Просто да не верува човек, денес нашава татковина се наоѓа во многу потешка положба отколку во Балканските војни, кога беше расчеречена од истите месојадци што и денес предизвикувачки ја одмеруваат. Не месојадци, месождери (стрвинари) околу неа. И денес се однесуваат како во втората половина на 19 век и покажуваат исти апетити и дејствување спрема Македонија како во првата половина на 20 век: поголеми, потешки рани отколку во Балканските, во Првата и во Втората светска војна, но сега многу полукаво, поперфидно, позлокобно…
Треба многу простор да се разобличат во нивната злоба, а истите тие беа и тогаш, само сега еден е спласнат, но затоа се јавува нов. Српските политичари покажуваат толерантност спрема нас: ги уважуваат разликите и нив ги разбираат како начин за живеење и соработка. На нивно место денес е уфрлен друг фактор, кој постојано дејствува на сите можни начини, како однатре така и однадвор. Сите овие соседи и ортаци околу МК, плус старата дама (некои ја нарекуваат Вавилонска Блудница), плус домашните актуелни политичари дилетанти – петтоколонаши што моментално ја водат, сочинуваат една константа, постојано резултанта, погубна линија, ласер, зрак што има за цел МК да не постои. Во разни форми и преку различни начини шушкаат за некакви прекројувања, така може да се случи, да не даде бог (!), нашата татковина да ја снема од географската карта.
На овие 4 + 1 чинител да се задржиме во кратки црти, колку што дозволуваат условите. Сега бугарските политичари и домашниве, т.е бугарската политика спрема нас, сите комшии, а особено бугарските политичари се најчудни. Никако не може човек да ги разбере ни по едно прашање по кое се спорат. Освен за човек да се смее, ама да не е за плачење за нас.
Да тргнеме по ред за некои прашања.
Корените (генезата) ни биле нивни! Ма немој? Многу пред нив сме на овие простори по долини и котлини, по реките Струма, Места, Вардар, Великан, по Брсјачијата. Нашите корени се словенски, а нивните се турско-татарски. Тие убаво го знаат тоа и нивните корени да си ги бараат отаде реката Волга и Касписко Море. Тие им ја наметнале власта на Словените, а Словените по законот на мнозинство и одамна го прифатиле словенскиот јазик. Тоа, тие и самите, го докажуваат. А мојот пријател, неодамна починат, професор Васко Василевски, прв доктор на науки од областа на форензиката и папиломи, велеше: И по таа метода, бугарските политичари да докажуваат за корените, заедничко потекло и по неа ќе се посрамотат. Немаат исто потекло со нас.
Jазикот. Е, и тоа тврдење не ќе да е така. Нашиот јазик си има свои одлики, зашто одамна славистите дури од светот пишувале за неговите карактеристики и разликите помеѓу него и другите словенски јазици. И 18 и 19 век, а 1944 година само е кодифициран.
Нација. Ни тоа, за нацијата не држи вода. Па, на Австријците да им рече некој дека се Германци, покрај сето она што им се случи во Втората светска војна, да убиваат, да пљачкаат, да заземаат други територии, ако не му удрат клоца, па тогаш ќе му речат дека е го… (шајзен). Уште повеќе ако на еден Хрват дека е иста нација со Србинот. Говорење сличен или ист јазик не значи дека си ист и по корени и некаква припадност. Напротив. (Кај нас требаше од официјално место да му се оддаде голема благодарност на хрватскиот претседател Милановиќ за одбраната од грубата посесивност на Македонија од страна на бугарските политичари. Но никогаш не е доцна.)
Историските личности од илинденскиот период гинеле за ослободување на Македонија, а да си актуелен МК-политичар и да констатираш дека тие „за жал биле Бугари“. И со таква рамнодушност! Тоа е за секаква осуда. На човек му доаѓа да се праша како е можно на толку високи државнички функции, а да се со елементарни знаења, би рекол никакви. Покрај другото, би додал: „Нашите браќа“ да не се докачеле и да не ни ставиле вето! Зар може да го наречеш брат оној што те понижува, ти става сопки или вето? Оној што ти вели дека ти не постоиш, а тука до тебе сака да седи?!
Св. Кирил и Методиј, тие тврдат, дека биле Бугари. Голема лага. А тоа треба да им го речат нашиве учени луѓе, пошто тие убаво го знаат тоа во цела Европа. А вака било. Додуша, Ростислав и неговиот претходник, кнез Моимир Први, на средината на 9 век од бугарскиот цар побарале учени луѓе кои таму ќе ги шират христијанството и писменоста на наш јазик, словенски. Оти, дообјаснил Ростислав, „имаме голем терор од Германците, кои сакаат да ни го наметнат католицизмот и да нѐ погерманчат“. Тоа било проследено со тортура и разни насилства. Замислете, и тогаш Германците и Бугарите, во 10 век, биле во дипломатска врска како и во 20 век, за време на Втората светска војна, кога за цар го имале Борис Трети, или подоцна, кога за ортак го имаа капларот од Минхен. Откога биле одбиени Ростислав и Светолук, негов наследник, византискиот цар Михајло Трети, наследник на Васелиев Втори, љубезно ја прифатил молбата и му одговорил на моравскиот кнез дека ја разбрал нивната молба и дека има двајца браќа од Солун што се учени и добро и го познаваат славјанскиот јазик. Тие можат да ја организираат таквата мисија. Значи Св. Кирил и Методиј не се Бугари, туку солунци, кои одлично го познавале јазикот, а по сѐ изгледа мајка им била Склавинка (Македонка од солун) и со тоа се објаснуваат љубовта спрема Словените и силниот мотив да се прифати големата и исцрпувачка мисија во Моравија. Ете, така беше. Сѐ друго натаму е познато и безочните тврдења на бугарските „историчари“ и дека светите браќа Кирил и Методиј не се Бугари туку личности со македонско потекло. А чест било за нив сите што го прифатиле нивното писмо.
Заедничка историја. Подобро ќе биде да се остават и од ова прашање. Пред сѐ – нивната историја. А ние повеќепати сме биле изложувани на агресија и пљачкосување, веќе е спомнато. И во Првата светска војна какви не безочни грабежи вршеле кај нас во Македонија. За тоа можат да се направат стотици филмови, како оној филм „Трето полувреме“. Но, ете, четиригодишната агресија ја викаат „заедничка историја“, што нема врска со здравиот разум. Тие, бугарските политичари заедничката историја да си ја бараат со капларот Хитлер, а не кај нас. Инаку, тие секогаш ја зафаќале погрешната страна во историските настани. И затоа, ако се гледа на подолг рок, таа е срамна, жална, и од средината на 14 век до крајот на 19 век тие ѝ се слуги на Отоманската Империја, пред тоа тие се турско-татарски орди. За во светскиве војни е речено. Овде во Втората светска војна, невидени агресори! За 1945 година, Крајова, Романија го молат Тито и тие да учествувале во протерувањето на фашистичките германски орди со кои дотогаш заедно војуваа, и тие да учествувале и така да се јават како ослободители. (Бугарите личат на некои сцени од филмот „Добриот, грдиот и лошиот“ или Попај кога раскажува за своите подвизи.) Така ја прераскажуваат својата историја, за нив подобро е да си молчат за нивната историја, оти и без тоа се посрамени. Навистина се чудни со Турската Империја, 500 години, ај нека се 450 години, немаат заедничка историја (?!), a нас нѐ окупираа четири години и ни велат иста историја. Е, што е многу, многу е.
Па, со окупацијата од 1941-та до 1944-та година, грабежи, затворања, убиства, со еден збор агресија, и тоа со најголемите фашистички ѕверови од оската Рим, Берлин и Токио. Тоа не било агресивно поробување, ами воспоставување администрација. Чудна некоја администрација. Само како со такви тврдења не настапат во телата на ЕУ, па ним да им кажат кои биле тие. Да им раскажат приказни за мали дечиња, па и таа, ЕУ, или ќерка е на Старата Дама, па и тие да се посмеат со „браќа“ Бугари. И ним да им кажат дека ќе нѐ воведат во европската ЕУ-крчма откога ќе ни го променат личниот опис по лична карта.
Многу од тоа ни искубаа грчките политичари, како име на држава, дека нема македонско државјанство (три црти), а источниве дека нема македонски јазик, писмо, придавка македонска/о/и, немаме историја, дека сето тоа сме го украле од нив?! Да, некој краде, но без никаков срам и перде. Е, на бугарските политичари крај им нема во тоа крадење, особено кога ќе најдат политичари како актуелниве во Македонија. Замислете, и така без лични карти ќе не одведеле во ЕУ. А овие тиквариве наши, што наденале титули дипломати и од кои никој нема школа за таа сложена и комплицирана работа, од тоа знаат да молчат или да одобруваат со „да“ наместо „не“ или да напуштат терен (прeговори). Предмалку реков, сѐ сакаат да ни истргаат што е наш знак на државност и постоење. Во состојба се и очите да ни ги извадат и работата ќе излезе како оној човек (слепец) што го прашале: А бре кој ти ги извадил очите? Брат ми, одговорил слепецот. А, аа, констатирал човекот, затоа толку длабоко ти ги ископал. Во друга пригода за западноевропската и грчката константа.
Никола Масалковски, пензиониран професор