Viva Academia – да живее академската слобода

Формирањето на албанската академија на науките во Македонија уште еднаш го крена адреналинот во албанско-македонските односи. За информирање на јавностa ќе дадеме некои податоци за организацијата. Таа е формирана на 29.12.2021 година во Скопје, во Австриската палата. Во моментов има 11 члена и сите се познати универзитетски професори со богати научни биографии. Точното име на организацијата е Академско здружение на Албанците за наука и уметност – Тетово.

Кои сме ние?

Во однос на структурата на луѓето, нивните научни активности, нивното влијание врз заедницата и индустријата, во образованието, академската заедница, станува збор за луѓе со големи научни достигнувања. Сите луѓе се родени, се школувале, работеле или работат тука. Повеќето од нас во времето на политичката диференцијација, по 1981 година, останаа без работа, дури и кога имавме мали деца, а само ние бевме вработени во семeјството. Казните беа затоа што некој бил на свадба каде што се пеело на албански, „Во Елбасан невеста да бидам“, „Убави цвеќиња има Тирана“… дека некој има дете со име Саранда, Ваљбона и др. Неколку од нас се јавиле на конкурсите на МАНУ за нови членови.
Ние сме организирани и функционираме како академија на науките и уметностите. Академијата ги негува, промовира и унапредува науката и уметноста, како и развојот на научната мисла и уметничкото творештво. Фокусот на академијата секогаш ќе биде ставен на економскиот и социјалниот развој на државата, албанскиот јазик, историјата и природното и културното богатство на албанската заедница во Северна Македонија и пошироко.
Од основањето, идејата, структурата на луѓето, мисијата и визијата се замислени за вистинска академија. Идејата е стара и од 1990-тите, и оттогаш се правеле напори и повремени активности за формирање на академијата на науките и уметностите. На 18 април 2023 година се обративме до Владата и Собранието, до медиумите и на македонски и на албански јазик, со елаборат од 121 страница со барање за формално основање на академијата. Собравме близу 100 потписи од универзитетски професори. На 25.10.2023 со писмо број 08-1418-2 како одговор на пратеничко прашање, претседателот на Владата, Ковачевски, вели „дека Владата не добила Барање од Здружението и дека тоа го нашло во Министерството за образование“?!… Во писмото не шета. Талат Џафери и Ковачевски не биле подготвени да нѐ примат на разговор иако упативме неколку барања.

Стручност и компетитивност и социјалдарвинизми

Но последните реакции кога политичките лидери на Албанците презедоа иницијатива оваа организација за почеток да се институционализира преку четирите албански општини и да има финансирање, реагираа дел од членовите на МАНУ. Сето тоа нѐ врати во времето кога професорот Фадил Сулејмани кон крајот на 1994 година се појави пред специјалната полиција во Порој со тефтер и молив во рака и рече дека ние не сме политичари и сакаме образование. „Со молив во Европа“ беше неговата молба и визија. Тогашната влада со оклопни транспортери и полиција сруши џуџеста зграда на Тетовскиот универзитет, уби човек во Мала Речица, а потоа 10 години државата се справуваше со конфликтот што го отворија со студентите и професорите до 2004 година кога министерството реши тој да биде дел од системот на јавни установи. Неколку професори беа во затвор. Ниту еден член на МАНУ не се јави да гледа подалеку од другите, да зрачи со добрина, со предвидливост, хуманост и почит кон другите што размислуваат поинаку и имаат свои неисполнети потреби да го креваат својот глас против политизацијата на образованието и науката. Филозофот Кант ги објаснува овие ситуации со теоријата на добрата волја. Според Кант, единственото нешто што е добро само по себе е „добрата волја“. Волјата е она што ги поттикнува нашите постапки и ја заснова намерата на нашиот чин. Кант мисли дека добрата волја е единственото нешто што е суштински вредно. Тогаш недостигаше волјата и тоа се појави со доцнење од 10 години.
Оваа институција првично беше наречена „паралелна“, „еднонационална“, „мртвороденче“… Денес е отворена и полна со Македонци и Албанци што работат и учат заедно. Но 10 години унитарната држава беше нелојална кон нечии деца, кои беа даночни обврзници и учеа во сурови услови и беа третирани како државни непријатели. Во тоа време, односно во 1994 година, на УКИМ, на македонскиот јазик имало само 2,6 отсто студенти Албанци, значи тој бил еднонационален. Уште тогаш се зборуваше дека студентите на приемниот испит не се избираат по национална основа, туку по стручност и компетитивност за кои се залагаат и денес претседателот на државата, министри, академици и сл. Општествената практика од комунизмот и историјата на нашите човекови права укажуваат на фактите дека „Тетекс“ и „Југохром“ имале околу 100 директорски и раководни места, а ниту еден Албанец во тие структури. Во 1993 година средното медицинско училиште „Караѓозов“ имаше над 2.200 ученици, а само седум Албанци. На директорот M.E. во својата канцеларија, во присуство на советник на министерот, му кажав дека ќе отвориме две паралелки на албански јазик, дека законот го дозволува тоа. Му реков бидејќи вие не сте успеале на македонски јазик да опфатите албанска популација што се состоеше од 36 отсто од вкупниот број ученици во основно, сега ние ќе го направиме тоа. Пoчна да се заканува со бунт на 20 илјади родители и на крајот рече дека „има само седум Албанци бидејќи вие немате квалитет“. Но затоа, тогаш, се најде паметен претседател на Владата, кој го реши проблемот на фин начин.
Денеска МАНУ има еден отсто Албанци и се прашуваме дали е еднонационална? Дали оваа организација, која е основана од Собранието, односно од народот, претставува приближен состав на етничките заедници? Ве молиме не манипулирајте со политички ставови за „стручност и компетитивност“, кои немаат научна основа дека некои етнички групи се попрофесионални, а други не. Државата треба да се грижи за стручноста и компетитивноста на сите етнички заедници, региони, да ги прераспредели општествените ресурси и да создава благосостојба, инфраструктура, социјална правда.
Забележуваме дека на веб-страницата на МАНУ не се користат уставните категории етнички заедници, ни збор, нема ништо ниту за мултикултурното општество, кое претставува, денес и во иднина, основа на европеизмот, американизмот и глобализацијата. Мултикултурата е нашето секојдневие.

Човечки ресурси

Во Северна Македонија има над 1.000 Албанци во високообразовни институции како наставници и истражувачи. Само Универзитетот во Тетово има 763, Универзитетот на Југоисточна Европа 153, Универзитетот „Мајка Тереза“ 92 (https://stat.gov.mk/2021-2022). Само овие, без Катедрата за албански јазик, без Педагошкиот факултет во Скопје, прават над 1.000 научни работници. Ако земеме уште 150-200 пензионери што се универзитетски професори, истражувачи и научни работници, тогаш бројката се приближува до 1.500 лица.

Што кажуваат Уставот, законите?

Во Уставот на РСМ не постои зборот академија на науките. Во него има цврсти одредби за слободата на творештвото, научната и уметничката дејност и сл.
За нашата организација, ние се повикуваме на членот 47 од Уставот на РСМ каде што се вели дека „се гарантира слободата на творештвото, научната и уметничката дејност и дека Републиката ги поттикнува и поддржува“…
Се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво. Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата. Републиката го поттикнува и помага научниот и технолошкиот развој…
Охридскиот рамковен договор исто така ги одредува на најдобар начин правата на заедниците да основаат научни институции со членот 48 (1) „Припадниците на заедници имаат право да основаат културни уметнички, научни и образовни институции, како и научни и други здруженија заради изразување, негување и развивање на својот идентитет“.
Додека, пак, Уставот им гарантира на заедниците заштита на својот идентитет со А М А Н Д М А Н VIII 1. Припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници и да ги употребуваат симболите на својата заедница. Републиката им ја гарантира заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на сите заедници. Припадниците на заедниците имаат право да основаат културни, уметнички, образовни институции…

Што вели Законот за научноистражувачка дејност?

Според овој закон, во членот 15 се вели дека субјекти за вршење на научноистражувачката дејност се: државен универзитет и приватен универзитет – во нивните единици насочени кон наука (научни институти) и во единици насочени кон образование засновано на наука (факултети); МАНУ; самостојна државна високообразовна установа; самостојна приватна високообразовна установа; јавна научна установа; мешана научна установа; приватна научна установа и самостоен истражувач. Тоа значи дека МАНУ е во редот и на исто рамниште се сите други установи што имаат овластувања за научноистражувачка дејност. Па некој би рекол постои посебен закон за МАНУ, па и ние сме деца на унитарната држава и нека нѐ основаат со посебен закон, ако не сакаат општините со одлуки на советите да бидат основачи.

Во либералната демократија има место само за повеќе идеи, организации

Прашањето што беше поставено и одговорот што беше нуден од членови на МАНУ во врска со полемиките за академија на Албанците е дека не постојат повеќе академии во една држава. Тоа не е точно. Албанија има две академии, Србија има две. Во Нови Пазар е основана пред неколку години, Босанската академија на науките и уметностите, и тоа со двојно седиште во Сараево и Нови Пазар. Бошњаците се само 153.000 или само 2,3 oтсто од населението во Србија. Босна и Херцеговина моментално има дури седум регистрирани академии на науки и уметности, и тоа: Академија на науките и уметностите на БиХ (АНУ БиХ), Академијата на науките и уметностите на Република Српска, Хрватската академија на науките и уметностите и др. Шведското малцинство во Финска од 5,2 отсто учество во вкупната популација има исто така своја академија на науките. Во Кралството Белгија и Фламанците и Валонците имаат свои академии на науките и уметностите. Некој би рекол, па ние сме унитарна држава. Да, но, правата на етничките заедници секогаш треба да се збогатат со нови содржини.

Камбовски и Фити да се фатат за работа, академијата не е заштитен предел

Академијата не е секта што има свој таен живот, па да биде поштедена од општествена критика и одговорност. Не е заштитен предел. Академиците погореспомнати користат јавни добра, јавни финансии. Ако бараме на интернет ќе видиме дека за едниот ни се јавуваат околу 7.750 резултати (0,28 секунди) барано на 24.9.24, а за другиот околу 48.900 резултати (0,61 секунди). Ако случајно ги бараме студентите на трет степен на студии, кои се во просек на 30 години возраст, кај нив се јавуваат во просек 10.000 електронски резултати. Ги бараме на Гугл сколар (Google Scholar), ги нема. Гугл сколар е пребарувач што им овозможува на корисниците да бараат академски ресурси и научна литература како што се апстракти, статии со целосни текстови, тези, книги, апстракти… од академски издавачи, професионални здруженија, онлајн складишта, универзитети и други веб-страници. Тие немаат научен труд што е објавен на некое врвно научно списание. Нема податок дека имаат нешто објавено во Scopus indexed Social Sciences Journals… Не знаеме дали и кој ги цитирал…. Нема транспарентност. За нив не најдовме труд со назнака за препознавање на дигитални објекти (DOI, digital object identifier) – низа од знаци што служат за единствено препознавање на електронски документи. Ги нема во Clarivate web of Sciences platform.
Но затоа има податоци во кои владини комисии се членови или ги водат. Најдовме на интернет во кои управни и надзорни одбори на банки се членови, каде имаат акции и колку милиони евра имаат богатство. Тие се многу успешни банкари. Нашата акaдемија е сиромашна, работи на 50 квадратни метри простор и од вкупно 11 члена, седуммина сме пензионери. Доцниме со месеци да ја намириме наемнината за просторот што го користиме.

Академијата како јавен интерес на албанската заедница, јавни овластувања за научноистражувачка работа

Со нашиот активизам досега сме реализирале неколку проекти, сме организирале пет научни собири, тркалезни маси, промоции и сл. Моментално подготвуваме работна програма за 2025 година и ќе објавиме јавен повик за уште двајца нови членови.
Секоја заедница има свои специфични потреби. Ние ги почитуваме потребите на македонската заедница за афирмација на својот јазик, култура, историја, која е посебна и многу богата. Нашата академија ќе се залага за изучување на албанскиот јазик, литература и култура, односите на албанскиот јазик и литература со другите јазици, литературата и културите на Европа и светот, албанската национална историја и односите со соседните народи и нивните култури, особено за негување на вредностите на културното наследство на луѓето. Важноста на оваа научна институција е што ќе придонесе во голема мера за размена на искуства меѓу истражувачите – преку комуникација и дебата, со што ќе се отстранат многубројни недостатоци на научното истражување за јазичните прашања во време на неологизми, политичкиот ислам, движењето на населението и сл. Важни истражувачки проблеми ќе претставуваат прашањата на етнографијата и длабинското проучување на одредена културна група и подгрупа. Ние имаме голема потреба од тоа. Исто така и за етнологијата и компаративно проучување на етнографски податоци, општество и култура. Антрополошките истражувања испитуваат помалку познати наоди во археологијата и антропологијата за да го истакнат сето она што не го знаеме за човечката историја. Историјата на албанската заедница во Македонија, односите со соседните заедници и особено со македонската ќе претставуваат значајни истражувачки теми. ПИСА-тестовите и квалитетот на образованието во Македонија, трансферот на знаење, најдобрите практики ќе бидат предмет на истражување во наредната 2025 година.

Заклучок

Ние не сме политичка организација. Ние сме интелектуалци и бараме простор за нашата академска слобода. Академијата постои и дејствува веќе безмалку три години. Ве молиме најискрено! Не третирајте нѐ како непријатели. Нас, во овие три години, нашите соништа нѐ одведоа да патуваме низ пустина, сега сме на дофат на оазата. Но ние нема да застанеме тука, го продолжуваме патувањето, би рекол филозофот Пауло Коелјо.

Проф. Хасан Јашари

Авторот е универзитетски професор и поранешен заменик-министер
за образование и наука