(Живот посветен на своите деца, семејството, својот народ, македонската преродба и на Македонија – почеток и средина на деветнаесеттиот век)
Според изворни податоци, дедо Мицо Караџа, првенец и жесток поддржувач на преродбенските македонски дејци, е роден на почетокот на деветнаесеттиот век во селото Робово, Струмица, каде што живеел како еден од највидните богати чорбаџии, бранејќи ги јазичните, културните и економските права на Македонците со спротивставување на агресивниот грчки експанзионизам спроведуван преку патријаршиските цркви и училишта, со негов директен ангажман за обезбедување учител и отворање прво училиште во тој регион на народен разбирлив словенски македонски јазик. Преку бисерните извори на информации и податоци „Училиштето во село Робово од преродбата до денес“ 1860-1995, на неуморниот истражувач, фолклорист, есеист и писател, робовчанецот Иван Котев, „Графика“, Скопје 1995 година и „Спомените“ на Арсени Костенцев, Софија, 1984 година, како и други извори, се отсликуваат ликот и делото на дедо Мицо, како: „крупна фигура на преродбата и филозоф во мислата а прагматичар во дејствувањето“
И. Котев во спомнатото дело, с. 49; „висок црномурен и добро облечен“, Костенцев во спомнатото дело, с. 51; „најмудар и најхрабар“, проф. д-р Александар Трајановски во „Преродбеникот Арсениј Костенцев“, „Современост“, 5-6, Скопје, 1994, с. 142; „истакнат селски првенец“, проф. д-р Манол Пандевски во „Преродбенското движење“ с. 194; исто Манол Пандевски „енергичен, интелигентен и богат“ во „Ѓорѓи Стоев-Трнката“ с. 163; „родољубивиот селски првенец“, проф. д-р Ристо Кантарџиев во „Отворање на народни училишта во Струмичко“, с. 42; „селски првенец чорбаџи Мицо Караџа“, проф. д-р Бранко Панов во „Црковно-просветните борби“, с. 93; „исклучителен човек“, Иван Котев во „Есејот за Арсени Костенцев“, Акт 57, списание за книжевност и култура, Скопје, 2015 година.
Ако Костенцев, во спомнатите „Спомени“, наведува дека во Робово, во куќата на богатиот домаќин бил во март 1860 година, а дедо Мицо му изгледал дека бил од 50 до 55 години, значи може да претпоставиме дека дедо Мицо е роден почетните години на 19 век или некаде помеѓу 1805-1810 година, а во истото дело се наведуваат и неговите синови Доне и Танчо, кои се негови придружници и следбеници. Потоа, според семејни извори, лозата продолжува, од дедо Танчо, дедо Милко, Миле, Михаил и преку дедо Васил и дедо Панде, големото семејство и семејна врска на Милкови, Милковски – Милковци, во селото Робово, Струмица, Скопје, Охрид, Пехчево, Штип, Гостивар, други места, како и надвор од Македонија, во земји на Европа и други земји во светот.
Стојан и Крсто Милковски, се активен дел, од спомнатото дело за училиштето во селото Робово на почитуваниот Иван Котев. Во остварувањето на својата благородна и храбра мисија и визија за преродбата на македонскиот народ, заедно со учителот Арсени Костенцев, покрај подршката од видното семејство Раненикови од Струмица, Аџи Трендо со робовско потекло, други чорбаџии, бегови и други турски високодостоинственици, како и Мирче Аџијата во Солун, по потекло од Прилеп, Ѓорѓи Гогов од Воден, соработува и добива активна поддршка и од познатите слависти и творци, Стеван Верковиќ и Виктор Григорович.
Во тоа време, во почетокот и средината на 19 век, кога се чувствува надолната линија и падот на отоманското вековно владеење, народите на Балканот почнуваат да се самоосвестуваат и јазично, културно и национално се организираат за самоопределување и добивање одредени автономии и самостојни кнежевства, при што под препознатливиот словенски јазичен и историски културен и традиционален код создаваат заеднички народен амбиент за создавање црковни и световни училишта што прагматичниот и народен филозоф дедо Мицо Караџа го реализира со помош на видното и богато семејство Раненикови од Струмица со носењето и ангажирање на младиот надарен учител Арсение Костенцев од штипско Ново Село, тогаш веќе место и огниште за учење и примена на словенскиот македонски јазик во црковното псалтање и пеење и во световното училиште и промовирање и афирмирање на голем број млади учители и просветари.
Така, кога Струмица била тврдина на агресивниот грцизам и кога дејствувал немилосрдниот злосторник Јеротеј, митрополит на Струмичката митрополија, која била под Цариградската патријаршија и која не избирала средства за опстојување на грчкиот јазик и писмо, користејќи ги црквите и црквените училишта со обиди за спречување каква било јазична и писмена промена, се појави храбриот горостас и селски првенец, тогаш веќе познат промотор и подржувач на преродбенските чекори и напори на Димитар и Константин Миладинов, Ангел Хаџи-Константинов Џинот, Рајко Жинзифов и други за воведување на словенското македонско наречје и народниот македонски јазик во црквите и училиштата, со голем ризик по неговиот живот и животот и спокојството на неговото семејство, во својот и широк двор со учителот Костенцев во месец март 1860 година го отвора првото училиште на народен македонски јазик.
Овој чин може да се означи како заживување на вековната линија содржана во светлите позиции и активности на Охридската архиепископија и Светиклиментовата мисија и Охридска школа за практикување на учењето и писмото на светите Кирил и Методиј на словенскиот говор опфаќајќи ги просторите на словенските народи во Европа и пошироко, особено свеста и самосвеста на македонските дејци и учени преродбеници во личностите на Арсени Костенцев, Григор Прличев, Кузман Шапкарев и други херои на средината и крајот на 19 век во борбата против грцизмот и грчката пропаганда и против нивните ученици Бугарската егзархија и пропаганда.
Историските факти во овој период, средината на 19 век, кој француските и европските филозофи, учени, писатели и уметници го нарекуваа „нова ренесанса“, на Балканот го означуваше филозофијата на растење на духот за самоспознавање, самоосвестување и народно и национално самоопределување преку црковните учени и просветарите во ќелијни и организирани училишта, а во тој контекст и македонските учени, поети, писатели, фолклористи и учители: Димитар Миладинов, Константин Миладинов, Рајко Жинзифов, Кузман Шапкарев, Арсени Костенцев, Григор Прличев и други поддржани од народните првенци и визионери како дедо Мицо Караџа го посеаја семето на македонското народно наречје и македонскиот народен јазик што како низа е и основа за современиот македонски јазик и литература со што цврсто ја затемелуваат тезата дека македонската мисла и дух се развива заедно со развојниот и творечки дух на европската и балканската интелигенција и уметничка и културна ризница. За разлика од европските и балкански филозофи и духовни мислители и носители на системски демократски општествени промени, македонските учени, мислители и учители беа под постојано насилство, терор, уцени, закани за лична ликвидација на тогаш агресивната и силна грчка пропаганда, па исто и бугарската пропаганда, во периоди и српската пропаганда, кои, сѐ до националната и јазична и културна слобода на македонскиот народ во слободна Македонија, не само што оставија силни белези и трауми врз македонското ткиво и своесвесна мисла и до ден-денешен во 21 век или по близу два века, некои не се смируваат, со обиди да ги нарушат тешко градените европски вредности.
Страдањата, бесправните пресуди, неподносливите услови во затворите и физичките ликвидации и убиства се заеднички нешта за македонските преродбеници, учени и учители и поддржувачи првенци и визионери, но заедничка вредност се нивните дела, напишани и изречени, и нацртаната линија и црта што ја продолжија следните генерации борци, учени, учители и идеолози погледнати во имињата на Ѓорѓија Пулески, Крсте Мисирков, Коста Шахов и светлите ликови на Даме Груев, Питу Гули, Јане Сандански и апостолската големина на Гоце Делчев, кои ги споија 19 и 20 век, а подоцна Кочо-Коста Солев Рацин, Никола Вапцаров, Коле Неделковски и други и генерации творци во и по антифашистичката победа во Втората светска војна, во државата Македонија, сѐ до денешните македонски поети, писатели, филозофи, уметници, научници и многубројна интелигенција со европска ориентација, погледи и иднина.
Мисијата и визијата на дедо Мицо Караџа за македонската вредносна култура, јазик, мисла и творештво, како дел наследството на балканската, европска и светска ризница на народи, личности и творештво, продолжува со гордост на него и сите како него, особено согледувајќи го и потврдувајќи во ликовите и делата на неговото поколение, семејна лоза и следбеници на, доктори на науки, филозофи, професори, учители, едукатори, поети, писатели, истражувачи, аналитичари, консултанти, кои се дел од македонското, балканско, европско и светско творечко богатство.
Неговата големина, мисија и визија може да ја пренесеме и оставиме за навек, според „Спомените“ на Костенцев, на стр. 50 од споменатата книга за училиштето во струмичко Робово, во 1860 година, преку неговите зборови упатени до еден велешки трговец и чорбаџија што бил гостин кај дедо Мицо и носел корисни предмети за училиштето, дека, ние, како и другите народи и нации, си сакаме своја капа, мислејќи на свештеничка капа, и псалтање, проповедање и учење на наш мајчин јазик, со што ја покажува насоката веќе воспоставена од делата на св. Климент, Партенија Зографски и други многубројни творци и преродбеници и на учењата и знаењата на Димитар Миладинов, кој на тие простори на Македонија, Кукуш 1857-59 година, родното место на Гоце Делчев, бил учител и пренесувал знаења на народен македонски јазик.
Заклучок: Дедо Мицо Караџа е израз на континуитет на свеста за својот посебен етноген и своја македонска етногенеза, активност и борба за одржување на својот род, јазик, култура, религија и нација и пример за својот народ и показ за другите народи, нации и етнички групи и заедници. Училиштата, како тоа во струмичко Робово, се институционален доказ за напорите на македонскиот културен, јазичен и национален континуитет, и треба да бидат силна и заштитна брана против сите напади на македонскиот јазик, нација и идентитет.
Љупчо Милковски, истражувач, аналитичар, поет и писател