Писмо од градоначалникот на општината Ресен: Изразуваме длабока разочараност од бруталната одлука со која оваа иманентна културна одредница на европеизацијата на Балканот е избришана од Министерството за култура на Република Македонија. Театарскиот фестивал „Актерот на Европа“ прерасна во симбол во срцето на секој граѓанин од трите страни од езерото, на генерациите што растеа во духот на мислата на Жан Моне, таткото на Европа, „да се гради Европа значи да се гради мир“
Во името на граѓаните на општината Ресен и целиот преспански регион и во името на здружението на граѓаните „Езеро без граници“, кое веќе 16 години го организира интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“, единствената меѓународна манифестација на бреговите на Преспанско Езеро, изразуваме длабока разочараност од бруталната одлука со која оваа иманентна културна одредница на европеизацијата на Балканот е избришана од Министерството за култура на Република Македонија. Фестивалот прерасна во симбол во срцето на секој граѓанин од трите страни од езерото, на генерациите што растеа во духот на мислата на Жан Моне, таткото на Европа, „да се гради Европа значи да се гради мир.“
Да се потсетиме, пролетта 2003 година, по прогласувањето на Преспанско Езеро од страна на Европскиот парламент за меѓуграничен европски парк меѓу Македонија, Албанија и Грција, група европски и балкански интелектуалци, на чело со големиот француски писател и балканофил Жак Лакариер, поведоа иницијатива за основање интернационален театарски фестивал што ќе ја валоризира индивидуалната театарска одисеја во колективната меморија на Европскиот континент. Првото издание на фестивалот беше одбележано во многу медиуми низ цела Европа и првпат на Балканот еден фестивал започнуваше со книжевните бисери од трите јазици на езерото – македонски, албански и грчки.
Истото лето, во чест на стогодишнината од Крушевската Република, прва на Балканот, која траеше само 10 дена, како прв облик на европеизација на Балканот, Жак Лакариер го објави во париски „Фигаро“ својот славен текст „Илјадници вчера, но само едно утре“, кој лично тој го прочита со поглед на фреската Ангелот од Курбиново, а тој текст стана манифест на фестивалот. Во овие 16 години, 16 театарски легенди од 16 европски држави засекогаш ги запишаа своите имиња во европската меморија на Преспа, почнувајќи од Љуба Тадиќ, бардот на балканското глумиште, преку митскиот актер на Питер Брук – Брус Мејерс од Лондон, Марсел Бозоне од „Комеди франсез“, Ана Патерсон од театарот „Стрингберг“ од Стокхолм, легендарната дама на словенечкиот театар Милена Зупанчич, бесмртниот романски Хамлет – Јон Карамитру, грчката муза Криса Јоаниду, класикот на албанската актерска историја Димитри Орготска и првенката на Народниот театар од Софија – Снежина Петрова…
Во богатата хронологија на овој интернационален фестивал се прикажани над 150 претстави речиси од сите европски земји, за кој претседателот на меѓународната асоцијација на театаролози Жорж Бани, професор на „Сорбона“, напиша во театарското списание „Европа денес“: „Додека гледате како се слеваат класичното и модерното, во Преспа присуствувате на повторното раѓање на Европа.“ Само како илустрација, минатата година за добитничка на наградата за животно дело – актерка на Европа беше прогласена Селма Алиспахиќ од Босна и Херцеговина, а наградата за најдобро уметничко остварување од натпреварувачкиот дел на фестивалот му припадна на Васили Лаерти, за оригиналното дело „Пеколот на Агамемнон“ од Исмаил Кадаре, кое го играше на трите јазици на езерото. Како градоначалник на Ресен, ќе спомнам еден куриозитет: никогаш не излегле толку многу одгласи во медиумите на Балканот и во Европа за триумфот на театарска Европа во Преспа.
Живко Гошаревски,
градоначaлник на општината Ресен