Познато е дека секаде, па и кај нас, постојат закони што ги регулираат состојбите во секоја држава во согласност со истите тие во сите области. Но прашање е како истите тие се подготвуваат, како се донесуваат и како се применуваат. Во подготовките многу е битно колку се тие содржајни, колку се транспарентни во консултации, колку се прават квалитетни анализи и колку, колку…, како и дали тие се донесуваат во редовна постапка, скратена постапка, со европско знаменце итн. Но честопати, заради нивно подобрување, се прават или нови закони или измени и нивни дополнувања. И пак прашањето е како сите тие се применуваат во практика. Знам дека со години се правени голем број измени и дополнувања на закони, а во практика не се применети и прашањето сега е кој закон важи. Таков закон, меѓу другите, е донесен во 2015 година, со измени и дополнувања, а сѐ уште не е во функција во целост, односно не се применува.
Во оваа насока, како актуелен е дадениот и повлечен закон за легализација на бесправно изградените објекти. Истиот тој е повлечен поради расправата, која имаше голема реакција од граѓанскиот сектор, стручната јавност, политичките партии итн.
Забелешки имаше повеќе, и тоа е пред сѐ од аспект на тоа што сѐ треба да се легализира. Проблемот е во тоа што не е направена солидна анализа, не се почитувани законите, не функционираат институциите, не се почитуваат деталните урбанистички планови и низа други појави што се присутни. Затоа сега се поставува прашање што да легализираме, бидејќи се градело во делови надвор од плановите, во национални паркови, крајбрежни подрачја, празни простори и други места. Сето тоа придонесува и за загрозување на културното наследство, што меѓународните институции не го дозволуваат. Случајот е познат и со градовите Охрид и Струга.
Наведените состојби доведуваат до констатација дека треба голема, навремена, законска координација во контекст на соработката, и тоа јавно и транспарентно.
По сето наведено, сакам да се осврнам на многубројните показатели за состојбите во областа на градењето, и тоа особено на „бесправно изградените објекти“. Извор на податоците се локалните единици, кои преку извештај што го пополнуваат градежните инспектори ги доставуваат до Државниот завод за статистика, а тој ги објавува. Според објавените податоци, во 2010 година бесправно биле изградени вкупно 1.630, во 2015 година – 1.061, а во 2020 година само 685 објекти. Очигледно е дека овие појави се намалени за 2,5 пати, а според ваквите состојби, веројатно во иднина истите тие ќе се намалат уште повеќе. Треба да знаеме дека наведените бројки се однесуваат на објекти за домување, доградби, надградби, гаражи, деловни објекти, огради, скалила, тераси, стреи, привремени и помошни објекти.
Вниманието најмногу го привлекува, секако, бесправната изградба на објектите за домување, односно зградите. Тие во вкупниот број на објектите во 2010 година биле 673 и учествувале со 41,3 отсто, во 2015 година биле изградени 232 згради и учество од 21,9 отсто, а во 2020 година се изградени само 98, со учество од 14,3 отсто во вкупно бесправно изградените објекти. Очигледно е јасно во кој период колку се градело и како. И за другите објекти може да се искажат состојбите, но тоа е потребно за други субјекти, цели и намери. Сакам да наведам дека е потребна длабинска анализа заради преземање мерки и активности, како и заради носење идни закони и стратегии и за други потреби.
Овие состојби со „бесправно изградени објекти“ може да се анализираат, а ги имам и анализирано како по региони така и по општини по сите видови. Појавите се присутни во сите региони, а не и во сите општини. Прашањето е дали секоја општина го пополнува извештајот што привлекува внимание за надлежните институции за почитување на законите. Истовремено е важно и битно за руралните општини што немаат појава што предизвикува работа на инспекциските служби.
Затоа е познато и јавно кажано во однос на данокот за имот на стан дека некои општини не го плаќаат. И навистина со вакви анализи се отвораат многу прашања за надлежните институции.
Покрај овие показатели, постојат и податоци за тоа колку се градени објекти и колку станови се завршени во нив. И само да напоменам дека во текот на 2020 година се градени вкупно 1.617 објекти, во кои се завршени 1.742 стана. Постојат податоци и за изградени викенд-куќи и за сите има податоци како по региони така и по општини. Но за нив има и површина и вредност што придонесува за солидна анализа.
Направенава анализа и дадениве податоци сметам дека ќе побудат интерес кај многу институции, граѓанскиот сектор и кај професионалните асоцијации.
М-р Дончо Герасимовски, аналитичар и поранешен директор на Државниот завод за статистика