Во мојот последен напис во овој весник на темата за националните интереси, јас споменав дека имаме сериозно политичко незнаење. Од денешна перспектива, веќе ми е јасна опомената на д-р Јан Оберг од Институтот за воени истражувања од Шведска, дадена во првата декада на овој век: „Ако безусловно се врзувате за Америка, тогаш избирате опција што нужно е осудена на пропаст“. Зарем преговорите за името со Грција не ја потврдуваат суштината на искрените укажувања на споменатиот професор од Стокхолм!? Ајде оваа опомена да ја изразиме и со зборовите на Американците. По три децении, ние сѐ уште „не сме облекле политички чевли“ на САД. Зарем со нашите опинци сакаме и ќе создадеме ефект на убеденост кај нив дека ние заслужуваме сериозно почитување. Не можам да се сетам кога последен пат некој наш висок функционер остварил посета на Вашингтон.
Понатаму ќе го презентирам и коментирам примерот што е поврзан со решавањето на проблемот за името, низ дискурсот на споменатиот Оберг: „… за сите важни прашања, најпрво да се дебатира, а не да се вели нема друга алтернатива“. А нашите преговарачи не го знаеја или го заборавија овој совет? Прво, не го послушаа ниту остварија дијалог за консензус со опозицијата и си тргнаа по патоказот на кој пишуваше: за Македонија нема друга алтернатива освен НАТО. Стерилната опозиција не знаеше што да прави. Наспроти неа, нашите надлежни заминаа на екскурзија во Солун, а потоа дури и во Атина и преговараа со другата страна без консензус со ВМРО-ДПМНЕ и другите македонски партии.
Дури не ги ни информираа за текот на преговорите до крајот, иако тие наши самозамислени џамбази однапред го знаеја исходот. А зошто? Оцениле дека ако им се соопшти исходот, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе боде против таквиот исход, бидејќи во нивната програма беше запишано дека нема промена на името, иако и тие беа за влез во НАТО, но не ја знаеја ниту насетија намерата за промена на идентитетот во овие преговори. Сепак, и ако имаше дијалог, немаше да има консензус, секој ќе си опстоеше на своите ставови, на својата вистина или алтернатива. Така, во јавноста остана сознанието дали не постојат други алтернативи, туку само нивната, да се преговара и смени името, „мислејќи“ дека ќе се зачува идентитетот заради влез во НАТО (СДСМ).
Не знам за вас, почитувани, ама за мене лично двете алтернативи се целосно спорни и ирационални, поирационални не можам да си замислам. За првата алтернатива, како и за концептот по кој преговара, јас се имам изјаснето: требаше да се преговара, ама според друг пристап. Него го споменав како џиуџицу-пристап, во кој требаше да се искористи силата на противникот (ако турка, ти влечи и обратно), за да му зададеш посакуван удар и да извојуваш победа. Овој пристап, според професорите од Проектот за преговарање на Харвард, е единствена алтернатива во преговарањето со моќен противник, каков што беше случајот со проблемот за името. Суштината на овој пристап беше да докажевме дека нема разлики во името, како што е наведено во една од резолуциите на ООН, и можевме да излеземе не само со крената глава туку и со почит од нашиот стратегиски партнер за преговорите по тој пристап, бидејки ќе дадевме нова вредност во нивниот политички светоглед, поголема од онаа по која преговаравме. Наместо тоа, се одбра свитканиот ’рбет, менувајќи ги името и идентитетот и, наместо почитувани партнери, во очите на другите станавме некомпетентни, не само на политичката балканска, уште позначително на светската сцена. поради таквиот попустлив однос и незнаење, сега се појавува нов проблем на балканската сцена. Него го креира Бугарија, со намера да го заврши проектот на комунистичкиот диктатор Живков, со кој се негираат Македонија и Македонците.
Алтернативата на ВМРО-ДПМНЕ „нема преговори и промена на името“ е слична по карактер како првата: крајно нерационална и спротивна на определбите од Париската повелба на ОБСЕ за Европа без конфликти, од 1990 година, по распаѓањето на социјализмот и на државите со таков политички предзнак. Долго се возевме на трендот на незнаење, вклучувајќи и на оваа повелба, изразено преку оцената дека постои спор за кој не треба да се преговара туку треба правно да се реши, не земајќи ги предвид прецизирањата на споменатата повелба со документот „Процедурите за мирно средување на споровите“ од Ла Валета, прифатен од сите министри за надворешни работи на ЕЕЗ, денес ЕУ, од средината на 1991 година, во кој е нагласено „дека секоја земја што ќе оцени дека јурисдикцијата над нејзиниот територијален интегритет е загрозена има право на вето“, најдобро изразена во Букурешт во 2008-та, за нашиот (не)прием во НАТО. Овие документи станаа основа на тогашната ЕЕЗ, денес ЕУ, по што следуваше Лисабонската декларација, а потоа и двете резолуции на ООН. Изворот на овие мои укажувања почива на една анализа, подготвена од експертот за безбедност, д-р Денис Сендоул, со наслов „Решавање на конфликтите во ерата по Студената војна…“ од Институтот за анализа и решавање на конфликтите, при универзитетот „Џорџ Мејсон“, од 1992 година. А морам да напоменам дека јас, иако не бев сериозно упатен во меѓународните односи, постојано се интересирав за проблемот. Барањето на споменатото го продолжив и при мојот неколкугодишен престој во странство, бидејќи дома такви сознанија не пронајдов долго време. Така ја пронајдов споменатата анализа.
Обидите на нашите правни експерти се покажаа стерилни, иако обилни по квантитетот и по квалитетот на отпечатени книги, но и по ангажираниот труд, време и пари, бидејќи сите тие беа поставени на погрешен колосек. Двете резолуции на ООН јасно укажуваа на патот по кој требаше да тргнеме и да го изодиме: преговори и, преку нив, доаѓање до решение за разликите во името. Погрешно е и денес сѐ уште некој да мисли дека со Привремената спогодба ни се наметнало преговарањето! Во ООН се знае дека воените дејства не се средство за решавање на конфликтите, иако во последно време при расчистување некои такви конфликти се интервенира од страна со притисок (како во 2001-та кај нас) или со воена сила во текот на Арапската пролет, во двата случаја под паролата за човековите права. Значи, другиот механизам што е најбитен за ООН е преговарањето. Ама тука бевме и сѐ уште сме ептен тенки со знаење, па надлежните го направија најлесното од сите можни решенија. Така настана нашата квадратура на кругот, бидејќи ниту СДСМ ниту ВМРО-ДПМНЕ не признаваа друга алтернатива освен својата, што е карактеристика на племенската самовистина. Поради тоа решавањето на овој политичко-математички проблем, кој го споменав погоре, уште долго ќе ни создава внатрешни проблеми.
Но трендот на незнаење се потврди и со бомбите на Заев, кој со нивното објавување веројатно мислеше дека е јунакот што ќе се справи со проблемот во наш интерес, со кој ВМРО-ДПМНЕ не се справи. Според бомбите, ама и преку средствата за јавно информирање, ни се потврди познатото од порано, дека за името преговараше висок функционер во ДБК и член на ВМРО-ДПМНЕ, со поддршка од тогашниот премиер и еден поранешен министер за надворешни работи, потоа пратеник, како и денес.
Од бомбите јас дознав дека тие за преговарање, како и за меѓународна политика и особено за дипломатија, немаат знаење какво што им беше потребно.
На определен начин, од изнесеното секој може да си извлече заклучок како требаше да се справуваме со проблемот за името. Но мојот став е: проблемот беше ирационален, а во СДСМ мислеа дека го решаваат рационално, без да знаат дека исходот, кој со голема сигурност го очекуваа, беше ирационален поради сериозната добивка и заокружување на мегали идејата на другата страна, наспроти нашата реална национална загуба. Нам за решение на проблемот ни требаа рационални политичари, кои требаше да купат врвно знаење за преговарање, ако се сомневаа во нашето, веднаш по одлуката на Меѓународниот суд за Привремената спогодба. Според мене, бидејќи тоа не се случи од страна на СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ пред нив тоа го знаеше, остана неискористен и вториот совет, онака како што ни препорача проф. д-р Јан Оберг: да собереме повеќе домашни алтернативи за решение на овој проблем од повеќе наши интелектуалци од различни професии или струки. Ама тоа не се направи од политичарите, ниту од страна на науката. Пред сѐ од МАНУ, а целосно изостанаа такви обиди и од страна на кое било од нашите научни гранапчиња (метафората е на проф. Ванковска). И кај овој предлог останавме на научен лизгав терен, бидејќи не знаеме како да се справиме со потребата од ваквиот „бреинсто(р)мин-г“, или како да собереме многу идеи, а потоа од нив да ја избереме (да одлучиме за) најдобрата алтернатива.
Поради нашето незнаење не ги искористиме предлозите од познатото дело „Антиеквилибриум“ на унгарскиот професор по системски пристап во науката од социјалистичкото време, но признаен во светската научна сфера, Јанош Корнаи, во делот за одлучувањето како мисловен процес: прво, трагање по можностите и, второ, дефинирање на границата на прифатливост. Но, покрај овој, не го искористивме ни вториот метод на постигнување консензус преку обединување на знаењето, кој јас го споменав во еден од моите последни написи за реформата за образованието, чија суштина е сите оние што дале алтернативи со различен предлог да се усогласат отстранувајќи ги разликите. Така, и ова незнаење од страна на надлежните од власта, заедно со нивното незнаење кој е наш највисок национален интерес, за што јас нешто споменав во мојот последен напис, долго го баравме правното решение, кое очигледно не се прифаќаше од страна на меѓународната, па останавме целосно неподготвени за решавање на спорот по пат на преговарање. Со промената на власта и поради нејзината некомпетентност и политичка необразованост, се побара помош за решавањето на проблемот од страна. Така се доби тоа што го бараше сегашната власт: променето име и идентитет.
Вака ќе привршам. Ни треба комплетно политичко ре(иј)сетирање. Без него, и сегашните разлики за проблемот со Бугарија, сосема извесно, ќе си останат продлабочени поради незнаењето, а тоа скапо ќе нѐ чини, преку невидено одолжување на процесот на пристапување кон нашата непоплочена желба – ЕУ. А разбуричканата баруштина со некомпетентните во фракциите во ВМРО- ДПМНЕ, мислејќи и денес дека споменатиот преговарач, побегнатиот и потоа попишманет повратник, дури и да го ослободат од вината, не се решение ниту сега ниту во блиска иднина, сѐ додека не дојдат нови кадри, кои се облечени во чевлите на нашиот стратегиски партнер, а не во балкански опинци, без врвки, и кои ќе знаат како да ја водат борбата за Македонија, а не за гола власт, каква што е практиката кај нас. Во тоа наше незнаење предничеше, а ќе предничи и во иднина, нашата дипломатија, во целина, а особено оние што ги деташиравме и ќе ги деташираме и понатаму во САД.
М-р Ѓорѓи Трипков,
економист-аналитичар, пензионер