Повод за овој текст под горниов наслов се изјавите на двајца лидери на политички партии на власт. Тие изјави не се фер ни спрема македонскиот народ ни спрема премиерот и нивните партнери. Едниот се чудеше во една пригода велејќи: „На почетокот на 20 век во Македонија немало ниту еден Македонец“. Другиот допремиер за интеграции, по враќањето откај менторот, по сѐ изгледа осоколен од него, одеднаш излезе со список на поголем број барања што ги обелодени пред целата јавност. И со каква цел? Главно македонскиот народ да биде прогласен за геноциден за извршен геноцид над Албанците, и тоа во подолг временски период.
Мене често ме удира дамла од неупатеноста на политичарите (некои, не сите). Од овие две изјави бев шокиран, особено кога ќе се потсетам на хрониката на мојата фамилија. Овде нека ми биди дозволено, во кроки, да наведам неколку реченици. Мојата фамилија е од пелагониските села, ама ние не сме биле оттука, ами таму сме дошле од Кочишта, планинско село, 10 км северно од Битола, меѓу селата Г. Српци и Драгожани. Но вистинското потекло ни е од селото Бобошница, меѓу Корча и Москополе (сега во Албанија), од каде што моите предци се иселиле во 1870 година, кога тие места ги ограбил и запалил Али-паша Јанински, како и сите села каде што живееле Македонци и Власи. Толку колку да знаат овие ценети личности, уважени господа што ги споменав, за нивните пеколни изјави. Колку да знаат кој вршел геноцид и на кого се вршел. Да одиме понатаму. Денес има многу луѓе што се наоѓаат на важни функции, а кои малку се загрижени за одговорноста на јавно изговорениот збор, суд, тврдења. Обично некои од нив се потпишуваат како аналитичари, коментатори, спектатори, демографи и слично; дури споменуваат имиња на навистина уважени стручњаци што ним им биле добри пријатели соработници. Но многу тези што јавно ги пласираат низ медиумите не ги поткрепуваат со емпириски, архивски или статистички показатели. Дури од статистиката бегаат како ѓаволот од темјан.
Во ова мое размислување ќе наведам повеќе примери од кои се гледа за што станува збор. Премиер на влада на прашање што е тој по национална припадност, одговара дека на тоа ќе одговорела историјата. Тој не знаел!? Еден „аналитичар“, кој е на самиот врв на добивање привилегии во земјава, како на пример советник на најважни функционери, добивање катедри по универзитети, учество во дебати по медиуми и каде не, јавно лаже, без око да му трепне, како, ако не помине на пример референдумот, народот (неговиот) не ќе бил лојален… демек на оваа земја. А што им кажува на тие кутри млади луѓе студенти кога на медиумите пред цел народ дава такви заканувачки пораки.
Ако некој е доктор по звање во една област, тој не е ослободен од одговорноста да не се плетка во други струки. За другата област тој е аматер, а може да излезе и дилетант. Продолжувам со првиот пример од воведот: значи еден таков политичар се прашуваше каде се нашле толку Македонци во Македонија денес, кога на почетокот на 20век немало ниту еден Македонец?! Нема овде да му објаснувам, но му советувам да си зема часови од дополнителна настава – настава за слаби ученици, или да му ги врати парите на тој што го учел во основно и средно. По која програма учел? Од неговиот крај се браќата Константин и Димитар, а селото се викало Ливада. А тој се чуди (и сега се подготвува попис со некои слични графи како во Отоманската Империја).
За неодговорност на јавно изговорениот збор ќе наведам и еден пратеник со стаж за пензија, а од политика. Тој ама воопшто не се грижи за тоа. Овој „лидер“ во еден негов предизборен говор се закануваше како на опозицискиот лидер ќе му направел ова-она, па побара по џебовите, извади парче морков, па рече тоа ќе му го дадел на зајакот. Употреби и други реченици, пристојноста не дозволува буквално да се цитира. А потоа, кога опозиционерот стана позиција-власт, гореспоменатиот лидер ни најмалку не се грижеше што зборувал, почна да му се додворува. Не додворува, ами да му се улизува. Да му нуди гласови и слично. Ќе забележите: ниска тактика, недостојна, недолична.
Во плејадата високи личности (барем по фотелјите во кои тонат), има многу од кои сум премногу зачуден. Тука спаѓа еден допремиер задолжен за прашања од енергетиката. Нему му било исто дали ќе се викаме јужна, северна, западна или источна. Па, академикот од Крушево: првин не е добра спогодбата, а потоа арна е, што ѝ фали?! На овие двајца, за македонското национално битие им е битно колку за ланскиот снег. Во оваа група е и академикот од Бистрица. Не ме зачуди многу иако сум слушал за него позитивни зборови. Тој не даде правно толкување. На давањето оцена за спогодбата самиот се девалвира. Браво за академикот М. Маџунков. Голема македонска личност е секако Блаже Конески. Него еден политичар го нарекол „џуџето од Небрегово“. Ако рекол така, него никаква вода не може да го испере, најмалку „изваден сум од контекст“.
Во многу струки, стручњаците одат на симпозиуми да слушнат за нови промени во својата професија, за иновации и слично. А политичарите во многу земји, а и кај нас, одат на часови по дипломатски речник, протокол и друго. А изгледа професорот Темков, доктор по етика, треба да отвори вечерно училиште по етика и бонтон за млади политичари и лидери. Тоа добро ќе им дојде на лидерите.
Никола Масалковски