Порти

Портите како симболи во текот на вековите, во историјата на народите, означувале белези на некоја меморија. Така, има многу такви зданија, меѓу кои се најпознати: Триумфалната порта во Париз, изградена од царот Наполеон, на просторот на Елисејските Полиња (кои тогаш биле само полиња), Бранденбуршката порта во Берлин, многу поголеми и помали порти во Рим, како белези на некои настани или како симбол на некоја личност или семејство од аристократијата. Овие порти се вклопиле во меморијата на човештвото од нивното градење, па до денес. Никој, колку што е познато, не успеал да ги урне, како што имало обиди за Бранденбуршката порта, од различни причини, политички, историски итн. И ден-денес на пример постои здружение (додуша не за порта) против Ајфеловата кула во Париз. Тоа е многу популарно, речиси почитувано како „традиција“, но не и помогнато низ децениите „навистина“ да се урне Ајфеловата кула.
Во битот на човекот е да создава, да гради, а не да урива. За уривање се специјализирани војните. Тие се тие што поради политички, експанзионистички и пред сè себични похоти го практикуваат тоа. Во светот постоеле, а и денес постојат такви дејства.
Како да се заштитиме и колку можеме или не можеме да ги прифатиме? Повод за ова што го започнав е портата „Македонија“ во Скопје. Таа беше изградена, како и други објекти, во состав на проектот „Скопје 2014“. Немам намера да навлегувам со коментирање на овој проект, но само мислам ако навистина „започне“ да се спроведува уривањето преку портата „Македонија“ и продолжи понатаму, Скопје ќе стане една огромна урнатина, која ќе личи на Дрезден по Втората светска војна, а притоа да не ги сметаме материјалните средства што ќе треба да бидат вложени во таа акција. Од каде ќе се земат и кој ќе ги даде?

Скопјани од времето на постоењето на маалата полека ги нема, а и маалата ги нема. Сега се создадени некои сосема поинакви градски слики, кои им припаѓаат на новите генерации. Некои од нив (сум ги слушала во приватни разговори) се прашуваат чуму. Тие се вградуваат себеси во еден сосема друг простор. Спомнувањето на бившите маала, Скопје пред земјотресот, на пр. Дебар Маало, кое беше ветено дека ќе биде заштитено, а од тоа не остана ништо, како да се објасни таа речиси архитектонска трошност што замина во историјата. А можеби и историјата ќе замине во некоја друга невидлива димензија. Така што целата оваа „рашомонијада“ што ја следиме е едно такво мајтапење со народов, кој се бори за живот со вирусниот непријател, кој се бори за место, каде ќе работи, што ќе му овозможи барем да може да се прехрани, народ што е опкружен со секојдневна смрт, народ што со месеци ги чека вакцините, народ што е збунет од наредбите и заканите од политиката за пописот, народ на кој домот ќе му стане затвор ако не се попише (дали во Македонија има толку затвори?), народ што е збунет од желбите на извесни егоцентрични личности што се намерачиле да уриваат, а не да градат, народ што ја бара сегашноста, да му помогне за да може да живее, народ што сака да мисли за иднината на своите внуци, правнуци.
Овој народ што со векови живеел на една ветрометина што се вика Македонија. Овој народ во Македонија, а и Македонија, дали ќе ги преживее сите овие закани?

Гордана Михаилова Бошнакоска, писателка