(Шчо напраифме и шчо требит да праиме?)
Што направивме?
Би започнале од далечната 1997 година кога успешното и почитувано претпријатие ПТТ „Македонија“ се подели на „Македонски телекомуникации“ (МТ) и на „Македонска пошта“ (МП). Поделбата се изврши врз основа на некои чудни критериуми каде што најголем дел од имотот остана кај МТ, а МП ја оставија без основни ресурси за работа. Но благодарејќи на искусните поштенски работници, за неколку години МП се врати во каква-таква нормала и кога помисливме дека ќе се вратиме на старите успешни патеки, македонските политички партии на власт (СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ) си направија политички договор со албанските политички партии на власт (пред сѐ ДУИ), МП да ја користат за меѓусебен политички пазар.
И што се случи? Непродуктивни вработувања, неколку стотини вработени, кои не доаѓаат на работа, а се на платен список, неколку стотини вработени, кои доаѓаат на работа, а немаат ни една работна задача, поставување партиски војници, надворешни лица, на клучни позиции (раководители, директори, т.н. менаџери), кои треба да ја водат МП, а не знаат да адресираат писмо, маргинализирање на професионалците итн. Резултат на тоа се негативни финансиски резултати во континуитет, губење на угледот и сѐ поголем број незадоволни корисници и, секако, загарантирано место во билтените на МВР. Платата е иста над дваесетина години, поточно намалена во два наврати. Ако ја одбиете популарната хранарина од бруто-износот, таа би изнесувала колку минималната плата во државата. А синдикатите? Тие се приказна за себе.
Едниот Синдикат на Поштата на Северна Македонија, другиот Синдикат на Македонска пошта. Од имињата може сами да заклучите кој каде влече. Освен вртоглавите кариери на синдикалните повереници, за друго ништо не се изборија. Нема покачување на плата, нема мопеди и велосипеди за разнесувачите на пошта, нема службени униформи, нема средства за хигиена, нема ова, нема она. Но затоа има бонуси за менаџерите. Се краде на големо и на мало. За тоа на големо знае државниот ревизор, за тоа на мало знаеме ние вработените. Крадци меѓу вработените колку сакаш. Мал број од нив кога-тогаш одговараат пред законот, но најголем дел сѐ уште доаѓаат на работа како ништо да не се случило. Нема откази, нема кривични пријави, некои дури се распределуваат на подобри работни позиции. И сето тоа со амин на „менаџерите“.
Мора да го споменеме и фактот дека МП поседуваше 33 отсто од акциите на Поштенска банка. Тогашниот Управен одбор донесе одлука со која, цитираме, „акциите се подаруваат на Владата на РМ“. Небаре МП остварува милионски профити, па ајде сега ќе подаруваме. Сево ова нѐ доведе до ситуација секој месец да се плашиме дали ќе добиеме воопшто плата, а не пак да се надеваме на некое покачување. А каде и да е, ќе дојде и до целосна либерализација на пазарот. Е тогаш ќе биде, издржи!
Што треба да направиме?
Овој дел ќе биде многу краток
1. Итно да се спроведе нова систематизација на работните места;
2. Враќање на професионалните поштенски работници на клучните позиции, што подразбира деполитизација на МП;
3. Спојување на двата синдиката, имајќи предвид дека се „залагаат“ за истите работи, или формирање трет, кој вистински ќе се бори за правата на вработените;
Со оглед на тоа дека точките 1, 2 и 3 изгледаат како невозможна мисија,
4. Итна приватизација.
Зашто вака, почитувани колеги, повеќе НЕ МОЖЕ!
Нервозни поштари