Конкурентска способност во земјоделството

Земјоделскиот сектор е еден од најзаштитените и силно регулирани сектори во многу земји и особено во ЕУ и некои други развиени земји. Таквата положба е причина за искривување на трговијата со земјоделски производи на глобален план, што ја ограничува можноста за остварување економски развој во сиромашните и неразвиени земји. Тоа е една од причините за либерализација на трговијата со земјоделските производи во рамките на СТО. Правилата во рамките на СТО водат до значајно намалување на царините, но и во однос на внатрешната поддршка и елиминирање на извозните поддршки. Таа либерализација има влијание врз конкурентската способност и води до значителна промена во меѓународната прераспределба на пазарите.
Определувањето на конкурентската способност во сектори и потсектори во земјоделството е важна ориентација за спроведувањето на идната политика за стимулирање и помагање на конкурентската способност.

Општа дефиниција
Конкурентската способност е широко дискутирана тема: во списанија, весници, бизнисот, меѓу економистите и политичарите. Тоа е едно комплексно и противречно прашање. За жал, нема општо прифатена дефиниција на конкурентската способност, како и за методите на нејзино мерење. Една од причините е различното ниво на мерење на конкурентската способност. Тоа може да се разгледува на ниво на вкупната економија, на сектор или одделна фирма.

Специфичноста на конкурентската способност во земјоделството
Бидејќи голем дел од производството во земјоделството стигнува на пазарите под форми на различни полуфабриканти и преработени производи, преработувачката индустрија е неделив дел од целиот процес и е важна за конкурентската способност.
Расположивоста и квалитетот на факторите за производство и состојбата на користената технологија во споредба со тие на конкурентите, може да биде решавачко за дефинирање од кои производи земјата може да очекува да има споредбена предност. Пристапот до капитал, на пример, е од големо значење за развој на производството што користи интензивен капитал, а пристапот до нови технички и трговски сознанија во фирмата е важен за развој на нови производи, подобрување на квалитетот и продуктивноста.

Постоењето (практикувањето) стабилна, транспарентна и предвидлива државна политика е особено важно за земјоделството, кога се има превид, дека тоа е еден од најсилно регулираните сектори во економијата на многу земји. Поддршката на државата во областа на: образованието, истражувањата и развојната дејност од своја страна се од особено значење за подобрување на продуктивноста во секторот.

Макроекономски услови
Развојот на земјоделството силно зависи од макроекономските параметри како големината на каматниот процент и курсот на валутата. Поради сезонски карактер на земјоделството, пристапот до кредити е секојпат од особено значење за нормално функционирање на секторот.

Влијание на секторите и локалниот пазар
Постоењето конкурентно способни производители на суровини е важен услов за обезбедување квалитетна и условно ефективна суровина за натамошна преработка во синџирот од примарен до готов производ. Кога преработувачката индустрија е конкурентно способна, сама по себе е од значење, бидејќи повеќе од земјоделските производи доаѓаат на пазарот по извесен степен на преработка. Улогата во тие меѓусебни односи има локалниот пазар со својата големина, раст и почитување на потрошувачите.

Инфраструктура
Состојбата на инфраструктурата во една земја под формата на транспорт и комуникација има влијание врз конкурентската способност за производи и во сектори каде што брзото доставување на производите со краток рок е од особено значење.
Со намалување на транспортните трошоци и подобрување на инфраструктурите, се создаваат претпоставки за транспортирање на земјоделските и прехранбените производи на поголеми растојанија, дури и за такви производи што се објект на производство и потрошувачка пред сѐ од регионален аспект. Тоа исто така помага во извозот и во увозот.

Конкурентските предности се менуваат со времето. Едни фактори, кои се користат интензивно во земјоделството и прехранбената индустрија, често се заменуваат со други. Динамичните процеси, кои течат во глобален план, исто така имаат свое влијание. Извозот расте во земји во кои расте обемот на вложен капитал во земјоделството и прехранбената индустрија, според многуте истражувања досега. Исто така, една земја со споредбени предности во земјоделското производство може да ги пренесе предностите и во преработувачката индустрија врз основа на пониски откупни цени.

Заедничкиот европски пазар ја интензивира конкуренцијата. Сведоци сме на глобализацијата, новите технологии, кои го прават транспортот на прехранбените производи за долги растојанија економско оправдан, појава на нови сили на светскиот пазар како Јапонија и Кина. Значајни промени се настанати во синџирот на прехранбената индустрија, како резултат на промена на аграрната политика, промени во системот за тргување во насока на окрупнување и ефектуирање. Барањата на потрошувачите исто така се променети. За да одговорат на тие предизвици производителите треба да осигурат потенцијал за брзи ефективни промени.

проф. д-р Борис Анакиев