Папата со својот престој беше и во Католичката црква, каде што, обраќајќи им се на младите, им забележа дека еден од најголемите проблеми на денешницата со која се соочуваат е изгубената способност за сонување. „Кога некој човек не сонува, а особено тоа е млад човек, се исполнува со празнини и безнадежност во денешница“, охрабрувајќи ги „да мислат на своите најголеми соништа“, барајќи од нив да „преземат ризици да не бидат живи мртовци“. Во еден дел од своето обраќање се залагаше „за зачувувањето на своите корени“ преку почитување на постарите и контакти со своите постари од фамилијата, од државата, институциите, респектот кон нив и фактот дека секогаш ќе дознаат повеќе за своето. За постоење на својот „корен“ на фамилијата, на својот народ и државата. И понатаму се обраќа: „Но не е ли точно дека тајната на вашата сила, моќ и влијание дури и на младоста, лежи во осознавање, чување и негување на корените“, на фамилијата, народот и државата.
Понатаму го споредуваше дрвото без корен – не може да постои дрво со исечен корен, со своите „закржлавени, скапани плодови“ што не претставуваат плодови на коренот. Преку почитувањето на вашите постари во фамилијата, во општеството ќе го зачувате својот корен. Во тоа лежи „тајната на вашата сила на младоста“. Кога си го знаеш коренот, посуверен си и свој на своето. Користете ги вашите повозрасни, вашите институции, за да ги осознаете вашите „корени“.
Упорно, речиси секој втор збор му беше „радиче“, „радиче“, „радиче“ (корени). А каде се нашите корени, корени? Во Северна Македонија? И ако ги имаше, сега се избришани, ќе се бришат во младоста на нашите внуци. Учебниците треба да се променат, а таму беа корените што младоста ги учеше и се напојуваше со корените. Сега и не можеме да им пренесуваме спомени на нашите внуци, оти тоа ќе биде во спротивност на нивните учебници. Ние како постари родители не им требаме на нашите млади.
Сите овие пораки на папата Франциск се неостварливи за младите од Македонија со Преспанскиот договор. И тоа што го имавме во историите, не смее да се поткрепува и учи, тие корени сега се заеднички, што не носи желба за „сонување“. Ние немаме „радиче“. Корените со новиот устав и со договорите со соседите и името на државата ни се нови, и младината нема што да прашува од постарите и да учи историја. Тој во обраќањето кон младите вели: „Ние, христијаните, не треба да се одделуваме еден од друг и треба да живееме со своите пријатели и соседи“. Но како со договори склучени под услов „ерга омнес“ или во договори впишани како безимени. Или со бришење и непризнавање на нашиот „корен“. И сега „презедовме ризик да бидеме живи мртовци“, а тоа е со откажувањето од нашите корени.
Интересно е да се напомене дека многу малку или воопшто не сретнав коментар од нашето новинарство или ТВ-коментари за освртот на папата Франциск кон младите за негувањето на коренот и преку дружењето со постарите во фамилиите заради запознавање со коренот. Тоа е спротивно на она што го направи оваа влада, за запознавање и негување на корените („радиче“, „радиче“). Нашето истражно новинарство истражува, апелот за корените од папата Франциск нѐ одбележа? Ама тоа, верувам, заради тоа што ние нашите корени ги отуѓивме и сега младите немаат потреба за потрага по корените.
Стефан Поцев, проф. во пензија