Член сум на групата „Старо Скопје“ каде што се појавуваат многу стари скопјани, кои ги даваат своите сеќавања за Скопје какво било и разни други интересни работи од животот, политиката, општеството, културата, економијата, образованието…
Во времето на оваа изолација поради коронавирусот, немајќи некоја друга работа, освен да се преживее и оваа несреќа, често ми се враќаа деновите од младоста поминати во Еврејското Маало потсетувајќи се на детството. Роден сум во Еврејското Маало 1947 г. во куќа што татко ми ја купи таа година од некој наследник на куќата Евреин, кој живееше во Панчево или во Земун. Куќата се наоѓаше од задната страна на црквата „Св. Димитрија“ и нѐ делеше еден ѕид. Ова што го пишувам е сеќавање што датира од мојата шеста година, а тоа е 1953 год. кога појдов во прво одделение па до 1963 г., кога на Скопје му се случи катастрофалниот земјотрес. Не би навлегувал во историјата за настанот и населувањето на Еврејското Маало, која е доста објаснета во разни историски списанија. Намерата ми е да се потсетам јас и да ги потсетам и другите жители на ова маало, а некои и можат да ме исправат ако нешто не сум запамтил добро, кое по нашите детски размислувања беше центарот на Скопје, Македонија, Балканот и светот.
Овој текст го пишувам со надеж дека еден ден ќе се собереме и ние од Еврејското Маало на едно дружење и потсетување на деновите што ги живеевме во најубавото маало во центарот на Скопје. За жал, сите иницијативи што ги поведував со поединечни другари за ова дружење останаа само иницијативи.
Границите на маалото беа: ЈУГ – реката Вардар и улицата Загрепска или Загребачка, која почнуваше кај старата автобуска станица и идеше под лукот на Камени мост, а завршуваше некаде под Француските гробишта, СЕВЕР – тврдината Кале и улицата 86, која беше под самата тврдина, ИСТОК – улицата М. Тито, која се протегаше од железничката станица преку Камени мост па по угорницата покрај зградата на ЦК до Француските гробишта и Зајчев Рид, како и Пајко Маало, и ЗАПАД – последните куќи што беа во рамнина со кулата каде што е влезот во тврдината.
Денес кога ќе се погледне тој простор од Камени мост е една педа земја по нашки, каде што сега се наоѓаат црквата „Св. Димитрија“, Домот на холокаустот, Музејот на ВМРО и Народниот театар. Е тој простор, дали што бевме мали или не можевме да го процениме просторот, за нас беше огромен простор, се наоѓаа еден мал милион куќи. Поголемиот број беа приземни, но имаше куќи на еден и два ката. Во нив фамилии колку сакаш, а сите имаа по една или две соби, доселени по Втората светска војна. Во една куќа живееја по две, три и повеќе фамилии, а деца во една фамилија три, четири, пет и до дванаесет, каде што и Тито беше кум.
Интересен беше националниот состав на населението, но ние тогаш деца како деца не правевме разлики помеѓу нас. Имаше Македонци (галичани, Егејци, шкретовци – Лефтер и Естратије школски другари), Срби, Црногорци, Турци, Роми, Власи, Ерменци (Хоропсима Пештелмалџиан – Симка, школска другарка со која одев од прво до осмо одделение), Цинцари, но немаше Евреи. Сите Евреи од 1941 до 1945 беа фатени од страна на бугарските и германските фашисти и одведени во конц-логорите низ Европа. Голем број од жителите на Еврејското Маало беа познати личности не само во Скопје, Македонија и Југославија туку и пошироко. Почнувајќи од сликарите Никола Мартиновски и Лазар Личеновски, актерите Петре Прличко со сопругата и ќерка му Анче, Марија Тоциновска, Стево Спасовски, композиторот и диригентот Илија Илиевски, пејачот Зоран Георгиев, кој се прослави со песната „Еден бакнеж“, Цурка и оркестарот „Тавче гравче“, Генади со оркестарот Стари или Славни боеми, музичарот што свиреше цимбало во оркестарот на Радио Скопје Чалгии, Гаро тапанарот на „Леб и сол“, Бакли тон-мајсторот во РТВ, Сашо Панов инвалидски првак во разни спортови, Евге, директор во „Технометал“ и не можам, а да не ја спомнам Џеваира, девојка психички лабилна, но кога ќе излезеше во маалото со својата убавина во раскошните свилените шалвари со голем број ѓердани околу вратот и на секој прст по два или три прстени ги мамеше погледите на сите нас.
Архитектурата на куќите не знам да ја одредам затоа што поголемиот број куќи беа градба од 18 и 19 век, а можеби и порано, но имаше згради и објекти значајни за тоа време во Скопје. Пред сѐ тврдината Кале со историскиот музеј, зградата на ЦК, каков ЦК беше, дали на општината Кале, на градот Скопје или Македонија не знам ама знам дека беше нешто важно затоа што ја чуваше милиција и до неа голема гаража во која имаше големи црни лимузини. Црквата „Св. Димитрија“ постои и денес. Во дворот на црквата имаше голем орев и бунар со многу пивка и ладна вода, па голем број скопјани во летните периоди доаѓаа да се напијат и да наполнат садови со вода, пред да тргнат за Бит-пазар.
Но не беше сѐ старо, се изградија и некои нови објекти. Новата куќа на западниот дел на маалото под Калето во која се пресели од старата куќа сликарот Мартиновски, приземната куќа што се направи во малиот двор на ул. 81 за инженерите што дојдоа од Белград, амбулантата што се направи на големиот двор на ул. 85 каде што се играа натпревари во фудбал, новиот дрвен мост на местото на стариот, ликовниот павилјон до Електродистрибуција, бетонскиот мост што ги спои бреговите на Вардар кај дистрибуција, новата саемска хала зад дистрибуција, каде што се пресели скопскиот саем, кој се одржуваше во паркот пред игралиштата зад и во зградата на Женската гимназија.
Јас Скопје го напуштив во 1961 год. кога заминав за Вуковар, Хрватска, да го продолжам средното образование и доаѓав во Скопје само за распуст. Не ја доживеав големата поплава во 1962 год. во која десниот брег беше поплавен како и Пајко Маало, а Еврејското Маало за прекрасно чудо остана непоплавено. Ми раскажуваа како дрвениот мост бил откорнат од корен и однесен цел.
Но дали имав среќа или несреќа го доживеав катастрофалниот земјотрес во 1963 год. со кој се стави точка на ПОСТОЕЊЕТО на Еврејското Маало. Целото маало беше во рушевини и голема среќа што немаше ни еден загинат во целото маало. Останаа само неколку објекта како куќите на Мартиновски и Личеновски и новата инженерска куќа, која потоа влезе во состав на новата автобуска станица и во неа живееше некое време Андреа брат му на Каро, за потоа да стане слаткарница, но и таа беше срушена по преселувањето на автобуската станица. За животот во маалото би можело да се напише еден убав роман, но тоа му го оставам на некој друг, од мене засега ова е доста.
Благоја Илијевски