Во нашиот поранешен систем проблеми за решавање на улиците според урбанистичкиот план во градските средини речиси немаше. Денес, поради градежните недисциплини, се запоставуваат урбанистичките планови. Такви примери имаме насекаде во градските средини во државата, но жалосно е кога тоа се случува во нашите најтуристичка средина, од каде што државата очекува туристички приходи.
Никој не може да верува оти во нашиот најтуристички град Охрид е рашомонијада со улиците. Една од таквите е Богомилска. Во екот на сезоната багерот работи. Тоа е улица што не можеш да најдеш каде почнува а каде завршува, што е поразително. Ни граѓаните од Охрид не знаат да ти помогнат. Улица без почеток и крај. Таа улица стигнала до оваа состојба поради исполнувањето на желбите на поединците, а не поради градењето во градот преку исполнувањето на усвоениот ГУП. На оваа улица имаме толку стеснувања и непрописни кривини од 90 степени, како и недозволено лоцирани згради една до друга, така што нивните тераси се на 5-7 метри растојание, што не е дозволено по ниеден урбанистички план. И сѐ уште се продолжува да се гради по тој терк. Така, на пример, кај местото Фонтана-чешма, на улицата Богомилска можете да изброите осум згради една до друга, а за паркирање многу мали можности. А сега се гради и деветтата зграда по истите критериуми. А народот само се чуди и ја споменува градежната мафија. Веројатно и УНЕСКО не е заинтересирано за овој дел од градот.
Воопшто не се размислува дека таквите објекти им ги оставаме на нашите генерации, што доаѓаат по нас да „уживаат“, а во име на сето тоа се колнеме оти сакаме да им оставиме светла иднина на нашите поколенија. Улицата Богомилска е вистински пример како не треба да се гради и оти не им оставаме иднина на генерациите. Ќе остави објекти во кои граѓаните меѓусебно ќе се расправаат поради лошите урбанистички решенија и ќе ја бараат вината во комшијата.
Немањето инфраструктура и многу други урбанистички недоследности при изградба на една населба или улиците се далеку од европски однос во градежништвото и урбаното живеење.
Со ваквите решенија и понатаму се стимулира бегањето на нашите внуци и правнуци од нашата татковина. Иако ние постарите ќе им оставаме живеалишта! Но тоа не е доволно за европско живеење. Нашите поколенија нема да ги обврзува тоа што родителите им оставиле наследство стан, куќа или слично. Тоа за нив не значи ништо, ако инфраструктурата не ги задоволува потребите за живеење според европските решенија и стандарди.
Ако сакаме да ѝ се придружиме на Европа, требаше многу порано да се усогласуваме според нејзините критериуми. А бидејќи градбите и улиците остануваат за повеќе десетици и стотици години, тие нема да бидат интерес за нашите генерации што доаѓаат по нас.
Во патната комуникација низ градот, многу улици завршуваат слепо, од многу причини, но најчесто поради дворот на куќата на некој општественик, роднина и сл. Таквите слепи улици се типичен пример за нашиот туристички град Охрид.
И покрај тоа што археолошки наследивме, како нашите градови биле градени од нашите прапрадедовци, ние и денес се однесуваме многу понеурбанистички од решенијата што ги применувале тие. Во овој дел на планирање на нашите ГУП-ови мора да има стрoга контрола на централни институции за планирање во државата на градежните целини. Ако тоа остане во надлежност на локалните самоуправи, истата ситуација ќе се практикува и понатаму. Ние сме мала држава и речиси сите сме пријатели или роднини помеѓу себе, па во рамките на локалната самоуправа не можеме да ја постигнеме таа дисциплина. Тоа е факт, и колку порано го сфатиме тоа, толку ќе биде подобро за сите нас.
Д-р инж. Стефан Поцев, професор во пензија