Деновиве се крена голема врева околу неколку казни изречени за учесници во таканаречената Шарена револуција, кои фрлаа бои по националните институции и некои споменици. Не сум член на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на која било партија, не учествував во Шарената револуција, затоа што јасно гледав дека тоа е наместена работа. Сега некои од учесниците што треба да платат глоби за сторените прекршоци протестираат и бараат казните да им бидат простени, затоа што, наводно, тие учествувале во битка за да се урне еден ненароден режим. Пораката гласи: ние сме победници, го урнавме режимот, нашите бојадисувања на институциите беа оправдани.
Можеби биле оправдани, но треба да се знае дека прекршок на јавен ред е прекршок, без разлика кој го направил тоа – сеедно е дали го сторил тоа победникот или поразениот. Во правната држава сите се исти пред законите и пред правдата. Нивното барање да не платат казни затоа што победиле е надвор од секаква правна логика. Ако некој биде казнет за фрлање догорче од цигара, за недозволен премин на пешачки на црвено, зошто да не може и некоја позната фаца‚ на која ѝ е јасно дека фрлање боја врз државна институција е сериозен прекршок. Прво е неморално и непристојно да се наштетува државна институција, државен споменик или државен имот, на тој начин се изразува непочитување на државата, а второ е што тој чин е казнив според важечки закони.
Ако се прифати логиката на оние што сметаат дека тие прекршоци треба да се простат, ќе произлезе дека на поединците сѐ им е дозволено, без разлика на цената и на штетата на другите. А доколку сметаат дека се онеправдани со поднесените кривични пријави, би било нормално да побараат од Собранието на Република Македонија да се донесе посебен закон за нивното простување, или амнестија, без разлика како ќе се вика. Поединечното и селективно казнување или ослободување од вина според вложени заслуги во Шарената револуција е антиправен, антиреволуционерен чин.
Стефан Николоски