Спогодбата потпишана од министрите за надворешни работи на Република Македонија и Република Грција е спротивна на Уставот, не е легитимна и никогаш не може да има правно дејство. Со спогодбата се предвидени обврски само за втората страна (без да се именува која е таа втора страна). Во јавните гласила повеќепати е пишувано и разговарано на телевизиите помеѓу експерти по право и уставно право. Тие укажуваат за манливоста на спогодбата и немањето легитимитет на министерот Димитров да потпише спогодба со која, ако остане во сила ќе се менуваат името на Република Македонија и Уставот.
Нашиот министер и ако знаел дека Уставот е донесен од уставотворно собрание, тој сепак си зел право да прифати обврски и да преземе дејства преку Владата и премиерот, да ја доведе Република Македонија во потчинетост и зависност од страна на Грција. Неговото дејство е казниво по Кривичниот законик и кога е во обид, а уште потешко казниво по извршувањето на дејството. Свесни за своето противзаконито дејство, премиерот и министрите преку Собранието распишаа референдум за да се покријат со изјаснување на граѓаните за спогодбата, заедно со прашањето кој е за НАТО и ЕУ, сметајќи дека на ваков начин спогодбата ќе добие легитимитет. Со референдумот спогодбата не може да стане легитимна. Не може акт што нема основа во Уставот да се легимитира.
Ако има референдум со прашање кој е за промена на името на РМ и промена на Уставот и ако тоа е позитивно, уставотворното собрание ќе може да одлучува. Досегашнава постапка е поставена обратно. Прво некои зеле обврска да се променат името на државата и уставот, а потоа распишуваат референдум. Многу е дебатирано по ова прашање и за јавноста е непознато како експерти по право и уставно право немаат заедничко мислење. Уставот е јасен со своите одредби што може, а што не може и не треба да има дилеми и граѓаните да се доведуваат во заблуда. Она што е право и правично, без оглед на политичката припадност на експертот, треба да преовладува – владеењето на правото, а не како некој што сака.
Ќе се потрудам да им појаснам на читателите со кои одредби од спогодбата Македонија се доведува во потчинетост и зависност.
Во чл. 1 ст. 3 определено е името Република Северна Македонија, како за меѓународна употреба, така и за внатре во државата, ерга омнес. Зошто ваква промена, кому му пречи Република Македонија? Нема објаснување, така се спогодиле министрите на РМ и на Грција.
Државјанството да биде македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, а не како досега, „Државјанин на Република Македонија“. Сите патни и јавни исправи да се променат. Зошто и кому му пречи државјанството како досега да биде „државјанство на РМ“.
Македонскиот јазик е признаен од Обединетите нации уште во 1977 година. Со спогодбата ни се признава како официјален јазик. Кои се тие министри на Македонија и на Грција и со кое овластување тие да ни го признаат јазикот како официјален. Македонскиот јазик како официјален е утврден на Првото заседание на АСНОМ. Се негира АСНОМ, пак, еве сега можност да добиеме официјален јазик.
Регистарските таблички на возилата треба да ни се сменат и да бидат НМ или НМК. Придавката северна ќе се запише во сите јавни институции. Имињата за комерцијална намена, трговски марки и заштитни знаци ќе ги определува меѓународна група експерти составена е од двете држави. Ние сами како држава немаме право да ги определуваме. Без согласност на Грција марките и заштитните знаци на македонските производи не може да се продаваат на странски пазари. Се наложува втората страна (Македонија) да ги извести сите држави што нѐ признале под уставното име, да ни се обраќаат со северна. Со какво право министрите, посебно нашиот министер, зел обврска да се меша во правата на други држави. Оние држави што нѐ признале под уставното име, никој нема право таквото право да им го ограничи.
Пример, ние Германија ја нарекуваме со тоа име. Србите и Хрватите ја именуваат како „Немачка“. Никој досега тоа право не им го ускратил. Република Македонија е признаена од повеќе од две третини држави под уставното име. Понижувачка ќе биде постапката да ги известуваме државите како што се САД и Русија, дека грешеле што нѐ признале под уставното име. Сега треба да го прифатат самоволието на министрите.
Став 12 од чл. 1 ни наложува со еден амандман да извршиме промена на Уставот во сите членови. Посебно нѐ задолжуваат одредбите од овој став, а имено: да ја смениме преамбулата од Уставот. Во преамбулата единствено е запишан македонскиот народ, со објаснување дека врз основа на одлуките на АСНОМ Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ. Oва не им се допаѓа на Грците и треба да нема македонски народ. Исто така во овој став се наложува да ги смениме или бришеме членовите 3 и 49.
Со чл. 3 од Уставот утврдено е дека територијата на РМ е неделива и неотуѓива и дека границите се неповредливи. Се бара промена и се претпоставува дека територијата ќе биде како што некој друг ќе посака.
Со членот 49 Уставот предвидува грижа на Македонија за припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците. Ни се наложува овој член да го смениме, да не се грижиме за Македонците во соседните држави, затоа што така сака Грција, таму немало Македонци.
Чл. 2 став 3 отворено ја кажува намерата на Грција, а, пак, одредбите од овој став гласат: „По влегувањето во сила на оваа спогодба, а во согласност од чл. 1 од истата, првата страна (Грција) ќе ратификува каква било спогодба за пристапување на втората страна (Македонија) кон меѓународни организации во кои членува првата страна“. Барањето на Македонија нема да биде одобрено ако Грција не го потврди барањето за улога на наредбодавач. Од ова произлегува дека ако Македонија добие покана за НАТО и ЕУ, а таму членува Грција, ако таа не се согласи, Македонија не може да биде примена затоа што не е ратификувано барањето. Од оваа одредба се заклучува дека Македонија секогаш ќе биде зависна од желбата на Грција дали ќе бидеме примени или не во организација каде што членува Грција.
Во чл. 8 пропишано е втората страна да го преиспита статусот на спомениците, јавните згради и инфраструктурата и ако овие објекти упатуваат на елинската историја, да се преземат корекции, да се смета за културно наследство на Првата страна.
Став 5 од чл. 8 предвидува формирање комитет за разгледување учебници по историја, географски карти и други учебници за да се утврди дали тие содржат иредентизам или ревизионизам.
Накусо ова се обврски по спогодбата, сами да се бришеме дека не сме македонски народ и дека ќе бидеме потчинети и зависни од Грција.
Веле Калчиноски, дипломиран правник