Со стекнувањето независност, Македонија започнува процес на политичка, економска, социјална транзиција, со што се исполниле сите услови за демократски правила и вредности што нуделе целосна слобода во изборот на обрасци преку кои се спровеле реформи што ги опфатиле сите јавни сектори со јасна и нагласена цел, автономност во дејствувањето. Всушност, ефикасна, професионална и политички неутрална институција е клучна за државата да ги извршува своите функции. Клучен фактор е зачувување на политичката неутралност на институцијата, која треба да ѝ служи на државата, а не на партиските интереси на партијата во владата. Но што се случи кај нас? Политичките партии целосно го зачуваа надзорот над институциите за да ги потчинат за тесни политички интереси, процес што трае до денес, момент што нѐ води кон класичниот пример на клиентелизам.
Клиентелизмот се карактеризира како комбинација на партикуларизам на тенденции засновани на непредвидени состојби што се силно нагласени во контингентни размени во транзициските општества, каде што сѐ уште се нагласува автократија во име на демократија. Клиентелизмот се покажува на различни нивоа во сите типови на општества. Тоа се случува кога поединци или групи со нееднаков статус се среќаваат додека заземаат различни позиции во социјалната хиерархија. Поединецот што зазема повисока позиција во социјалната хиерархија, т.е. покровител, е способен да им понуди помош и заштита на луѓето или групите лоцирани пониско во социјалната хиерархија, т.е. клиенти гласачи (постојат голем број емпириски докази).
Исто така треба да се потенцира силниот политички притисок и флуидност на политички позиции во јавната сектор, особено на високи позиции што се основни механизми на клиентелизмот. Можеби ваквиот модел на функционирање дава одличен партиски фидбек, што несомнено успешно се спроведува кај нас со децении но, според економистите, основен извор на лоши економски политики е притисокот за прераспределба на приходот, што, барем во демократските системи, произлегува од фактот дека политичката моќ се распределува еднакво од средствата и приходите, но, според нив, постојат два клучни проблема, пред сѐ видливи емпириски, еднаквата застапеност на распределбата и импликациите на прераспределбата. Дихотомијата го нагласува фактот дека политичките партии во транзициските земји се насочуваат единствено кон активности што имаат автократски карактер, што ни дава за слобода да констатираме дека клиентелизмот е клучен за одржување на ваквиот карактер на демократија во Македонија. Во идеална форма, демократските институции се придржуваат до транспарентни и законски процедури. Демократското креирање политики се фокусира на производство и отворен трансфер на јавни добра.
Политичката моќ ја одржуваат избрани службеници што имаат соодветни квалификации, но дали тоа важи и кај нас?
Што претставува јавна институција за македонскиот граѓанин, каква е неговата перцепција за јавна институција? Кога би се направила анкета помеѓу обичното население, убедени сме дека поголемиот дел од испитаниците би дал исто мислење: Јавна институција е организација што во перцепцијата на Македонецот е ,,просторија“ во која има многу луѓе што не вршат каква било дејност, секако, освен основната, типкање по телефонот, стоење во место без каква било цел, често се со намуртен израз на лицето додека заминуваат на пауза десетина минути порано, се враќаат половина час подоцна; момент што во стручната литература се терминизира како партизирана институција која има одредена стабилност преку канализирање на партиските интереси спроведени од страна на администрацијата што работи во таа институција.
Во ваквиот институционализиран систем, моделот на партиска администрација е стабилен, партиите имаат длабоки корени во секој аспект од општеството, политичките актери (административци) гледаат на партиите како легитимни и нужни процеси за демократизација, но во реалноста се соочуваме со сѐ понагласен недостиг од кадри, кои трајно мигрираат, бидејќи не успеале или не сакаат да бидат дел од клиентелистичкиот модел на партизираните сегменти на секој дел од македонското општество а со самото тоа имаме и институционална заробеност од страна на партиите за опстанување на клиентелистичкиот модел на управување, нагласен преку: гласајте за нас, работа за вас.
Согледувајќи ги децениските процеси низ кои минува Македонија, би си дале за слобода да го окарактеризираме општеството како системска или можеби систематска утопија, заробеност на умот, ограниченост во изборот? Или можеби станува збор за неминовен процес низ кој мора да пројде одредено општество пред да созрее и го достигне следниот стадиум, и дали воопшто постои следен стадиум? Безброј прашања што водат кон еден и единствен одговор што го дефинира процесот, кој барем кај нас менувал само бои на знамиња и имиња на субјекти, чинителите децениски се исти, се соочуваат со истите проблеми, решенијата целосно се изоставени.
Но и да се осмелиме да дадеме општа генерализација, јавните политики на нацијата ги рефлектираат историските искуства и вредносните системи што го карактеризираат нејзиниот социјален развој, кој кај нас, за жал, е многу лесно да се карактеризира со децении како хибриден, автократски, со манипулативен карактер, во кој во зависност од политичкиот фактор, политиките се разликуваат во начините на кои се конципира и спроведува значењето на општествените процеси. Ова ги рефлектира не само различните национални традиции во организацијата на јавните функции и испораката на јавни услуги, туку различните филозофии и цели во однос на целата област на општеството и општественото дејствување, со што можеме да заклучиме дека Македонија како држава е децениски заробена во клиентелистичкиот модел на автократската демократија, во која владеат неколку субјекти во кои преовладуваат неколку чинители, сѐ друго е непроменето.
Даниел Ѓорѓевски