Мајчината лоза на мајка ми Елена ќе ја раскажам по родословие од прадедо ми Стојче и прабаба ми Сава Димовски. Тие потекнуваат од с. Шештево (Сидирохори), костурски округ, Македонија – Република Грција. Од бракот на Стојче и Сава се раѓа Атанас (Тасо). Тој е роден во 1888 година. Атанас се жени со Анастасија Јачкова. Таа е родена во 1887 година. Анастасија е ќерка на Атанас и Елена Јачкова од с. Шештево. Од бракот на Атанас и Анастасија се раѓаат: синот Петре (р. 1922), синот Иван-Јани (р.1926), ќерката Елена-Лена (р.1927) и ќерката Атина-Тина (р. 1936).
Атанас бил месен војвода во с. Шештево за време на Илинденското востание. Заедно со војводата Пандо Кљашев се борат во с. Невеска и гр. Клисура, Костурска околија. Од Република Македонија е награден со орденот „Илинденец“.

По „Граѓанската војна“ (1945-1948) во кралска Грција со илјадници Македончиња и Грчиња се протерани децата на Атанас: Петре, Елена и Атина во Полска. Атанас и Анастасија со синот Иван живеат во Битола, НР Мaкедонија.
Петре се жени со Томаиа од Шештево во градот Згорзелец.
Елена се мажи за Мичо Џиков од селото Чеган (Агиос Атанасиос), Воденска околија, во градот Згорзелец. Атина се мажи за Живко Давидовски од с. Битуше, Леринска околија, во градот Леглица, Полска.

Петре, Елена и Атина со своите семејства се враќаат во Скопје, НР Македонија, во 1955/1956 година. Семејствата се ставаат на политичко-безбедносна проверка во бараките во КПД „Идризово“ поради нивната идеолошка припадност, бидејќи доаѓаат од Источниот блок.

Од бракот на Петре и Томаиа се раѓаат децата во Полска, синот Борис (р. 1943) и ќерката Ристана (р. 1946), родени во с. Шештево, и ќерката Милка (р. 1951) во Битола.
Борче Димовски е југословенски првак во борење грчко-римски стил, во лесна категорија. Борче е првиот македонски спортист олимпиец што учествува во борење на Олимпијадата во Мексико во 1968 година. Тој е споменат во монографијата за македонското борење од авторот Ванчо Чифлиганец, претседател на Македонската боречка федерација. Тој почина во 2014 година во Германија.

Од бракот на Елена и Мичо се раѓаат децата во Полска: Ставре (р.1952) во Џорџонов и Мирка (р. 1953) во градот Згорзелец. Сестра ми Мирка го носи името на македонската хероина Мирка Гинова, стрелана од грчките монархофашисти. Семејната голгота ја опишав во книгата „Прогонети“, издавач „Студентски збор“, Скопје, во 1991 година, Ставре Џиков поранешен судија, државен обвинител и адвокат. (Види краток документарен филм на Јутуб, „Божествената дама“.) Со чин мајор унапреден во македонската армија во 2002 година, Република Македонија.
Дедо ми Атанас и синот Иван од Битола се преселуваат во Скопје.
Од бракот на Иван и Пандора се раѓаат: ќерката Оливера (р. 1955), ќерката Лилјана (р. 1956 г.) и синот Атанас-Тасо (р. 1960).

Од бракот на Атина и Живко се раѓаат децата Александра (р. 1957 г.) и Александар (р. 1963). Тетин ми Живко Давидовски имаше прекар Маршал Жуков, од партизанско време. Кога се вративме во Скопје, постојано беше затворан во затворот „Кале“. Имено, тој беше проруски наклонет за време на Информбирото. Па, така, кога доаѓаше претседателот и маршал на Југославија Јосип Броз-Тито, македонската тајна полиција постојано го затвораше по неколку дена во затворот „Кале“. Живко починал во 1990 година во Скопје.

Дедо ми Атанас починал во 1973 година, а баба ми Анастасија починала во 1984 година. Тие се закопани на гробиштата „Бутел“ во Скопје.
Татко ми Мичо починал во 2002 година, а мајка ми Елена починала во 2006 година. Тие се закопани на гробиштата „Бутел“ во Скопје, Република Македонија.

Запишал Ставре Џиков, ноември 2019 година.

Забелешка:
Текстот е подготвен за Меѓународната научна конференција „Македонија: историја, јазик, култура – 70 години од завршувањето на Граѓанската војна во Грција (1949-2019)“, 30 ноември 2019 година, Институт за македонски јазик – „Крсте Мисирков“, Скопје, Република Македонија.