Таков беше поздравот на гостите што одеа на визита во куќата на славеникот Петре, на пример. На визита не се оди поканет. Секој познат и роднини одат на визита. Не се честита само име, туку се честита нова кола, нова куќа, нива, лозје, новороденче, венчавка, крштевка. Чесно купено или добиено, да служи со чест. Се живее за чест. Не за срам. За чесно име, за чесен збор. За чест се живее, за чест и со чест се умира. По смртта вечно останува честа, а не гробот и богатството.
Чесно е тоа што си го спечалил и си им го оставил во чест на другите. Се честита создавање нова држава, државен празник свој или на другите. Се честита успех на државата, власта, пронајдокот, продорот во вселената или непознатото. Накратко, сѐ што е добро и корисно за другиот. Најслатки се приватните честитки. Незаборавна и многу топла и чесна е историската честитка на првиот претседател на Македонија Киро Глигоров што со трепет и голема возбуда ја искажа на 8 септември 1991 година, по повод успешниот референдум за независност на Македонија: „На сите граѓани и граѓанки на Македонија сакам да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија!“. (Вратете се, ве молам, на крајот од текстов кон оваа изјава!)
Цел свет ни ги честита слободата, сувереноста и самостојноста. Речиси 140 земји нѐ признаа насловени со вакви почести. Само домашните Албанци не ни гласаа за референдумот!? И ЕУ и НАТО премолчено со разни фиктивни бјрмовски или фиромски гнасотилаци ни посакаа некаков напредок, ама не нѐ сакаа со нив – до денес.
Можеби, ако се исколевме како многумина во Југославија, ќе бевме поинаку гледани.
А, вака, како мирни обични, нѐ дотераа до овој срам наречен Преспански договор. Кому му служи тој? Дали на Грција, која има историја за 2 Европи и сака да го присвои и македонското минато? Зошто им е потребно тоа? За да ја прогласат Грција за единствен основоположник на европоцентризмот? Колку ли цивилизации постоеле пред Грција, колку поголеми и колку посилни? Грчката цивилизација и култура изгледаат како џуџе во споредба со египетските пирамиди, ѕидовите на Персија, градбите на Вавилонските градни или флотата на Фениќаните или пловидбените навигации на Арапите. Затоа Македонија треба да се намали или изгуби и затоа се растрчале комесари, емисари, секретари во земјава македонска, од „миротворецот“ Јенс Столтенберг или Џингис од ЕУ Хан, како на летување, тие неопходни „советници“ за да нѐ убедат дека најубаво ќе живееме како безимени натоевропејци!
Во „Нова Македонија“ од 11 септември на иста страница читаме зачудувачка вест: „Европската комисија очекува да нема мешање однадвор“, се мисли на референдумот. Во шестата колона од истата страница, како нѐ посетуваат високи, највисоки политичари, освен натовецот, канцеларот на Австрија Себастијан Курц и на Германија Ангела Меркел, шефот на дипломатијата на Луксембург, Жан Аселборн, и американскиот сенатор Рон Џонсон, сите со „искрени“ желби да ни помогнат за срамниот референдум. Тоа значи светот стои настрана и ни „помага“!
Си спомнувам пред години, кога Словенија требаше да влезе во НАТО, на секоја бандера или поголеми излози на продавниците беше етикетата: „НАТО окупатор“. Ама Словенија влезе во оваа милитантна организација со своето народно име, без никакви додавки или услови.
Не смеам да ја прескокнам приказната на еден охриѓанец што ја чув како дете. И не ја заборавив до денес. Човекот е роден во турско време, врсник на татко ми. Ги минал сите мени: турски, бугарски, српски. Најдолго живеел под Србите. Кога во 1944 година дошле Бугарите, му барале нови документи, тој ги кажа како: потврда за праисход, потврда за патриот и, според него, потврда за идиот. Потврдата за праисход со тешка мака ја извади на турски, бидејќи родителите, бабите дедовците, сите биле родени во турско време. Втората потврда за патриот, а работел како касап и можел да докаже дека патриотски плаќа данок и е лојален. Ама, се погодил празник и месарите морале да работат секој ден – и делник и празник, зашто тогаш немале фрижидери и месото стоело на ченгели, бркајќи ги мувите со гранчиња со лисја. Морале да го продадат месото да не се расипе и да не го наплукаат муви. Се погодил празник, а месарот не го ставил државното знаме пред дуќанот. Тогаш џандарот му рекол: „Зашто ниси ставио заставу?“ „Не знаев“, му рекол касапот. „Морао си знати.“ „Е, господине џандаре, извините, да сам знао ја би клао!“ (На македонски кладе = стави, а на српски клао = коле!). Тогаш сам си ја напишал потврдата за идиот. По успешниот референдум (не дај боже) ако се бараат такви документи, веројатно за праисход ќе постои со 0 или 00 (зашто не смее да има Македонци), за патриот 1, 2 или 3 (нули) во графата. Најсигурен е третиот документ со универзален и единствен одговор идиот со име и презиме од Северна Република Македонија.
Се прашам каква честитка ќе ни испрати третиот човек на власта, не претседателот на РМ. Што ќе ни честита? Слобода? Сувереност? Независност на Република Македонија? Или…
(Драги Стефанија)