Колумните во весникот „Нова Македонија“ што се посветени на прашањето за името редовно и со посебен интерес ги читам. Со поголем дел од текстовите го делам мислењето, а во врска со некои делови имам посебно мислење, засновано на Уставот и важечките закони и прописи што владеат во државата. Според нив, Уставот не ѝ дава генерално овластување на Владата за склучување меѓународни договори, па кога наголемо се најави склучување на меѓународен договор за промена на името, почнав да го барам законот во кој ѝ е дадено такво овластување на Владата. (Имам долгогодишно правно искуство во Уставниот суд на СРМ, и долгогодишно правно искуство како судија на Врховниот суд на РМ.)
Според Уставот, само претседателот може да склучува меѓународни договори во име на Република Македонија и тоа без ограничување, што е разбирливо. Но Владата, според Уставот, е ограничена со закон, така што таа може да склучува меѓународни договори во име на Републиката, само кога тоа е определено со закон. Овластувањето не може да е дадено со друг пропис или со некоја одлука, туку само со закон, бидејќи Уставот го бара тоа. Јас не најдов закон во кој ѝ е дадено такво овластување на Владата, а закон не може да се скрие. За да има правна сила законот мора да биде објавен во „Службен весник на РМ“. Не верувам дека е воведен таен службен весник.
Но очигледно е дека за Владата воопшто не е важно дали има овластување како што бара Уставот, и веројатно ќе се најде ‚‚креативна дупка“, од која ќе произлезе „креативно решение“ за името, што секојдневно слушаме како најава.
Според нашиот сегашен Устав, меѓународните договори што ги склучува Република Македонија не се над Уставот, што се гледа од повеќе уставни одредби. За да бидат дел од внатрешниот правен поредок на Република Македонија, меѓународните договори мора да бидат ратификувани и Уставот бара ратификацијата да биде извршена во согласност со Уставот. Судиите во Република Македонија судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.
Ратификацијата се врши со закон, па Собранието не би требало да ратификува меѓународен договор што не е во согласност со Уставот, а ако сепак таков договор биде ратификуван, Уставниот суд треба да ја оценува уставноста на законот за ратификација. Ова, затоа што Уставниот суд нема надлежност директно да ја оценува согласноста на меѓународен договор со Уставот, но надлежен е да ја оценува согласноста на законите со Уставот. Закон за ратификација е исто така закон, а Уставот ги става во надлежност на Уставниот суд законите, без оглед каква материја уредуваат и на какви прашања се однесуваат. Но, има мислења дека закон за ратификација не може да оценува Уставниот суд затоа што законот за ратификација и меѓународниот договор претставуваат една целина. Таквото мислење допушта да настапи ситуација во која меѓународен договор, кој е на штета на државата ќе може да остане во внатрешниот правен поредок на Република Македонија.
Ратификацијата на меѓународните договори, според изјавите на Фрчковски, ќе отпадне кога, за влез во ЕУ ќе мораме да го менуваме Уставот, така што тогаш тие договори ќе се применуваат директно.
На меѓународен терен, меѓународните договори, според кажувањето на професор Игор Јанев, имаат правна сила и ја обврзуваат државата без оглед дали ги потпишал претседател, премиер или министер и без оглед дали имале овластување или не. Така, меѓународниот договор за промена на името, што Владата ни го подготвува, доколку биде склучен, во меѓународните односи ќе ја обврзува Република Македонија, иако Владата нема овластување да склучи таков договор. А така договореното, подоцна ќе биде внесено и во Уставот на Република Македонија, во согласност со договорената „временска рамка“. Значи, без основа во Уставот и законите, неовластено, зад грбот на народот и спротивно на волјата на мнозинството (сметам дека мнозинството од македонскиот народ е против промена на името), Владата во име на уценета и понижена држава ќе договори промена на името на државата. Како можат да им го прават тоа на државата и на народот. За какво достоинствено решение зборуваат?
За претседателот на Република Македонија нема ограничувања во Уставот за склучување меѓународни договори, но, сметам дека договор за промена на името на државата ни тој ни кој било друг не смее да склучува, затоа што името на државата, идентитетот, јазикот… не можат да бидат предмет на договор со други држави. Срамота е, понижување е за државата и за народот. Но, сѐ е можно.
Милојка Калкашлиева