Во саботата, 14 септември, 10 дрона на владата на „Ансаруллах“ во Јемен ги нападнаа нафтената рафинерија „Букајк“ и нафтеното поле Хурејс на компанијата „Арамко“ во Саудиска Арабија, кои беа тешко оштетени. Извештаите и сликите од местото на настанот покажуваат дека деструктивната моќ на нападите била висока што доведе до тоа 5,7 милиони барели од производствените капацитети на С. Арабија или 5 отсто од нафтата на светскиот пазар да стане недостапна.
Двата инцидента се случија во време кога компанијата „Арамко“ се подготвуваше да продаде 5 отсто од својот дел на акциите на меѓународните берзи во вредност од три трилиони долари, а изненадувачкиот напад на „Ансаруллах“ ја затресе позицијата на Арамко во спроведувањето на планот. Од друга страна, случувањата во „Букаујк“ и Хурејс го поттикнаа растот на цената на нафтата во светот. Во понеделникот, 16 септември, цената на суровата нафта „брент“ се искачи за 19 отсто и достигна до 71,95 долар за барел, што претставува рекордно високо ниво во изминатите четири месеци. Саудиската влада објави дека наскоро ќе започне со реконструкција на нафтените инсталации, но експертите за енергија велат дека овој процес може да потрае и до шест месеци или повеќе, а покрај тоа што ќе предизвика загуба од 5 милијарди американски долари за Владата на Ријад поради неможност за продажба на овие количества нафта, може да доведе и до повторно покачување на цената на нафтата.
Паралелно со последните случувања и покрај тоа што владата на „Ансаруллах“ ја презеде одговорноста за нападите, САД многу брзо и на зачудувачки начин и без доволно проучување на фактите, прстот го насочија кон Иран обвинувајќи го. Претседателот, државниот секретар и други функционери на оваа земја, во разни форми и без да предочат веродостојни докази, само објавувајќи некои сателитски снимки и многу слаби теми како „далечината“, „патеката“ и „прецизноста“ на нападите, се обидоа да го претстават Иран како одговорен за овие напади. Саудиската влада, во меѓувреме, презеде повнимателен пристап и одби да го обвини директно Иран, и покрај тоа што излезе со некои тврдења за потеклото на нападите и оружјето што беше користено. Како и да е, се чини дека обвинителите, свесно или несвесно, тргнале на погрешен пат за процена на настаните. Постои ризик дека поттикнувањето на јавното мислење, уценувањата и злоупотребата на актуелната медиумско-политичка атмосфера, ќе ја влоши ситуацијата и ќе предизвика иден конфликт или потенцијални кризи што нема да бидат од корист за ниту една земја во регионот или во светот.
Препознавањето на лажните обвиненија против Иран не е тешка задача и не бара специјализирана експертиза. Тоа што првично беше објавено дека нападите се случиле од ирачка почва, но набргу откако американскиот државен секретар во телефонски разговор со ирачкиот премиер ги отфрли овие тврдења, ја покажува неоснованоста на наметнатите тврдења против Иран. Покрај тоа, треба да се спомене дека изборот на ваква маршрута со беспилотни летала е сложен воен процес, кој вклучува многу фактори, како што се географските услови, постојните одбранбени системи, почитувањето на правилото за „измама на непријателот“ и слично. Затоа, тврдењето во врска со маршрутата на летот, и тоа неутврдена маршрута, не може да го открие мешањето на одредена земја во овие случувања. Слично на тоа, оддалеченоста и прецизноста на операциите не се солидна основа за процена. Во минатото, силите на „Ансаруллах“ во неколку наврати демонстрираа слична оперативна прецизност со целењето на аеродромите на Саудиска Арабија и други места во регионот и тоа во поголема далечина.
Проучувањето на деталите за саудиските настани може да обезбеди дополнителни причини за утврдување на лажните обвиненија против Иран. Но клучната работа што истовремено е и најважна, се загрижувачките ефекти од ваквите лоши методи за справување со меѓународните и регионалните прашања. Игнорирањето на основните причини за кризата во Јемен и имплицирањето на другите под изговор на овие случувања е неефикасен и загрижувачки начин, а единствениот ефект на ваквиот погрешен пристап е понатамошното комплицирање на ситуацијата, евентуалното проширување на кризата и одолжување на истата таа, и оставањето на јеменскиот народ да биде сам во страдањата како последица на војната. Наместо ваквите погрешни и злобни методи, подобро би било да се следи еден пологичен пристап за наоѓање поефикасни решенија за ставање на ситуацијата под контрола.
Повеќе од четири и пол години, коалицијата предводена од Саудиска Арабија, со американска поддршка и помош, спротивно на сите меѓународни норми и преку кристално јасна агресија ги има испратено своите воени сили во Јемен и во стотина и илјади наврати има извршено жестоки бомбардирања од земја и од небо врз градовите и селата на оваа сиромашна земја. Десетици илјади луѓе се убиени, неколку милиони се раселени, а и неколку милиони се соочуваат со смрт како последица од глад и тотален недостиг од основни животни услови, а целата инфраструктура на земјата е уништена. Во вакви услови не треба да изненадува тоа што владата на „Ансаруллах“, под толку голем притисок, молчи за легитимната одбрана на јеменскиот народ и не презема никакви активности за да ја зголеми својата одбранбена способност и не се одмаздува. Неодамнешните напади на „Ансаруллах“ се одговор на повеќегодишната погубна војна, војна што досега немаше никаква придобивка за Саудиска Арабија и нејзините сојузници и, напротив, предизвика милијарди долари штета на Јемен, на саудиската економија и други вклучени земји. Криењето на неуспесите обвинувајќи ги другите и негирајќи ја моќта на „Ансаруллах“ нема да донесат никакви резултати. Кризата во Јемен може да се реши само со прекин на агресијата и воената интервенција и дијалог и преговори помеѓу инволвираните страни. Исламската Република Иран преку специјални разговори со Европа и со поддршка на преговорите на јеменските завојувани страни под покровителство на ООН во Шведска, јасно го разјасни својот став што е поддршка на дипломатскиот пат и инсистира на продолжување на овој принципиелен пристап. Време е „воените поттикнувачи“ и „креаторите на кризи“ да имаат нов поглед кон реалноста во Јемен. Повлекувањето на воените сили на коалицијата од оваа земја погодена од катастрофа, е првиот суштински чекор што мора да се преземе.
Од Амбасадата на Исламска Република Иран, Скопје