Денес сè може да биде класика. Изречени дефиниции од вчера стануваат класика. Договори на политичари, некои потпишани, а некои сè уште не, се класика. Зошто?
Што е тоа „класика“? На телевизија слушам Класик канал, музика од изминатите векови, композитори што се умрени, композитори што и денес сè уште се живи, изведувачи сегашни, стари и млади. Музиката е класика. Што друго е класика? Денес сè може да биде класика. Изречени дефиниции од вчера стануваат класика. Договори на политичари, некои потпишани, а некои сè уште не, се класика. Зошто?
Па денес, или утре, нема кој да ги потпише, а тие (договорите) на една страна живеат, а на друга не. Ние (како народ) сме меѓу страниците на договорите, ние сме сендвич, хамбургер особено. Ние сме класика. Се провлекуваме низ вековите, како трн во босите нозе на соседите. Чиста класика.
Ние сме во прикаската на Господ, кога го создавал светот. Натаму наваму делел реки, езера, планини, долини, полиња, убавини. Ги создал географските убавини на земјата. На крајот му останале некои убави создателства и си рекол, еве, ова нека биде Македонија. Ја погледнал така од горе и си рекол, о, па ова е нешто многу убаво. Не, не смее да остане така, морам нешто да направам.
Премногу убавина, премногу убавина, не фала. А, да, ќе им дадам соседи блиски, а и подалечни што ќе им ја нарушат идилата на животот. Чиста класика! Ама и тие самите (меѓу себе) се класика, на недоразбирање, на закани итн…
Еден познат македонски писател рече (во интервју, во еден весник) дека нашето познавање на предците е до познавањето на прадедото. Класика. Па како ќе ги познаваме нашите семејни предци, кога и оние што не ни се семејни, ни ги оспоруваат, ни ги присвојуваат. Ние стануваме сè друго, но не и она што сме. Околу нас сè уште живеат Балканските војни, тие сега се претворени во напори за добрососедство. Но од која страна, само од една демек, наша. Чиста класика! Ни остана ли само музиката? А ние пинг-понг топче. Најпосакувано, од каде ли не. Класика. Тука нема ноти.
И уште нешто. Шехерезада ни дојде, сместена под стаклена купола (да, во Собранието) ентериер „пар екселанс“ со прикаските од 1.000 и една ноќ. А и талибанците се на готовс да рушат, порти, врати, оџаци, покриви, забревтани во своите планови „сè на пат што ни стои“, ама не и она што е под стаклената купола, да го руши. Ентериер – чиста класика. Шехерезада со нејзините прикаски!
Гордана Михаилова Бошнакоска, писателка