Ветото за почеток на преговорите со ЕУ од страна на источниот сосед веќе е реалност. Тоа помалку ја изненади опозицијата, додека позицијата не, бидејќи тоа e последица на намерата да се одигра игра слична на онаа со Грција за името. Ценам дека исходот е договорен, а ветото треба да ги убеди сите граѓани дека тој и таков исход, кога ќе стане јавно соопштен, треба само да биде покритие на нашиот сегашен државен врв и за преговарачот да ни кажат дека ЕУ ни е побитна од сѐ друго. Ставот на меѓународнaта, особено на сегашниот медијатор и претседавач на Владата на ЕУ, е амбивалентен и целосно вклопен во таа игра: ја опоменува Бугарија ама премолчно, а можеби и во согласност ѝ дава целосно право да стави вето, односно ја префрла вината врз нас и бара да го решиме спорот. Поради таквите моментални игри и настани околу овој договор, во последните денови, случувањата заличуваат на оние од 2017 и почетокот на 2018 година, кога беше актуелно решавањето на проблемот за името. Домашните актери: претседателот, премиерот и надлежните министри се многу активни и се колнат во своите најмили дека тоа што го бара другата страна биле наши црвени линии. Покрај тоа, ни кажуваат дека сме имале и план Б. Актерите од другата страна, погледнато преку воени очила, широкопојасно нѐ бомбардираат со своите желби за неостварените историски интереси за санстефанска Бугарија, слично како што тоа го правеше и го доби со Преспанскиот договор јужниот сосед, кој така си ги оствари целите од мегали идејата. Денес во Грција нема Македонци што го зборуваат мајчиниот македонски јазик.
Н, сега околу овој договор има и некои нијанси во исказите на нашите, особено кај премиерот. Заев сега вината ѝ ја припишува на ЕУ, амнестирајќи се од своето незнаење и одговорност за ситуацијата во која нѐ доведе. Политиката според една сериозна дефиниција од преку барата е дека власта е одговорна за донесување закони и за нивно спроведување, потоа за решавање на конфликтите и проактивно согледување на идните проблеми. Да занемариме сѐ, дека имаме спроведливи закони и правда, дека немаме конфликт меѓу најголемите партии во државата, па да се концентрираме на објаснувањето на сегашната состојба за договорот со Бугарија.
Премиерот го потпиша договорот со Бугарија, страна што сега тврди дека тој не е добар и бара негово проширување со додавање на сето она што е познато, но по квантитет тие барања се бесконечни. Тоа, секако, е последица и на угледување на Договорот од Преспа од страна на Бугарија, но нашите надлежни, на чело со премиерот, не беа проактивни, туку се сетија доцна (според онаа народната, на Македонците последни им текнува). Ако се има предвид трендот на нерешените историски проблеми со оваа страна, како и сето она што му се даде на јужниот сосед, тогаш наивноста и верувањето во себе, при склучувањето на договорот со Бугарија од 2017 година, ни укажуваат на недостиг од политичко знаење од страна на потписникот и на сите оние што работеа на него, бидејќи се занемари сознанието дека таквите конфликти се решаваат со знаење и консензус внатре во државата. Таков консензус не е постигнат, па и внатрешниот национален конфликт се продлабочува. Мојата оцена за тоа се политички аматеризам и незнаење, а меѓусебните расправања на нашите најголеми партии, дека едните биле за, а другите против влезот во ЕУ и НАТО, се вршење слама без клас на нашето гумно.
Тоа најдобро го покажаа преговорите во Клубот на пратеници пред договорот со Грција. Сѐ што кажаа и едните и другите по тие средби беше надвор од знаењето на преговарањето и градењето на консензус. Згодна шанса ми е во овој напис да споменам дека во една развиена демократија во светот само за усвојување на буџетот има правила (читај деловник) од 150 страници. За што кај нас има правила или деловници? За сѐ и за ништо! Ако имавме такви правила или знаења за нив и за политиката, немаше да настануваат проблеми или конфликти, како што настана оној во една емисија на една телевизија меѓу водителите и еден наш познат постар политичар. Јасно беше дека ако имавме проактивно поставување при решавањето на проблемите, заедно со обединувачкото знаење од разни струки при градењето на политиката, преговарањето и решавањето на конфликтите, не ќе го имавме споменатиот конфликт во емисијата.
Да заокружиме! Имаме сериозен дефицит во нашето знаење и силна желба за истакнување на своето его од страна на нашите политиканти присутни во политиката, што им дава на оние однадвор можност да си поигруваат со нив како што ќе посакаат, преку принципот подели па владеј. Ваквите политиканти ја прават државата неспособна за опстанок поради тоа што се влезени во вертигото на сѐ поголеми и нерешливи проблеми.
Премиерот, кој пред неколку дена стоеше на црвените линии, деновиве изјави дека решението е можно. Заменикот на премиерот задолжен за европските интеграции веќе во една ТВ-емисија во текот на летото толку мирно и ладнокрвно ни соопшти како да станува збор за поделба на килограм месо, како што и беше воспитуван дома за тоа, дека решението на проблемите со Бугарија треба да се бара преку споменатиот концепт за релацискиот идентитет, мислејќи на членот 7 од договорот со Грција. Ако е така, почитувани, и ако притоа се има предвид и дека тие од преговарањето толку знаат, лесно е да се осознае исходот од ветото. Така како што почнаа, така сакаат и да завршат и со овој договор. Тие претпочитаат веќе променетиот наш идентитет да ни се надгради најверојатно во северозападен, а јазикот северозападно македонски. Со тоа веројатно ќе следуваат измени на Уставот и второ писмо до сите членки на ООН дека нашиот јазик е онаков како што споменав. Решението за проблемот со македонското малцинство, логично, со тоа ќе биде симнато од дневен ред на меѓународната сцена.
Оттаму испраќањето на Љубачо (молам да не се коригира овој мој изговор на овој поим, бидејќи си ги почитувам законитостите на нашиот македонски јазик, а во случајот тоа е едначење по звучност и затоа јас не можам да го изговорам ова (не)име поинаку освен како што напишав тука) да ги објаснува недоразбирањата меѓу нашата и политиката на Бугарија е само пукање во празно. Неговиот молк потоа ми дава за право да верувам дека тој сигурно ѝ се ставил на услуга на другата страна отколку што ги бранеше нашите интереси. А дека е така, а не поинаку, потврдува непроменетиот став на неговите возљубени политички пријатели со конструиран бугарски идентитет во Бугарија и нивната најава за вето за започнување на преговорите за наш влез во ЕУ.
Така, почитувани, сѐ е подготвено за поголемо интензивирање на лавината за целосно затрупување на нашето македонство, и тоа од наши политичари, домашни одработувачи за туѓи интереси и одродени од својот сој. Посакувам да грешам, ама се плашам дека сум во право.
Од листата на оние што се директни учесници во споменатиот тренд не би требало да се испушти и сегашниот министер за надворешни работи, имајќи го предвид неговото досегашно политичко дејствување, особено околу воведувањето втор официјален јазик, тиранската платформа и др. Моето прашање е зошто тој во разговорите со Зариева (како што би го изрекол тој ова презиме тука кај нас) не ѝ го извади европското знаменце на маса и не ѝ каже дека нашиот јазик мора да се признае во европското семејство на јазици, како што тоа го користеше во Собранието кога се залагаше за воведување втор официјален јазик. Зошто тоа тој не го примени и во овој свој поход, за кој злобниот Ахмети (фалбите во психологијата преку барата се злоба) веќе плете венци за прослава на способноста на овој министер.
Ние се наоѓаме во сериозна медицинска криза, а недостига медицински кадар. Ја користам таа пригода и го молам министерот за здравје, веројатно ќе ме поддржи и господинот Ахмети, да ме прими на работа за да помогнам од медицински аспект во надминувањето на пандемијата, на местото на министерот за надворешни работи. Ако тој одлучува за нашите македонски интереси, во кои е загрозено опстојувањето на најголемото мнозинство во државата, јас во здравството ќе одлучувам без одговорност за починати неколку граѓани. Нели, почитувани, разбравте јас само го избирам помалото од поголемото зло.
Ќе завршам со тоа дека нашиот основен политички приоритет треба да биде знаењето, но не само темелно, туку и врвно. За тоа треба време изразено од неколку, бидејќи нашите политичари се изгубени во време и простор. Не сум злобен, а зошто сум ваков песимист се прашувате. Мојот одговор е дека нашите политичари се само паликуќи, а не пожарникари. Ако најголемите наши партии и нивните атамани имаа знаење, тие ќе ги бранеа нашите национални интереси преку градење коалиција, како што тоа го прават партиите на најголемото малцинство, па дури и Тирана им е на помош. Тоа досега не сме го виделе, а нема ни да го видиме набрзо ако не искористиме странско искуство. Да споменам дека Јапонија со Меџи-револуцијата се соочи со сличен проблем како ние денес. Каде е Јапонија стотина години потоа, не треба да ви објаснувам!
М-р Ѓорѓи Трипков, економист-аналитичар, пензионер