Образованието претставува педагошки процес во кој се стекнуваат и усвојуваат знаења, систем на знаења, вредности и системи на вредности, кои изградуваат навики и умеења, развива сознајни способности, оспособува за самообразование и создава основа за формирање сопствен светоглед. Образованието создава основа за воспитување на учениците. Реформа во образованието претставува менување и усовршување на постојниот наставен план и наставните програми. БРО избира комисија за реформата на „конкурс“! Секој не може да биде член на таа комисија иако има желба. Членот на оваа комисија треба да биде креативен, да има капацитет, кредибилитет, емпатија и когнитивни способности, да е комуникативен и да е солиден стручњак. Добро да ги познава современите тенденции на светската и европската музичка и ликовна педагогија, дидактика, методика на наставата по музичко и ликовно образование, образовната музичка и ликовна технологија, музичка образовна психологија, современи системи и методи во музичкото и ликовното образование.
Очигледно реформските комисии од 2007 година по музичко и ликовно образование избрани на „конкурс“ не ги поседуваа погоре наведените елементарни услови и поради тоа изработиле најслаб наставен план и наставни програми, така што овие два предмета наместо да се движат нанапред кон европските и светските стандарди, тие ги вратија во шеесеттите години од минатиот век. Избраните реформски комисии од 2007 и 2018 година за изработка на наставен план и наставни програми по музичко и ликовно образование немаа капацитет, кредибилитет, когнитивни спознавања, педагошка, дидактичко-методска и стручна наобразба, бидејќи, најверојатно, не ги следат современите светски и европски тенденции на музичката и ликовната педагогија, поради тоа изработија најслаби по квалитет наставни програми враќајќи ги овие предмети, ќе повторам, во 60-тите години од минатиот век! Таква декаденца на музичкото и ликовното образование во основното образование во Р Македонија досега немало! Единствена иновација во „реформата“ од 2007 година е тоа што веќе нема ученици по музичко и ликовно образование за прво, второ и трето одделение, иако претходно имаше! „Реформаторите“ стручните комисии и советниците по музика од БРО во реформата на образованието од 2007 година деградираа предмети за кои се советници! Мошне храбар иновативен радикален ригиден чекор, затоа што носат одлука нетранспарентно, без да се советуваат со стручната музичка и ликовна фела, без да ги вреднуваат претходните наставни програми, без да извршат едукативно истражување зашто не треба да има учебници од прво до трето одделение и со стручни и научни факти да објаснат зошто ги деградираат овие два предмета? Ваква „реформа“ по музичко и ликовно образование од прво до трето одделение во организацијата на часовите доведува до едностраност во која доминира наставникот со минимална активност, односно пасивност на учениците и дидактички вербализам на наставникот! Го имаа ли предвид овој факт „реформаторите“!? Дали учебниците по овие два предмета интелектуално и физички ги оптоваруваат учениците или на учениците, од оваа возраст, ранците ќе им бидат полесни за 150 грама, толку тежи еден учебник!
Прашувам: во која педагогија, дидактика, методика, образовна музичка и ликовна психологија, „реформската стручна комисија“ и советничката по музика прочитале дека предметите во ОУ се делат на главни и споредни и дека за „споредните предмети“ не треба да има учебници?! Комисиите немале чувство да ја согледаат и оценат моќта на овие два предмета за преобразување на образованието. Мошне дискутабилен е ставот на „стручната комисија“ на чело со советничката по музика од БРО, за реализација на содржините од програмските теми на наставните програми во овие одделенија по хендикепираните предмети. „Стручната комисија“ по сѐ изгледа не знае дека музичкото и ликовното образование не се предмети за играрија – импровизација, туку организиран воспитно-образовен процес во кој ученикот системски и постапно се запознава со тоновиот музички јазик и јазикот на ликовната уметност!
Ваквиот однос на стручната комисија и советничката од БРО кон предметите музичко и ликовно образование, добро им дојде на одделенските наставници да ги заменуваат часовите од споредните предмети со главните предмети! БРО не извршил едукативно истражување како се реализираат новите наставни програми во прво, втор и трето одделение за да ја побијат нашата претходно искажана теза.
проф. Тоде Радевски, бивш советник по музика во ПЗМ