Во овој напис ќе бидам многу директен, бидејќи вистиномерачите/мерите настапуваат како агитпроп, орган на СДСМ. Сѐ понатаму во текстот е компарација на контраспиновите на вистиномерачите, со мое потпирање на знаењето на оние што за вакви работи имаат напредно во однос на нашето знаење. Понатаму ќе анализирам само неколку примери на утврдени „вистини“ на нашите вистиномерачи, за да оцениме колку тие навистина се вистинити. Прв пример е контраспинот „дека за идентитетот, односно за македонскиот народ и јазикот не се преговарало со Бугарија“. Подобра невистина или чиста лага и неодржлив контраспин од овој не може да се најде. Ние можеби не сакаме, ама Бугарија упорно бара преговори и за тие прашања. По неколку дена претседателот Пендаровски соопшти дека во документот што во Бугарија му е врачен на нашиот поштар Бучковски стоеле тие барања од таа страна. За мене не е битно што претседателот го урива контраспинот на овие вистиномери, туку е битно тоа што контраспинот е идејно насочен и аматерски подготвен и не ја изразува реалноста што е очигледна. Бугарија врз основа на „научните сознанија“ на БАН во нивниот парламент усвои документ што ги содржи тие барања од Заев. Овој контраспин само потврдува дека нашите контраспинувачи воопшто не ја познаваат политиката и притоа испуштиле од вид дека политичкиот консензус постигнат во Бугарија за овие прашања, оваа држава нема да го смени како што Заев постојано ги менува своите лични и партиски ставови и е постојано без консензус со опозицијата за толку важни прашања како што е македонскиот идентитет и оди да преговара со други држави, какви што беа преговорите со Грција, а сега тоа го повторува и со историските желби и инспирации на неизживеаните бугарски политичари, од Живков до денес, кон сѐ што е историски македонско.
Тесно поврзано со ова мора да се спомене дека кај нас постои сериозен недостиг од знаење што е идентитет, па се пласира псевдотеорија, која дури не почива ниту на законитостите на метафизиката, туку на некакви чисти физички законитости, заснована на плочи или најново преформулирана во вители (делови од разбој на кој ткаеле нашите прабаби), а притоа се заборава на тоа дека за да функционираат тие вители, потребно е да имаме кросно, преѓа и брда, кои ги нема во таа теорија со која се објаснува оваа сериозна општествена и социолошка појава. Бидејќи оваа теорија почива на нереални претпоставки, бидејќи ни се продава како аналогија или метафора, на крајот се сведува на инфантилна детска идеја на недокажани и неостварени поединци во занимањето, некои дури и професори на факултет. Во врска со проблемот за идентитетот потребно е да се погледа книгата „Преговарање за непреговорливото“ од автор што го води проектот за преговарање на универзитетот „Харвард“. Таму е содржана срцевината на оваа појава и за тоа како идентитетот се формирал, без вители. Се почива на сериозни историско-општествени столбови, за што јас нешто напишав во овој весник на 5 јануари оваа година и пред тоа. Овој теоретски концепт ги антиципира анализите на Питер Колман од универзитетот „Колумбија“ или на Херман Келман од универзитетот „Харвард“, потоа на покојниот Џон Бартон од универзитетот „Џорџ Мејсон“ и уште многу други. Кога ќе ги споредите овие теории со нашата теорија за плочи/вители, тогаш гледате фрапантна разлика во генијот и интелектот, а сепак овие наши теоретичари се главните во нашата политика и советници за сѐ во државата, па и за преговорите со Грција за името и сега за дијалогот со Бугарија, па дури и за пописот.
Второ, загатнатото во последните редови погоре, укажува на незнаењето на контекстот и дискурсот (духот) од определени изјави, написи или настапи односно спинови, па најчесто контраспиновите се потпираат на прости факти, било правни или искази од други во слични ситуации. Еве пример за тоа. „Спинот“ дека „со измените на Уставот и Договорот од Преспа се промени нашиот идентитет“ го прогласуваат за лага. Со контраспин н8 убедуваат дека не се променил нашиот идентитет, толкувајќи го членот 7, став 3 и 4 од Преспанскиот договор, влечејќи заклучок дека термините Македонец, македонска и македонски со овие ставови од овој член „никој немал право да ги оспорува или негира иако во средствата за јавно информирање се пласирале такви тези“. Еве ја мојата вистина за споменатиот контраспин на вистиномерачите, со која докажувам дека контраспинувачите не се способни за ваков контраспин. Споменатите ставови од членот 7 од Договорот од Преспа, контраспинувачите ги толкуваат со голема леснотија и без знаење на разликата меѓу правните принципи и нормите, па затоа лесно доаѓаат до неодржливиот контраспин. Не знаат дека на промената на идентитетот јасно упатува правниот принцип, а не нормата од ставот 1 од овој член, бидејќи со него се врши разграничувањето на идентитетот меѓу нас Македонците од Република Македонија и Македонците од Северна Грција (не со сите државјани на Грција). А тоа на крајот не значи дека се штити нашиот идентитет, како што тврдат вистиномерачите, туку тој е трансформиран релациски. Членот 7, став 1 гласи: „Страните признаваат дека нивното односно разбирање на терминот Македонија… известува за различен историски контекст и историско наследство“ (ставовите 2 и 3). Значи контраспинувачите зборот „односно“ го подразбрале како предлог со кој се заштитува нашето, бидејќи е врзан за именката Македонија, а не како предлог што ги објаснува разлики во толкувањето на поимите Македонија и Македонци во историски контекст и наследство, односно меѓу Македонците во Македонија и Северна Грција, односно меѓу Македонците во Македонија и во Грција, што е суштина на релацискиот идентитет, според концептот „Преговарање за непреговорливото“. Затоа овој контраспин, со кој нормата се става пред принципот, според мене, е правно и политички сосема неумешно и аматерски монтиран, без знаење на една суштина на правниот дух на Преспанскиот договор, а со цел да се одбранат незнаењето и сериозните грешки на Заев и Димитров направени во преговорите. Така, контраспинувачите се ставаат на страната на незнаењето и лагите, веројатно да ги оправдаат своето постоење и финансирањето на својата дејност, што во дел пристигнува од нашиот буџет.
Трето, контраспинот дека „ако нема консензус, не значи дека СДСМ и ДУИ ќе го фалсификуваат пописот“ за мене е контраспин на стрина ми од соседството, а не на сериозен вистиномерач! Зошто? Одговорот е едноставен. Опозицијата за овој проблем бараше целосен консензус, бидејќи тоа не е проблем само на СДСМ и ДУИ. Посебна приказна е како е усвоен Законот за попис. Не знам дали по „дојава од Тирана“ за националните интереси на „нивното“ малцинство во Македонија, поддршка на законот мораа и му дадоа и опозициските партии од малцинството застапени во парламентот. Оваа тенденција постојано и сериозно е поддржана и преку напорите од страна на нашите одродени Македонци со анархолибералистички определби и активности на планот за целосно ослободување на Македонија од самата себе и македонштината. И така, без почитување на обврските, со истурање на правата за ова малцинство секогаш и во секој случај, стигнавме преку утврдени и посакувани проценти малцинството да го претвориме во политичко мнозинство. И така денес се одлучува! Ова има врска со состојбите во државата.
Понатаму, сакам да го споменам мојот личен став за односот кон актуелниот попис. Поради стравот од ковид-19, од кој сериозно се бранат земјите во ЕУ, па дури презакажуваат и пописи. Кај нас страв ми влеваат секоја вечер и министерот за здравство и оние од Комисијата за ковид, со нивните совети и алгоритми како да се заштитиме, поради што јас во мојот дом се немам сретнато со моите деца и внуци повеќе од една година. Се среќававме на паркинг-плац или пред зградата со маски. За пописот, некој сега сака да пуштам во мојот стан натрапници. Притоа ни вакцини најверојатно нема ниту да имаме дотогаш. Ако сѐ си остане по исто со овој закон до почетокот на пописот, тогаш барам Владата да ми уплати животно осигурување од најмалку еден милион евра три дена пред почетокот на пописот, за да ги пуштам попишувачите во мојот дом, бидејќи ПЦР-тестовите на попишувачите однапред нагласувам нема да ги признаам, бидејќи ќе бидат фалсификувани. Таквиот став го градам врз основа на гореспоменатото, но и на досегашниот неискрен однос на Владата кон нас граѓаните, какви што се преговорите за името, Договорот со Бугарија, сериозната корупција, повеќето лажни ветувања дека штотуку ќе влеземе во ЕУ и многу други. Претседателот Пендаровски се вклопи во оваа игра на позицијата, изигрувајќи шеф на сите граѓани преку најавената консултација со неговите правни експерти.
А не се консултира со економски и други правни експерти. И на крајот се случи тоа што беше договорено со својот шеф – го стави потписот на она што му се понуди. Таа негова постапка кон нас му беше слична на народната „мижи Асан да ти баам“! Нѐ почади со дим, жар и пепел, ама без гаранција за нашите животи, што не е случај со пописите во другите држави, каде што се откажуваат. Неговите најнови предлози за презакажување на пописот, изнесени по ставениот потпис на Законот, за мене се несериозен и некомпетентен однос на еден државник, кој не знае што е проактивна политика. Сакам попис, ама во пандемија повеќе од тоа си го сакам мојот и животот на моите најблиски и затоа барам полиса за животно осигурување, инаку нема да пуштам никого во мојот стан сѐ додека не се отстрани пандемијата!
М-р Ѓорѓи Трипков, економист-аналитичар