето како да се реализираат во практика правните норми трпи целото општество. Во западните демократии вакви игри без граници нема. Таму се знае кој и како ги толкува правните норми, дури тоа е многу прецизно утврдено и во земјите со преседанско право, без оглед на примената на преседаните во вакви случаи.
Сѐ што е искажано тука е само дел од нашата реалност. Може, како што некои очекуваат „не“ брзо да стане „да“, ама во таков случај процесот на преговарање, без зголемен степен на единство и знаење во државата, ќе се одложува недогледно. Ако знаевме како да го користиме сите можности, ние и без промената на името веројатно ќе преговаравме досега за влез во ЕУ, како што веќе ни се укажува.
На крајот сакам да истакнам дека не верувам дека овој однос на Франција кон нашиот прием во ЕУ е нов обид за докрајчување на македонизмот, иако не го отфрлам целосно тоа. Од нас зависи сѐ!
М-р Ѓорѓи Трипков, пензионер, поранешен државен службеник