(Отворено писмо до Канцеларијата на Европската Унија во Македонија и до амбасадите на Франција, Холандија и на Германија)
Јас Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор, вработен во Државниот просветен инспекторат, ви изразувам благодарност што ми беше овозможено да имам средба минатата година, со вас екселенцијо Кристијан Тимоние, со раководителот за образование во Канцеларијата на Европската Унија на програми (образование) Софи Бумо, со одговорните за образование и култура на холандската и германската амбасада во Македонија. На тие разговори ве запознав за состојбите во високото образование, за скандалите што се случуваат со незаконското унапредување на јавни високи функционери во наставно-научни звања на Универзитетот во Тетово, како што е министерот за образование и наука Арбен Адеми, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Сафет Емрули, за незаконско склучување договори за интелектуални услуги и примање парични средства спротивно на Законот за високо образование, за донесениот нов политички закон за високо образование и за другите состојби во образованието и непримената на правото во мојата македонска земја.
Од ваша страна добив поддршка дека треба и мора да се почитуваат законитоста и правото. Морам да ве известам дека по тие разговори со вас, јас наидов на невиден мобинг врз мене од страна на директорот на Државниот просветен инспектор Томе Спироски, близок роднина на министерот (сега технички премиер Оливер Спасовски), во соработка со министерот за образование и наука Арбер Адеми, со поведување дисциплинска мерка, шиканирање, омаловажување, одземање работни задачи, нарушување на достоинството и слично. Со целокупната состојба беа запознаени македонските институции: Владата на Македонија, Државната комисија за спречување на корупцијата, Јавното обвинителство, Финансиската полиција, Министерството за внатрешни работи. Од нивните постапки во целост не сум задоволен. Наместо да наидам на поддршка од овие институции наидов на пасивност и одбегнување. Единствено наидов на разбирање кај народниот правобранител, Хелсиншкиот комитет за човекови права, „Транспаренси интернешнл“ Македонија, како и од Марк Ворт координатор на Коалицијата на Југоисточна Европа за заштита на укажувачи.
Во ова пригода, посебно сакам да им се заблагодарам на македонските новинари, кои ми дадоа целосна поддршка да се издржи во борбата на образовниот криминал и корупција против овие јавни државни функционери, како и поддршката од организираната петиција на народот во Македонија под мотото „Стоп против криминалот и корупцијата“.
Во оваа пригода, ваши екселенции, сакам да ви се заблагодарам вам и на вашите одговорни за образованието, каде што наидов на поддршка да се издржи во борбата против криминалот и корупцијата, каде што е недозволено јавни функционери да се однесуваат криминално, да не ги почитуваат законите, каде што тие треба да бидат пример. Сакам да ве известам дека со професионалниот однос на заменик-народниот правобранител и поддршката што ми ја дадоа да издржам, ве известувам дека сум известен од Финансиската полиција дека овие јавни функционери ги вратиле паричните средства што ги зеле од Државниот универзитет во Тетово, а во Јавното обвинителство во Тетово, е оформен предмет против министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Сафет Емрули, за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување по членот 353 од Кривичниот законик. Над законот не може да биде никој, мора да се почитуваат правната држава и правото.
Почитувани екселенции, сакам да ве известам дека разбирањето од францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, како и на одговорните во делот за образование при германската и холандската амбасада, како и при Канцеларијата на Европската Унија во Скопје, ми дадоа мотив да издржам во делот на правдата и правото. На овој пат продолжувам и понатаму.
Ви благодарам и ви порачувам дека е неминовно нашите македонски институции да се професионализираат и да се европеизираат. За крај, ќе го цитирам Жан Моне: „Европа нашиот заеднички дом“.
Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор