АФОРИЗМИ – Македонизми
- За успешен брак треба да ги сакате и најгрдите роднините на вашата поубава половина!
- И оној што никој не го шиша на крајот останува без коса, но од мака!
- Кога глувците оро водат, мачките го избираат највкусниот игроорец!
- Кирил и Методиј во манастирите не правеле само обично сирење, туку ги просветувале Словените и нивната писменост ја ширеле!
- Не беше слаб само од неучење, туку и од нејадење!
- Му потонаа сите работи на дно, па затоа се вработи како главен готвач во подморница!
- Обично најмногу им симнуваме капа на оние што ни ја кројат!
- Колку е поголем бројот на вистините, толку е поголема лагата!
- Перењето пари преку незавршените објекти за преработка на отпадот води кон поголема нечистотија!
- Писменоста е секогаш поголема кога е во малиот прст, отколку кога е во палецот!
- По сѐ судејќи најмасовна вистина во светот е лагата!
- Сѐ тече само оние што му го кажуваат тоа на народот не се менуваат!
- Тој се заљуби во нејзините сини очи, а таа во неговата со иста боја платежна картичка!
- Денешните големи волови не ораат во село, туку во град со помош на големите коњските сили на своите автомобили!
- Најтешко може да го скријат адутот во ракавите оние што остануваат со куси ракави!
- Ниту најотпорниот вирус не е појак од заразувањето на луѓето со парите!
- Нормално е дека во секоја татковина терањето во мајчина е на мајчиниот јазик!
- Од толку многу телевизиски и интернет-програми за приготвување на храната, во денешно време домаќинките немаат време за готвење!
- Како може отпадната потковица од некој несреќен коњ да му носи среќа на оној што ја нашол?!
- Во неуспешната метеоролошка служба единствено точно може да се предвиди грмењето на шефот!
- Двогрбата камила е најдобар пример за вистинското полтронство!
- Најтешко е при различните субјективни толкувања на вестите да се докаже вистинската објективност на информирањето!
- Дека времето е пари најдобар доказ се оние што се платени според времето на седење на работа!
- Што дека стално сонуваше за подобро утре кога мораше да се разбуди во оваа сегашност!
- Кој рано рани, има барем два проблема збрани!
Андреј Русјаков