Нашето право е еднонасочна лента на желби и потреби без обврски. Ако тргнеш по неа, враќање нема – возиш право во амбис. Само да потсетам дека во западната правна и особено конституционалистичка наука правата произлегуваат од обврските, а не обратно. Таму нема нормативни права ако некој не се обврзе на нешто што најчесто е државен или национален интерес или, попрецизно, нема права ако тие се косат со обврските. Да споменам еден пример. Во државата на нашиот стратегиски партнер, пред последната интензивна емиграциска политика, попозната како лотарија за зелен картон, живееја близу 30 проценти граѓани од шпанското говорно подрачје, ама тие и кога побарале право за образование на својот мајчин јазик, им било одговорено дека поради зачувување на единствениот пазар на трудот тие права не е можно никако да им се гарантираат. А кај нас некои експерти од таа земја, вработени во некој институт за мир на европско тло, тоа човеково право толку едноставно и лесно ни го наметнуваат, со поддршка на нашите политички атамани желни за власт, не водејќи притоа сметка за нивното домашно искуство и нашите економски можности да се обезбедат тие права, ама и знаејќи дека кај нас за тоа нема сознанија и знаење.
И сега, со Законот за јазиците, преку таа наша самоправедност, претходно од страна на ВМРО-ДПМНЕ (сетете се на Мајскиот договор од 2007-та), а сега на СДСМ, голем дел од другите заедници мора да се откаже од своите материјални и економски права загарантирани со Уставот, за да се задоволат потребите за правата на 1/5 од граѓаните на државата. А Сорос не им ја надоместува таа загуба, како што истура средства врз членовите на некои фамилии, од кои некој ни се претставуваат како врвни новинари, а шират магла преку теориите за човековите права, со цел да ги задржат тие вонредни приходи што им влегуваат во домашниот буџет од оваа фондација. Затоа, за мене, аргументите со кои нѐ убедуваат дека другиот официјален јазик не го загрозувал македонскиот јазик, а притоа се заборава да се спомене дека тоа се реализира за сметка на економските интереси на македонската и на другите помали заедници, одземајќи им ги уставно загарантираните материјални права, е чист научен и политички аутизам, особено поради тоа што не се кажуваа како и дали ќе се надоместат материјално стекнатите права одземени насила со ваквата прераспределба на истиот колач, ниту, пак, се помислува какви обврски од тие права му следуваат на оној кому правата му се зголемуваат. Според мене, толку револуционерно и сталинистички доделување права на едно малцинство се нема случено во ниедна земја, освен по револуциите, па макар тоа да се случува и во името на мултиетничкото општество. Чист пример на владеење на една група политичари. Не знам дали таквото владеење може да се дефинира како хунта. Јас сум за човековите права, ама мислам дека тие треба да одат рака под рака со економските можности што треба да ги создаваат сите граѓани. А тоа кој нас не е случај – некој внесува колку треба во заедничката каса, а помалиот дел зема колку му треба и постојано е незадоволен.
По споменатото непријателство и самоправедност, партизански присутни во политичкото дејствување на македонските политички партии досега, поттикнато од науката, не е тешко да се оцени дека тие се движат постојано во мрачниот круг, затворени кон другите идеи однадвор и во своите идеолошки черупки. Во тој затворен систем на црно-бела оцена се доаѓа до различна карактеризација на себе и на другите околу нив. Не учиме за интересите и перспективата на другите околу себе, туку само карактеризираме за да се прикажеме како праведни. И да заклучам со еден цитат од споменатиот концепт: „Кога ние не ја критикуваме нашата перспектива, ние се плашиме од тоа да не станеме нелојални кон нашиот сопствен политички идентитет“. Не знам за вас, почитувани, ама мене ова ме упатува на политичкото дејствување на македонските, а уште понагласено на дејствувањето на партиите на најголемата малцинска заедница во нашата држава. Ако не ја прифатете таа нивна самоправедност, не само тие туку и оние од СДСМ ве карактеризираат како националист, заборавајќи на суштината на цитатот. А што е тогаш шовинизам и иредентизам, ве молам?
Значи, кога некоја наша партија, од која било провениенција, ќе почувствува дека ѝ е загрозен нејзиниот сопствен политички идентитет, таа реагира со ригиден сет на однесување, што најдобро укажува на племенскиот, а не на демократскиот ефект. Тоа се случува поради искривената состојба на свесноста кај партиите, која понатаму ја троши нивната емоционална енергија; самоодбранбениот образец ги води во принудата да го повторуваат истиот шаблон, а табуата ги водат кон попречување на меѓусебната соработка и бараат соработка со другите партии од најголемата малцинска заедница, која, пак, е обединета и знае што бара, бидејќи, покрај Тирана, на услуга ѝ стојат и други фактори од надвор.
По ваквите опсервации, се поставува задоцнетото прашање како до излез од тој племенски ефект. Одговорот на ова прашање е толку широк и навлегува во појасот на односите на партиите, што во еден ваков напис, за тоа како да се совлада тој племенски ефект на македонските политички партии, е невозможно да се објасни. Затоа преоѓам на крајот од концептот и на еден од најбитните фактори, кој нуди излез од тој ефект. Под претпоставка да се среди тој племенски ефект, преку решавањето на Рубиковата коцка (изјава што нарцисоидно ја даде нашиот министер за надворешни работи по потпишувањето на вториот езерски договор), решението е во определбата за заедништвото меѓу двете наши партии, особено кога се брани националниот интерес, а не на зачувување на сопствената политичка автономија, како што досега течеше трендот на нашата политичка сцена. Препознавате, секако дека постапувам исто како што се постапи и при барањето на исходот од вториот езерски договор, потшишан во Нивици. Ако на ми верувате, прашајте ги нашите преговарачи.
Очигледно е дека со него беше решаван само нашиот племенски ефект. Зошто се постапи така, според мене, одговорот треба да се бара во претпоставката на нашите помагачи во овој процес, која беше доследно прифатена од нашите преговарачи, дека првата страна од југ пред стотина и повеќе години, преку мегали-идејата, го надминала тој ефект и таа сега е „држава со сите нишани“.
Значи, двете наши политички партии, кои досега не искажаа разбирање за целисходноста кон пристапот на обединување и така целосно го разнебитија македонскиот народ, конечно сега мора да разберат дека треба да соработуваат тогаш кога станува збор за неговиот национален идентитет. Еве, јас го поставувам хипотетички прашањето, а одговорот го знаат сите, што ќе се случеше ако македонските партии беа обединети пред Берн – ќе имавме ли тиранска платформа и 27 април? Во последно време нашиот премиер не го вади од уста зборот „помирување“, иако јас сум убеден дека тој несвесно алудира на обединувањето, кое не смее да го изговори. Еве го моето прашање до него: зошто таквите изјави не ги даде пред почетокот на преговорите за името, при крајот на зимата од минатата година, и дали тој и советниците околу него го знаеја интегрално концепт на преговарањето за непреговорливото или беа инструирани делумно, онака како што му одговара некому. Мислам дека ако премиерот и споменатите го знаеја концептот по кој преговараа за разликата околу името, тогаш, наместо помирување, денес премиерот не требаше туку мораше да нуди исход преку обединување каков што е понуден во концептот. А бидејќи пред тоа тој не само што не побара обединување околу некаков консензус туку само по постигнатото спогодување по определени прашања со другата страна бараше поддршка за тие прашања од другите надлежни во државата. Да не ја ширам темата, ама морам да споменам дека намерно не беше направена консултација со сите надлежни околу исходот и текот на преговорите, поради што добивме исход што не ги задоволи интересите на поголем дел од граѓаните.
А што не разбраа нашите преговарачи, не е сосема јасно. Моќта во преговарањето произлегува од консензусот во државата. Поради тоа, убеден сум дека во овие преговори за името не е постигнат не само посакуваниот туку ни исход во кој двете страни треба да го добијат тоа што го бараат, а што е суштина на концептот. Тој е само можен исход, кој ги задоволува интересите пред сѐ и само на меѓународната заедница и на првата страна, а само делумно на дел од македонскиот народ. И затоа тој исход не е разумен, а јас сум против него, бидејќи знам дека имаше и друг пристап за кој никој не сакаше да слушне иако се обраќав до сите надлежни подолг период пред оваа езерска рамка! Според мене, почитувани, пред да се случи овој договор, СДСМ мораше и да ја зароби државата и дел од општеството и така, со договорот од Нивици, се искупи преку промената на името на државата и преку поделениот идентитет на македонскиот народ, на северномакедонци и на Македонци Елини, плаќајќи ја така висока цена за бркањето на проф. Хенке од Македонија во 1993 година. Јасно е дека ако и ВМРО-ДПМНЕ се согласи сега, по завршувањето на она што СДСМ сама го започна и оконча во 2018 година, без политички консензус со нив, преку чинот на помирување, кој срамежливо ѝ го нуди премиерот, дека и таа ќе ни се претстави не само како лицемерно болна за власт, туку и дека ѝ е грижа за македонската „заедница“ колку што ѝ е гајле за ланскиот снег. Ама, нели, со кого си таков си.
Денес двете споменати партии, за кои тука станува збор, треба да си го постават прашањето дали веќе не е потрошен идентитетот на најголемата заедница во државата, за сметка на идентитетот на најголемата малцинска заедница. Ако вторите одеа на поклонение во Тирана, нашите требаше да научат како да стигнат до консензус. Такво знаење, почитувани, нема да најдете кај нас на ниту еден факултет или која било друга научна институција. Квалификувано ова ви го тврдам, почитувани. Се обидов да го имитирам Демостен и да побарам одговор на прашањето имаме ли знаење. И јас, како и него, не го најдов одговорот што го барав. Такво знаење не најдов ни во храмот на науката, кој за мене сѐ повеќе заличува на градежен објект без иконографија, без квалификувани служители со вакви знаења и поради тоа за мене станува целосно бесцелна институција. Тие сѐ повеќе се зависни од политичките лекови на нашите партии и се активни само кога на гости ќе им појде некој политички атаман. Затоа, дури ниту дијазепам веќе не им помага ним. Ако не ми верувате, почитувани, појдете во нивната библиотека и побарајте некој труд на нашите академици околу обединувањето, консензусот и сл., применливи во наши услови. Нема таков! А проверете дали и во деловникот на законодавниот дом има некакви правила за тоа. Нема ни во него такво нешто, иако во последно време нѐ бомбардираат со изјави дека некоја одлука била донесена со консензус. Ама, наспроти тоа, Бадентер уште живее во нашиот политички живот, исклучиво за потребите на една малцинска партија.
Завршувам со ваква оцена. Двете најголеми македонски партии се виновникот за цепењето на националното ткиво на македонскиот народ, бидејќи имаа дефицит на политичко и правно знаење. Уште потрагично е тоа што не побараа од науката да даде одговори на тие проблеми. Затоа сѐ уште не знаат што е национален интерес на својот народ и како да го бранат. Не знаат што е консензус и како до него и затоа Македонците го губат својот идентитет, а неговите пари од даноците и другите давачки што се влеваат во буџетот постојано се трошат, ненаменски редистрибуирајќи ги целосно кон задоволување само на интересите на партиите на власт и кон незнаењето, па затоа имаме целосно неефикасна држава и сиромашни граѓани, лутајќи низ лавиринтите на мултиетничноста. Излезот го гледам во нивното брзо вооружување со светско политичко и правно знаење, особено со она од преку барата, бидејќи домашно немаме. Инаку, како ќе препознаеме дали некој ни нуди помош, која, покрај неговите, ќе ги задоволи и интересите на македонскиот народ, што досега беше непознато, па затоа и сложуваа некакви коцки, од што се задоволни само тие што ги сложуваа, бидејќи коцките се средени не како што треба туку како што атаманите мислат дека мора да се наредат.
М-р Ѓорѓи Трипков, пензионер, поранешен државен службеник