За техничкиот кадар, ако сака да работи и да напредува кај нас, како да нема место или институција во кои тој би се развивал, скоро сѐ е уништено или е пред ликвидација, само политиката е таа што цвета. А политиката и техниката тешко одат заедно, едната е наука за ветувања и неисполнувања, а другата е исполнителна и егзактна наука и затоа тешко опстојува во ваква средина. Обично некои од нас, техничарите, поминуваат во политичари, оти тоа им е многу поедноставно и полесно, немаат обврски да исполнуваат и за ништо не одговараат, а и подобро се платени. Кај нас нема случај политичар да дал оставка поради одговорност, а техничарите одговараат за своите грешки, а често завршуваат и во затвор.

На нашите технички факултети многу малку студираат млади кадри, што е многу опасно за кадровското опстојување на факултетите и за образовниот систем на државата. Порано кога имаше таков дефицит во научните и во образовните институции, се ангажираа долгогодишни искусни кадри од стопанството и така се формираше потребниот кадар за квалитетно функционирање на образовната институција. Денес кога сме многу ангажирани околу нашето влегување во НАТО и во ЕУ, можеме да ја направиме истата грешка. Да го прекинеме континуитетот на одливот на наставниот кадар, што би била голема грешка во одржување на квалитетот на наставата на техничките факултети. А тоа значи дека треба да им дадеме можност на актуелните професори да ангажираат (вработат). Тешка ќе биде судбината на нашите млади, покрај „гладната“ Европа за млада работна сила и нивното развиено стопанство (фабрики, институти, лаборатории и сл.), каде што им се потребни голем број квалитетни стручњаци.

Не верувам дека Европејците ќе имаат респект за „жртвите“ што ги правиме ние за да им се придружиме, да влеземе во нивната заедница и да ја градиме ЕУ. Сум престојувал три години во една од скандинавските земји и никогаш не можам да го заборавам фанатизмот што го негуваат спрема својот народ, јазик и држава. Иако сите разбираат и зборуваат англиски, не сакаат ни случајно да се откажат од својот шведски јазик, или од кои било карактеристики на народот и државата (името, државјанството и др.). Затоа, не очекувам некаков респект кон нас поради „жртвите“ што ги правиме за мирно решавање на проблемите на Балканот.
Поради слабото политичко знаење, политичката разединетост и неслогата во земјата, ќе настрадаат нашите млади токму поради тоа што ќе бидеме во НАТО, а и тоа што во перспектива ќе бидеме во ЕУ. Влезот во НАТО и во ЕУ има цена. Грешка е што одлучуваше една партија, една младина. Со либерализацијата и синхронизацијата на договорите со ЕУ, нашата македонска националност ќе испари. Не толку поради припојувањето, туку поради разединетоста во земјата.
Поради неединството, тешко ќе биде да ги задржиме кадрите.

Д-р инж. Стефан Поцев, проф. во пензија


За позитивните ефекти на препаратот авиган

(Отворено писмо до министерот за здравство на Република Македонија)
По вторпат за неколку дена ви се обраќам, но во ова пригода со информации што се појавија во британски „Гардијан“ од 18.3.2020, а потоа и во италијанска „Република“, а кои укажуваат на позитивните ефекти на препаратот со име авиган (генеричко име фавипиравир), кој во Јапонија е одобрен од 2014 година за третман на грип, а има покажано ефикасност во лекувањето на ковид-19. Препаратот има добиено позитивно мислење од директорот на националниот центар за развој на биотехнологија (дел од Министерството за наука на Кина) и се вели дека е сигурен и ефикасен во справувањето со ковид-19.
Поради таа причина, ве молам да се информирате кај нашите инфектолози и фармаколози, а потоа да стапите во контакт со Владата на Јапонија за да го обезбедите овој медикамент.

Д-р Предраг Николовски, Џенова, Италија