За жал, досега не е направена некаква анализа за тоа колку од возилата што секојдневно доаѓаат во Скопје од другите места влијаат за загадување на човековата околина. Многу од тие возила се патнички, но не е мал бројот ни на дизелаши што влегуваат во градот заради дотур на прехранбени производи (млеко, пијалаци, земјоделски производи и др.). Големи загадувања има од градежните и комуналните камиони, како и од другата моторизација и механизација што се користи во активностите на тие претпријатија. Сите овие возила се главно на дизел-гориво. Забележливо е дека токму тие ретко ги исклучуваат моторите додека го вршат сервисот во градот. Слично прават и градските автобуси на ЈП кога чекаат на почетна или на последна станица, наводно поради страв дека не ќе можат повторно да го стават возилото во погон.
Живеев три години во Штокхоле (1970-1973), таму автобусите на градскиот сообраќај се исклучуваа и на помошните (низ градот) станици ако автобусот треба да стои повеќе од 2-3 минути, или стигнал порано на станицата. Ако веќе имате претстава каква „плејада“ на возила поминуваат по оваа основа, што не успеав да ги набројам, можеме да сфатиме колкаво е загадувањето ако се знае дека нивната „одговорност“ е минимална? Тие не се грижат за загадувањето на градот.
Чудна е одлуката на градоначалникот на Скопје да купи неколку електрични возила за градскиот сообраќај, со што би се намалило загадувањето, но не забележува оти зад секој автобус, кога поминува низ улиците на Скопје, се крева облак од прашина. Градот не е загаден само од возилата туку и од големата нечистотија, од големата прашина по улиците, кои не се мијат редовно. Секое прекопување (раскопување) на улиците на градот трае најмалку по десетина дена, се движат камиони натоварени со песок и со друг материјал што остава валкани траги. Таквите интервенции не само што овозможуваат расфрлување на земја туку и го забавуваат сообраќајот, со што се зголемува загадувањето од возилата Во европските градови интервенција на улиците се изведува прекуноќ и не трае повеќе од едно деноноќие.
Возилата од граѓаните на градот ги има секакви, но може да се повеќе на дизел, оти повеќето од нив се сиромашни и возат заради потреба (да го однесе детето во градинка, училиште и сл.). Сето ова го посочувам за да предочам да не се брза со одлуките без да биде проучен и осознаен проблемот со загадувањето на градот во целина. И да не се случи повторно сиромаштијата да го плати цехот, како и секогаш. Би требало да се оди внимателно и постепено, со притисоци за намалување на користењето на возилата, како на пример мерки од типот: пар-непар, замена на горивото и сл., што ќе ги натера граѓаните да навлегуваат и во сфаќањето на проблемот.
Нормите на Европа, тоа е што нас сега нѐ присилува на спроведување на мерките. Ние, нашата влада треба да седне на европската преговарачка маса. Потребно е секогаш да го имаме предвид тоа што имаме ние сега дома, а тоа е нашиот народ, нашиот граѓанин. Треба да се има предвид дека тој не смее да се принудува и повторно да влегува во сиромаштија и беда. Кога Кинезите преговарале со Американците каква технологија на замрзнувачи (фрижидери), треба да развива Кина, Американците им рекле: „Секако не фреон-технологија“. А Кинезите им одговориле: „Вие веќе 100 години ја користите таа технологија, а ние сега почнуваме и нѐ ограничувате, заради уништување на озонот во литосферата. Дозволете и ние да уживаме во нашиот стандард, со тие благодати. Па потоа да се договараме.“
Не би сакал да бидам погрешно разбран, но потребно е во тие преговори да се разберат и потребите на нашите граѓани, дека и тие треба да имаат некаков стандард. Проблемот со климатските промени е повеќе во развиените земји, тие го направија тој проблем, а ние сега мораме еднакво да го делиме. Де факто тоа е народната „секогаш сиромавиот го плаќа цехот“. Според тоа, нашите преговарачи треба секогаш да ги штитат правата на граѓаните на својата земја, барајќи продолжени термини на спроведување на мерките и средства за одржување на стандардот преку нивни помагања на нашата заедница.
Стефан Поцев, проф. во пензија