Сериозното цепење на македонското национално ткиво, присутно и денес, со крајно изострен интензитет на спротивставеностите од кога било досега, е последица на конфликтот меѓу двете најголеми македонски политички партии. Чкрапалото за тој конфликт, според мене, мора да се побара во нивниот интерес да се дојде на власт по секоја цена, притоа заборавајќи, во таа немилосрдна битка, да го бранат најбитниот интерес на македонскиот народ, сублимиран во национален. Искуството нѐ учи дека оние што беа или се на власт, сѐ подлабоко се заглавени во нивното самоверување дека само тие се праведни и бранители на државниот или националниот интерес на Македонците. Така, конфликтот меѓу овие македонски политички партии се повторуваше пред секој изборен циклус и потоа стануваше секојдневие во нашата држава, а вертигото се засилуваше и водеше кон она што го имаме денес на виделина: да се потроши македонството во сопствената држава, за сметка на идентитетот на другите малцинства, и така да се задоволат интересите на соседите и меѓународната заедница. Најстрашно од сѐ е тоа што македонскиот народ чувствува и е загрижен за тоа што го губи својот идентитет, а оние од врвот на партиите го наѕираат тоа, ама не го гледаат јасно и не го чувствуваат, плашејќи се дека ако реагираат одбранбено, ќе ја изгубат власта.
Така, наместо да се обединат околу националниот интерес и со своето политичко дејствување да го бранат, тие цело време од осамостојувањето, самозадоволно и нарцисоидно вербално се обидуваат да нѐ убедуваат кој подобро го брани тој интерес и така ни покажуваат дека од нивното на моменти инфантилно, а на моменти аутистично политичко дејствување нема полошо во политиката, како што теоретски го објаснуваат тоа многу странски научници.
Морам да признаам дека овој проблем, околу цепењето на македонското национално ткиво, ме мачи од моите најрани години на животот, кога по историја ни се објаснуваа конфликтите меѓу политичките фракции во ВМРО, набргу по неговото настанување и особено од почетокот на дваесеттиот век. Ако се има предвид историската вистина, дека тие конфликти биле последица на интересите на државите каде што тие делови од македонскиот народ дејствувале политички, поради тоа што не постоела македонска држава во која би се артикулирал тој македонски национален интерес, тогаш се поставува прашањето зошто тоа цепкање на македонското национално ткиво продолжува и денес, кога имаме своја држава.
Имајќи го предвид и досегашното политичко дејствување на партиите, од осамостојувањето, препознавам дека кај нас двете најголеми политички партии секојдневно го полнат емоционалниот конфликт. Да почнеме од неговиот почеток. Него го предизвика СДСМ, кога на еден дел од нашата државна територија, веднаш по нашето осамостојување, растури летоци во кои ВМРО-ДПМНЕ се окарактеризира како бугарска партија. Да потсетам дека ВМРО-ДПМНЕ возврати на тој чин, обвинувајќи го за таа акција, тогашниот потпретседател на Собранието на РМ од редовите на СДСМ и ја окарактеризира оваа партија како пројугословенска, односно просрпски ориентирана, што од аспект на случувањата по распаѓањето на поранешната СФРЈ и прецизно недефинираниот однос на оваа партија кон националниот интерес на македонскиот народ изгледаше сосема коректна квалификација. И, ете, така тоа конфронтирање, удирајќи во срцевината за опстанок на двете партии, го посади новото семе на поделбите на македонското ткиво и стана основната причина за она за што јас тука сакам јавно да го изнесам мојот став.
Тоа непријателство меѓу овие партии со секој изборен процес, со години се ширеше и го полнеше конфликтот, не само преку секојдневното практикување на власта туку и преку практикувањето на кадровската политика, преку системските решенија, каков што е примерот со приватизацијата, изборниот закон, територијалната организираност и постојаната битка за создавање нови или трансформирање и преземање на постојните фирми. За недемократските процеси на неколкуте последни изборни циклуси и преземањето на власта од едните или другите, во кои големо учество има странскиот фактор, нема потреба од коментар, освен дека тој фактор си ги остварува своите интереси преку поддршката на едната или другата завојувана македонска политичка партија во изборниот процес. Споменатиот конфликт беше и денес е добра подлога за таквата активност од страна, но и внатре од партиите на најголемата малцинска заедница.
Недостигот од политичко знаење за тоа што е национален интерес исто така покажува дека немаме знаење и за тоа како да стигнеме до консензус за обединување, како што албанските партии го прават тоа во Тирана, каде што се инструираат за постигнување единствен став околу нивниот национален интерес во нашата држава. За мене претставувањето на Тиранската платформа во Берн беше и останува повод за случувањата од 27 април, но и за освојување на власта и, на крајот, тоа, заедно со „мировниот“ договор со источниот сосед, потоа и езерскиот договор потпишан во Нивици, е последниот и одлучувачки удар врз националниот интерес на македонската заедница за сметка на хомогенизацијата на националниот интерес на најголемата малцинска заедница, бидејќи овие „револуционерни“ активности беа изведени без консензус меѓу македонските партии, туку само со волјата на СДСМ.
Вториот фактор што ме упатува на емоционалното полнење на конфликтот меѓу македонските партии е пристапот кон правдата, што како тенденција постои од настанувањето на овие две партии. Поделените ставови околу референдумот за осамостојувањето на нашата држава, па преку благиот судир на ВМРО и СДСМ околу приватизацијата и ултимативното одбивања на СДСМ да се ангажираат странски експерти да ни помогнат околу транзицијата, со изговорот дека и ние имаме професори, мислејќи дека проф. Стив Хенке, не е достоен на нашето знаење, конечно нѐ воведе во замката секоја партија кога ќе дојде на власт да си нуди своја правда. Да потсетам, иако мислам дека секому му е јасно, освен на нашите атамани, дека таквата правда, која ја практикуваа тие, е само и единствено самоправедно, што е далеку од демократијата. Таа политичка самоправедност е фактор што го засилува вертигото на политичкиот конфликт помеѓу споменатите македонски партии и нѐ води во постојан политички ќор-сокак, каков што е моменталниот околу името, вклучувајќи го последниот манипулативен референдум за него и измените на Уставот, а потоа и Законот за јазиците, некакваси амнестија целно ориентирана кон реализација само на политичките определби на СДСМ и неговите поддржувачи, но не и на сиот македонски народ и сл.
Потрагично од политичката самоправедност е тоа што самоправедноста е сѐ поприсутна и во науката. Не треба објаснување на нешто што му е јасно секому, дека партиите си имаат своја ергела од „расни“ хуманоиди експерти по право, кои се „праведни“ само кога нивната партија е на власт. Чест на исклучоците, кои знаат дека на науката целта ѝ е да ја осознава и шири вистината, потпирајќи се на научните законитости, а не на нечија самоправедност или на (не)знаењето на поединци или групи. Така нашата наука станува сериозен фактор што го засилува цепењето на нашето национално ткиво. Значи, каква ни е науката таква ни е политиката. Ако се бара одговор што е постаро за ваквите наши небитнини или од каде потекнува синдромот на поделби на македонскиот народ, тогаш мојот одговор за тоа е дека нашата недоучена наука е основата од која нашите политичари го стекнале и сѐ уште го стекнуваат своето правно и политичко (не)знаење. И затоа треба да се додаде дека е доста од самоправедни правни експерти, заедно со политичките актери што ја донесоа државата во живиот песок, во кој постепено ама постојано пропаѓа сѐ подлабоко, а реално на виделина е заробената држава. Денес ценам дека заради мултиетничноста на државата, а не на општеството, на дното од живиот песок се наоѓа македонската заедница. Не прашувајте се зошто е така. Одговорот е едноставен. Не се прави мултиетничко општество преку мултиетничка заробена држава. Тоа многу убаво го кажа пред две-три години канцеларката Меркел.
На Запад секогаш има нешто ново, наспроти нашето верување дека таму нема ништо ново, кое го влечеме од комунизмот и нѐ прави ретроградни, што се потврдува не само со споменатиот пример со проф. Хенке. Таму расправата тече по некој редослед: теза, антитеза и синтеза, иако и таму има разни теории за ист проблем. Ама таму политиката си зема од науката, ослободена од прангите на политиката, она што ѝ треба и кога и треба. Кај нас политичката и особено правната наука стигнаа само до антитеза заради нивната симбиоза. И тука завршува сѐ. За синтезата никој не размислува. А тоа е последица на тоа дека кај нас има во изобилство правни експерти што со своите аргументи само се прилепуваат на политичката самоправедност заради остварување на своите материјални интереси, па на секоја теза повторно се одговара само со политичка противтеза. Многу е неповолно и штетно за македонскиот национален интерес тоа дека во секоја нивна самоправедна научна правна битка се потпираат само и само на своите правни аргументи. Треба да се постави прашањето каде им се моралните вредности, логиката, политичката историја и филозофија при анализата на општествените проблеми. А кому му користи тој правен и македонски партизански „научен“ пристап е сосема јасно.
Сетете се со што нѐ опсипуваа средствата за јав
но информирање по последните избори и сега по амандманите на СДСМ за промена на Уставот. Некои наши конституционалисти ни продава магла во некои средства за јавно информирање заради остварување на своите интереси. Затоа мојата оцена е дека ние немаме и не сме имале солидни конституционалисти, туку имаме партизани експерти за уставно право. Ако ги имавме, ќе креиравме конституција што не е само правна норма туку и акт што ги обединува и сите морални и други обичајни вредности, и светските и домашните искуства. Наспроти тоа, ние имаме устав како правен акт сличен на швајцарско сирење и кога некој политичар ќе се сети и има некоја своја лична или племенска потреба, веднаш скока врз него зада ја вгради и така да ја оствари таа потреба. Тоа понатаму укажува дека сите тие правни и уставни експерти мислат само на правата, а обврските ги остават на граѓаните Македонци.
М-р Ѓорѓи Трипков, пензионер,
поранешен државен службеник