Целиот концепт има премногу противречности, а сите знаеме дека противречноста многу тешко може да се одбрани и оправда. Затоа концепционерите свесно одбегнуваат јавно да застанат зад свој проект, кој по сѐ изгледа има многу дефектни нешта
Концептот за новото основно образование во нашето општество предизвика низа интересни раздвижувања. Подетално навлегување во содржината на концептот не е ни потребно. Во суштина, тој е една минорна идеја на неколкумина, која е исправена пред баражниот оган на високообразовните институции. Доколку кон ова се додадат исказите на стручната јавност, јасно е дека концептот е мртов. Останува само времето да покаже кога неговата смрт ќе биде констатирана од соодветните институции.
Сепак, сѐ уште е жива дебатата што се води во јавниот дискурс. Од едната страна во дебатата се најдоа засегнатите страни со оваа реформа, истапувајќи со свои реакции, лични ставови и разни други форми за искажување незадоволство од т.н. реформи.
Но која е другата страна во оваа дебата? Можеби изгледа зачудувачки, но тоа не е Министерството за образование и наука, ниту некој од авторите на реформата. Тие, мора да признаеме, вешто се кријат зад институционалниот инструмент. Очигледно е дека немаат храброст да се соочат со јавноста. Тоа се гледа и при официјалните средби, кога често бегаат од дебатите и прашањата, а во медиумите изнесуваат полувистини од типот „Сите се согласивме дека ни требаат реформи“.
Да, сите се согласуваме дека требаат реформи, но не согласуваме на брзи и недомислени идеи, се добива впечаток дека целта е да се прошверцува еден нов образовен систем, а не да се спроведат едни реформи што навистина ќе го подобрат образованието! Не треба да се заборави дека т.н бранители не се појавуваат пред пошироката јавност. Кои се причините за тоа? Целиот концепт има премногу противречности, а сите знаме дека противречноста многу тешко може да се одбрани и оправда. Затоа концепционерите свесно одбегнуваат јавно да застанат зад свој проект, кој по сѐ изгледа има многу дефектни нешта.
Која е тогаш втората страна во дебатата? Многу зачудувачки, но малкуте поддржувачи на концепцијата доаѓаат од фелата на новинарите, комуниколозите, од определени филозофи со свои институти, од невладиниот сектор, независни аналитичари итн.
Тие најчесто кон т.н. нов концепт приоѓаат од некоја интелектуално концептуална висина, како да се повикани провидението и реформите да ги обмислуваат како поим. Никој од нив не навлегува во суштината. Реално, никој и не може да навлезе, бидејќи нема вистински елаборат, затоа нема конкретна и аргументирана презентација на новата концепција! Само погледнете ги нивните изјави во медиумите и ќе ви стане јасно за што говорам!
Од оние неколку велелепни презентации не дознаваме ништо освен базични педагошки поими и стручни термини, што на секој студент што положил методика му се познати. Студентите и стручните лица знаат, припадниците на интелектуално-концептуалистичкиот слој не знаат, па избрзуваат со констатации. Честопати ја отфрлаат стручната критика и не ги земаат предвид добронамерните укажувања. Постојано говорат за реформи, но никогаш не говорат за како тие да се изведат. Тие само надворешно ги обмислуваат и немаат внатрешна содржина.
Се остава впечаток дека нивната мотивација е финансиска или идеолошка. По сѐ изгледа некои од нив поради свои лични бенефиции, а некои поради свои лични сфаќања, ќе се обидат да го искасапат и она малку што остана од македонското достоинство и углед.
Затоа стручната јавност отворено ги маргинализира празните филозофирања на т.н. реформи. Со тоа, таа создаде еден слој концептуалисти, кои секако се интелектуалци од висок ков, бидејќи чеканот од високо удира на наковалната, а таа пак секогаш испушта ист, рамен и досаден тон. Мора да потсетиме дека секоја дебата се води помеѓу личности што детално ја познаваат областа, во една отворена атмосфера, без некакви замислени рамки. Секое друго комуницирање со нестручни лица, во педагошката практика е познато како настава и поучување. Ние за последново секогаш им стоиме на располагање!
Васко Гичевски, историчар